Колумна на Александар Ружин за Плусинфо: Еден отсто профитери, 99 отсто жртви

Она што во моментов е топ тема, секако се изборните резултати и големиот пораз на ДПМНЕ. Но, јас сепак би сакал да се вратам во 2006та година и да ја анализирам појавата на оние ликови кои профитираа најмногу од партијата на власт а се наметнаа ширум цела Македонија. Тие се најзаслужни што нивната партија сите свесни граѓани почнаа да ја гледаат со презир. Станува збор за видни членови и активисти на оваа десничарска партија, оние на кои лажицата им падна во мед, па сега со тешко срце со соочуваат со поразот на овие избори.

Некој ќе треба нели да одговара за злоделата и проневерените македонски народни пари со кои тие си купија 10 години кралски живот. Целата трагедија настана заради лакомоста на новата македонска елита од власта. Бомбите на Заев се најдобар доказ, на кој начин тие станаа семоќни газди и господари во државата.

Овие 10 години македонскиот граѓанин беше голема жртва. 99% од членовите на ДПМНЕ се чесни луѓе, домаќини, исто како што се и оние од редовите на СДСМ и другите партии. Но, тој 1% на криминогени тајкуни и силеџии е токму она што ги отвори очите на поголем дел од граѓаните и ги натера со омраза да гледаат на врхушката на ДПМНЕ, за кои исто така постојат цврсти докази дека биле речиси сите до еден вмешани во криминал со државни пари. Слушнавме и на кој начин доаѓале до сите бизниси, уништувајќи туѓи судбини пред се.

Лично сум сведок кога на почетокот на нивното владеење оваа нова класа се мешаше и со обичниот народ, со една единствена цел. Им беше интересно да се докажат и покажат колку се тие силни и моќни во главниот град. Тоа го знаат сите оние луѓе кои се движеа тогаш и сега низ скопските ноќни клубови, па тие најдобро и ќе ме разберат, затоа што самите ги фатиле на дело со сопствени очи. Така што некаде во 2006та година често можеше во дискотеката Хард Рок да се налета на премиерот Груевски и неговата екипа. Тогаш беа во друштво на своите сопруги, партиски другари. Дури ми беа симпатични да ви кажам право, си викам, види ги не се недостапни за народот, секој им приоѓаше, се бореа за симпатиите на младите луѓе. Беа фер.

Но, тој филм многу кратко траше. Можеби година и пол дена максимум. Во меѓувреме паднаа првите тендери и бизнис зделки и се разбира, се зголемија апетитите. Скопје не им претставуваше никаков предизвик повеќе. Брзо го изгустираа градот. Наеднаш ги снема, почнаа да се докажуваат прво во Белград, а подоцна во Монте Карло, Париз, Виена. Во Скопје пак, се отвори простор за нови лица во шемата. Културниот свет се повлече наеднаш. Веќе кон почетокот на 2008та година на сепарињата на врхушката на ДПМНЕ, седнаа нивните бодигарди и наметнаа нов правец во скопскиот живот. Силеџиство, златни кајли, турбо фолк, тепачки, турканици, кратки мајчки, бицепси и трицепси постигнати со скапи хемии беа во центар на внимание. Тие локални билдери станаа синоним на еден успешен млад Вмровец.

Завршуваа работи, наплаќаа долгови, ако беше потребно се наметнуваа дури и како партнери во некои веќе постоечки и разработени бизниси. Нудеа безброј комбинации на секој од кој можеа да извлечат корист. Кога еден од нив ќе ви станеше ортак, секоја инспекција ќе ја заобиколеше вашата фирма. Формулата совршено добро функцинираше за нив, како и за некои исплашени бизнисмени кои немаа храброст да им речат не. Еден помеѓу друг се натпреваруваа кој ќе купи појака кола, глисер, скутер за вода, мотор, па веќе во 2010та ги изградија и првите вили со базени, спа центри, сауни. Станаа идоли на младите, вртеа познати градски девојки, истите ги вработуваа во државната администрација.

Отвараа локали, кафулиња, дискотеки и на тој начин ја превземаа целосна контрола на ноќниот живот во Скопје, како и во други поголеми градови. Во тие локали не беа добредојдени симпатизери на други партии, така што истите беа често и шиканирани и понижувани без реална причина само за да се повлечат и никогаш повеќе не се вратат во локалите. Но, подоцна и помеѓу нив дојде до ривалитет, па почнаа еден со друг да си местат прљави игри, со цел да се елиминираат едни со други, и тој што ќе остане да лапне најголем дел од колачот. Некои од нив уште во 2014 заминаа во други соседни држави или целосно се повлекоа од јавниот живот, сепак и тие самите се свесни колку душмани си навлекоа.

Токму таа лакомост на елитата и на бодигардите ја доведе денес партијата до целосно фијаско. Чекаат од Амди и некои забегани прорежимски пискарала да ги бодрат оние јадни и напатени 99% чесни Вмровци, од кои поголем дел се вработени во државната администрација. Оние кои за една просечна плата се манипулирани и влечени по најголемите студови по митинзи, протестираат деновиве пред ДИК а не знаат ни зошто се таму, терани се да собираат потписи, да се скараат со роднини и комшии. Мене искрено ми е жал за тие луѓе. Што да прават кога владее толку голема сиромаштија и невработеност. Уценети се дека ќе ги изгубат работните места доколку се смени власта и тоа е единствената причина поради која поголем дел од нив се во ДПМНЕ.

Како и да е, лидерот Заев, даде збор дека ниту еден од нив нема да остане без работа и без леб за својата фамија. Познавајќи ги лично Заеви, ве уверувам дека за разлика од Груевски и фамилијата, овде станува збор за екстремно чесни луѓе и домаќини. Тие вработуваат и помагаат на многумина во Струмица. Таму никогаш не се осети лошата енергија како во Скопје, дури и кога режимот беше најжесток. Македонија конечно заслужува да добие европски лидер како Заев. Човек кој ќе не врати на вистинскиот пат, патот кон Европа и Нато. Оној пат од кој власта перманентно скршнуваше, затоа што за нив изолацијата на Македонија од овие структури им продолжуваше рок во криминалот и корупцијата.

Но граѓаните кои сакаат да чекорат по патот кон подобар живот и несебично си ја сакаат државата, се одважија и покрај сите манипулации на ДПМНЕ, овој пат беа побројни и тоа го докажаа на изборите. Сепак имало надеж за нас. Драги пријатели, отпакувајте ги куферите и останете во нашата прекрасна Македонија, да градиме заедно европска и современа држава. Овде припаѓаме и овде е нашиот дом.

Сподели....Share on FacebookTweet about this on TwitterEmail this to someone

Би можело да ве интересира

Колумна на Александар Ружин за plusinfo.mk: Криминалната ДНК на ВМРО-ДПМНЕ е препознатлива

Не поминаа ниту 50 дена од конститутирањето на новата влада, а можеме да констатираме дека ...