Горан Милевски: Двата опозициски фронта ќе ја направат власта ранлива на изборите

milevski 1Интервју на Претседателот на ЛДП, Горан Милевски, за ПУБЛИКУМ.МК

______________________________________________________

ПУБЛИКУМ: Какви се Вашите впечатоци после Конгресот на СДСМ? Ќе одговорат ли позитивно опозицијата, граѓанскиот сектор, интелектуалците на повикот на Заев за заеднички настап на изборите?

МИЛЕВСКИ: Опозиционите партии веќе одговорија на повикот на СДСМ за силно обединување со граѓаните во борбата против криминалното зло кое владее со Македонија. Секој граѓанин кој смета дека ова безредие, овој апашлук мора да запре, ќе се приклучи кон нашиот фронт за демократска Македонија. Ние се бориме за држава во која секој ќе одговара пред законите незвисно од политичката определба, вероисповед, социјална положба и националност, независно од функцијата на која се наоѓа или блискоста со врвовите на партијата на власт. Секој кој сака да се врати правото и правдата во Македонија, ќе дојде со нас. Секој кој сака СЈО да си ја заврши својата работа, ќе гласа за нас. Секој кој сака да запре иселувањето од државата кое добива ранг на егзодус, ќе се приклучи кон нас.

ПУБЛИКУМ: ЛДП останува дел од коалицијата околу СДСМ, но што со партиите од десниот центар? Сметате ли дека е подобро владејачките партии да се „напаѓаат“ од два фронта, или опцијата „сите на едно купче“ може да даде поголем ефект?

МИЛЕВСКИ: Наша проценка како опозиција е дека на овие избори треба да настапиме преку два фронта. Негативната кампања која се водеше против опозицијата а најповеќе против СДСМ како најголема партија, ги одвраќа гласачите на десницата да гласаат за еден широк фронт против режимот. Настапот на опозицијата преку два фронта насочени кон иста цел, ја прави ДПМНЕ поранлива и лесна мета за победа. На десната страна, избирачите кои не сакаат да гласаат за центро-левичарските партии, ќе имаат можност да изберат помеѓу патриотите и основачите на „десната“ идеологија, или за актуелното раководство на ВМРО кое ја извалка партијата и ја ограничи демократијата и слободата во државата.

ПУБЛИКУМ: Имајќи ги во предвид анкетите кои покажуваат значителен пад на рејтингот на ДУИ, колкава може да биде улогата на опозициските партии од албанскиот политички блок врз конечниот исход на изборниот резултат?    

МИЛЕВСКИ: Јас немам увид во таквите анкети и не можам да коментирам за тој дел од гласачкото тело. За демократијата во државата е добро и ДУИ да има силни противници, бидејќи конкуренцијата го придвижува општеството и работата на луѓето ја прави поодговорна.

ПУБЛИКУМ: Што Ви кажува последната одлука на парламентарното мнозинство да не ги поддржи измените на Законот за СЈО и особено Законот за заштита на сведоци? Не е ли тоа индиректно признавање на вината на инволвираните во прислушуваните разговори?milevski 2

МИЛЕВСКИ: Разочарувачко е што членови на парламентот, претставници на граѓаните влегуваат во одбрана на криминалот и не дозволуваат институциите на системот да го расчистат сомнителното работење на владините функционери. Се сеќавате на говорите на Груевски дека правдата мора да важи за сите. Очигледно тие пораки значеле: „да важи за сите, но не и за нас“. Се согласувам со вас дека одбивањето на барањата на СЈО е чин на прифаќање на вината и обид за избегнување на правдата. Секој кој работел чесно а му е нанесена неправда со неосновано обвинување за сторен криминал, ќе инсистира случајот да се расчисти и сомнежот да се отстрани. Но во актуелната ситуација, оние кои тврдат дека се невини не дозволуваат правдата и надлежните органи да го кажат последниот збор. Се блокира работата на СЈО, партиските инсталации во судските органи ги одовлекуваат постапките и затоа ЛДП предложи формирање на специјален суд или специјално одделение кое ќе работи на предметите на СЈО. Веднаш по изборите владеењето на правото мора да има приоритет за новата влада.

ПУБЛИКУМ: Зошто ВМРО-ДПМНЕ инсистира на носење на буџетот за 2017 година олку рано? Какви замки се кријат во него, односно, колкава е можноста власта да злоупотреби буџетски средства за декемвриските избори?

 МИЛЕВСКИ: Буџетот на државата никогаш досега не се носел толку рано. Независно што изборите се во декември, новата влада може да ги сервисира потребите на граѓаните и со времен буџет. Нема никаква логика премиер во заминување да ја планира буџетската политика на новата влада и на новите министри. За тоа нема мандат од граѓаните. Одговорни политичари нема да влезат во една ваква авантура да планираат прибирање и трошење на средства без никаква согласност од народот, која се добива преку процесот на избори. Зад ваквата постапка стои намерата на владеачката партија да купува време и да создаде ситуации за одлагање на изборите. Но опозицијата е доволно совесна и нема да дозволи реализација на ваквите сценарија. Веднаш по изборите, ќе направиме темелна ревизија и ребаланс на буџетот со инкорпорирање на новите политики на идната влада кои се во насока на демократизација на општеството, поддршка на приватниот сектор особено на микро и малите бизниси, енергетски развој и инвестиции во патната инфраструктура.

ПУБЛИКУМ: Можете ли да го предвидите развојот на настаните доколку ВМРО-ДПМНЕ реализира некое од сценаријата кои можат да доведат до одлагање на зборите?  

МИЛЕВСКИ: Не верувам дека ДПМНЕ е во позиција било што да направи, а особено не да ги одложи планираните избори за 11. декември. Опозицијата во овој период е крајно внимателна и со ниедна активност не дозволува да даде повод или алиби за одлагање на изборите. Според мене, Собранието во понеделник на 17 октомври ќе се самораспушти и со тоа ќе се разрешат оправданите дилеми во јавноста дека е можно одлагање на изборите. Сценариото „избори“, е единственото можно решение за разрешување на актуелната политичка криза.

ПУБЛИКУМ: Едно по малку лично прашање: какво е чувството да се биде дел од петдневна комисиска расправа за работата на СЈО, во која пратениците од власта, но и таканаречените „независни“ пратенички, со навредливи и непримерни зборови ја омаловажуваа претседателката на СЈО?

МИЛЕВСКИ: Непримерно е универзитетски професори да се служат со такви ниски зборови и да навредуваат луѓе кои се борат за сите нас, се борат да го откријат криминалот и да ги вратат украдените пари назад кај граѓаните. Наша обврска, како пратеници и како граѓани, е да помогнеме за остварување на овие цели на СЈО. Затоа исправно го гледам и прашањето на Катица Јанева упатено до еден од пратениците: „Кого вие претставувате во ова Собрание?“.

milevski 3ПУБЛИКУМ: Верувам дека со посебно внимание ги следите настаните во Битола. Како советник во Советот на Општина Битола бевте жесток критичар на работата на градоначалникот Талески. Како ќе заврши неговата сага?

МИЛЕВСКИ: Секој човек самиот си го бира патот по кој ќе оди во животот. И покрај моите јавни предупредувања, Талески сметаше дека е недопирлив и дека може да прави што сака на функцијата која му ја доверија граѓаните на Битола. Довербата која му ја дадоја битолчани наместо да ја искористи за хумани цели и создавање на дела по кои ќе остане запаметен помеѓу народот, тој гледаме од работата на СЈО, одлучил дека треба да ја искористи за остварување на личните планови. Неговиот крај е трасиран и соочувањето со правдата за него е неминовност. Се плашам дека „Транспортер“ е најмалото обвинение за кое ќе одговара во периодот кој следи. Но неговото заврши и сите ние треба да земеме поука од тоа однесување, а поука ќе земат и граѓаните при следното гласање кое ќе се одржи на 11 декември.

____________________________________

Извор: Публикум

Сподели....Share on FacebookTweet about this on TwitterEmail this to someone

Би можело да ве интересира

Наташа Глигороска, кандидат за советник од ЛДП во Советот на Струга

За кандидат за советник во Советот на Општина Струга од страна на ЛДП е номинирана ...