Говорот на тишината, Слободан Најдовски

SlobodanNajdovskiBlogДоколку опозицијата, во рана фаза на разговорите, застане зад евентуално компромисно решение за името, тоа значи останување на власт на Никола Груевски најмалку уште еден мандат

Деновиве заминав на капење. Намерно не велам на одмор бидејќи не сум изморен од работа. Секогаш во ваква пригода со себе понесував неделни магазини и книги. Пред самото тргнување се соочив со реалноста дека во Македонија веќе нема етаблиран печатен неделник, кој може да го понесеш и да го читаш неколку дена. Од загинувањето на сопственикот на „Фокус“, Никола Младенов, нема неделен весник кој е опозиција на секоја власт и каде што власта ќе биде опсервирана од аспект на негативните појави, а не само да биде фалена.

Додека одморашите од други држави помеѓу две капења читаат неделни списанија, нам ни останува да ги прераскажуваме и толкуваме политичките збиднувања кои се случија пред да заминеме или тие што за време на ручекот сме ги погледнале на интернет, бидејќи глупаво да го носиш компјутерот на плажа, а од телефон тешко се чита.

Така, слушам двајца нашинци, кои очигледно се со спротивно стојалиште на партиско-политичката сцена, се расправаат за ситуацијата со писмото на Груевски до Самарас. Едниот, поддржувач на власта, му вели на другиот, кој е опозиционер: „Виде ли, Никола му напиша писмо и сака да го реши спорот со Грција за да ги одблокира нашите патишта за ЕУ и НАТО“. А, другиот се разбира му опонира и му вели дека тоа е само „блеф за домашната јавност“. По едночасовно меѓусебно препирање опозиционерот го прашува симпатизерот на власта, а што му пиша премиерот во писмото? Бранителот на Груевски се замисли и остана без одговор и самиот се запраша – навистина, кој е предлогот што му го напиша, освен дека сака да разговара очи во очи.

Иако е лето кога политичарите на демократските држави се на одмор, кај нас политичката атмосфера е зовриена. Тоа е неизбежно ако се има предвид дека само пред една недела беа случувањата со приемот на Хрватска во ЕУ. Негативната порака, која Македонија ја доби од високите европски претставници од плоштадот на Бан Јелачиќ власта има потреба да ја амортизира. За таа цел се иницирани два настани. Прво дојде веста дека се сретнале претседателот на Грција, Каролос Папуљас, и нашиот шеф на државата, Ѓорге Иванов, а потоа „добро информирани“ медиуми и новинари ја објавија веста и го анализираа писмото на премиерот Груевски до неговиот грчки колега.

Содржината на двата настани е покриена со голема тајност, што би се рекло се зборува во голема тишина. Политиката, особено кога е во прашање меѓународната, секогаш треба да се разгледува од разни аспекти, бидејќи во себе крие многу непознатици. Но, во никој случај од македонските граѓани не треба да се крие што било кога е поврзано со најгорливото прашање за нив од кое зависат многу други случувања, кои се од егзестенцијална природа и за државата и за граѓаните. Никој не знае каква била средбата помеѓу нашиот и грчкиот шеф на државата, официјална, случајна или само куртоазна. Уште помалку дали разговараа и што си рекоа при нивната средба или само се поздравија.

Уште неразјаснета сликата од претседателската средба, се пласираше информацијата дека премиерот му пишал писмо на Самарас. Прво со денови официјално никој од владините кругови не потврди дека е испратено писмото, а потоа за содржината ништо не се знаеше освен дека тој предлага директни разговори. Другите информации се добиваа од добро информирани извори на владата кои божем претпоставуваа што напишал премиерот, а всушност ја испитуваа јавноста за подготвеноста на одредено решение.

Мое мислење е дека, всушност, Груевски не предлага ништо конкретно и дека единствено предлага почнување преговори за проблемот. Зошто мислам дека не предлага ништо. Конкретниот предлог истовремено би значело и став на премиерот по однос на спорот за името. Кој било став поинаков од задржување на уставното име во меѓународната употреба би значело и негово потклекнување. Затоа мислам дека тој не го решава спорот. Денот кога ќе се реши спорот значи и ден на паѓање на неговата политичка ѕвезда. Но, тоа не значи само негово паѓање, туку и паѓање на политиката на ВМРО-ДПМНЕ.

За да не се случи паѓањето на рејтингот, а доколку се одлучи да го решава спорот со Грција, патот по кој неговата политичка кариера и понатаму ќе остане колку-толку да сјае, ќе го бара во изнаоѓање оправдувања. Првото оправдување ќе биде дека во Македонија има политички сили кои се сместени во предавничката опозиција, кои се подготвени целосно да го продадат името на државата, но и идентитетот на македонскиот народ. Затоа големиот заштитник на македонскиот идентитет мора да го брани тоа што може да се одбрани и ќе се согласи на компромисно решение помалку болно за нас отколку тоа што би го направила опозицијата и ќе бара граѓаните да го поддржат на референдум.

Втората насока би била дека, еве, ние сме спремни на се’, но Грците не сакаат. Тоа би била одлична појдовна точка за кампања на претстојните претседателски, а можеби и предвремени парламентарни избори. Со тоа, всушност, креаторите на поштенската политика го опипуваат пулсот на македонските граѓани. Со голема доза на сигурност мислам дека во владата веќе е нарачана анкета за испитување на јавното мислење по однос на пишувањето на Груевски.

Тоа што е интересное што премиерот, пред да го испрати писмото, не побара поддршка од опозицијата во разговорите за решавање на спорот, иако постојано инсистира на единство. Опозицијата како и македонската јавност беше зачудена од веста за писмото. На поддршка од опозицијата упатуваат (про)владините медиуми кои ги вадат опозиционерите на чист терен за отстрел. Опозициските партии не треба да бидат тие што ќе предничат во предлог за компромисно решение. Доколку опозицијата, во рана фаза на разговорите застане зад евентуално компромисно решение за името, тоа значи останување на власт на Никола Груевски најмалку уште еден мандат. Опозицијата треба само да инсистира дека е време власта да го каже јавно и јасно ставот за спорот со Грција. Ние кои не одлучуваме за решението на спорот треба да овозможиме клима премиерот да разговара. Но, во ниеден случај не треба да му оставиме оправдувачки простор на премиерот и неговата политика, дека решението го направил под притисок на опозицијата и разноразни лоби- групи во Македонија, било соросоидни или предавнички како што тие ги нарекуваат.

Барањето за прецизирање на ставот на власта треба да биде опозициска алтернатива на политиката тргни-застани која ја применува власта, а која се состои во стратегија де се подготвени на компромис, ама разумен, де се исклучиво за Република Македонија ерга омнес. Еднаш сакаат да изнајдат решение на обострано задоволство, еднаш не попуштаат од уставното име.

Во предизборна година на неуспешната политика на Груевски му треба алиби за две ситуации. Едната за неуспешната политика на економски план, а другата за застојот во евроатлантските асоцијации. И по однос на двете досега успешно игра. За првата оправдувањето е во светската економска криза, а за другата во спорот со Грција. Во ситуација на речиси целосна контрола на релевантните медиуми, со ретки исклучоци, кон овие две алиби-ситуации власта ќе ја влече и сместува или ќе ја поврзува опозицијата. Истовремено ќе настојува да завладее говорот на тишината и да ја елиминира јавната расправа за буџетската состојба, за задолжувањата, за сиромаштијата на граѓаните, за корупцијата и непотизмот. Колку и дали сето тоа навреме ќе биде прочитано зависи од нас самите.

Сподели....Share on FacebookTweet about this on TwitterEmail this to someone

Би можело да ве интересира

Колумна на потпретседателот на ЛДП, Проф. Д-р Зоран Шапуриќ за porta3.mk: На патот кон еколошка држава

Почетокот на шесеттите години од минатиот век е обележан со јакнење на свеста за потребите ...