Проф. Д-р. Славески – Претседател на одборот за безбедност на ЛДП: Ердоган во Турција е неспоредливо помоќен од Груевски во Македонија! -Интервју за Фактор.мк

Slaveski SАктуелната власт на Република Македонија одржуваше многу добри односи со турските политички лидери. Во таа смисла случувањата во Турција можат да имаат ефект и на Македонија, како пример, како една власт се пресметува со своите политички противници. Меѓутоа овдешната власт ја нема моќта која ја има Ердоган во Турција и не верувам дека кај нас можат да се случат слични процеси, вели  универзитетскиот професор Стојан Славески.

„Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, и нашиот поранешен премиер, Никола Груевски, во некои елементи имаа сличен стил на владеење. Но,  Груевски ја нема таа политичка моќ која што ја има турскиот претседател. Тој е сега само лидер на политичка партија, кој размислува за тоа кој ќе го наследи на тронот во партијата и не верувам дека може да се впушти во нешто кое на крајот на денот сигурно ќе има негатитивен ефект за него“,  проценува нашиот соговорник кој е експерт по безбедносни прашања .                                                                                                                                     

Славески вели дека војската не смее и не може да биде решение за демократизацијата на едно општество.                                                                 

„Македонскиот  претседател, во јавен настап, спомена дека размислувал да ја употреби АРМ за да се пресмета со луѓето кои протестираа  во земјата.                              

Секој кој што тоа ќе го направи се соочува со своја политичка елиминација“,  децидент е професорот од Европскиот универзитет.

Тој смета дека воениот удар во Турција е  изведен  „аматерски“ односно без целосната поддршка на воениот ланец на командување.                                                  

„Вообичаено во вакви удари прво се лишуваат од слобода клучните луќе во државата  а потоа се преземаат институцииите во земјата  и се  воспоставува нова „преодна власт. Тоа што сега го прави власта во Анкара е класично пресметување со политичките противници“, објаснува  Славески.

Според него на ЕУ и е многу важна  соработката со Турција, особено во контекст на бегалската и мигрантската криза. Европа е исплашена од нов голем бран на мигранти и бегалци. Тоа Ердоган многу добро го знае !

Разговараше Горазд Чомовски

Фактор: Во 1960 година турската војската го отстрани премиерот и потоа го обеси. Три удари следеа во следните четири децении – во 1971 година, во 1980 година и во 1997 година. Најбруталниот пуч во модерната турска историја беше оној од 1980 година, кога војската егзекутираа 50 лица и уапси околу 60.000 луѓе а  на неколку илјади им се изгуби  трага. Дали  актуелните  случувањата се неуспешен обид за државен удар или воениот преврат е исцениран од  претседателот Реџеп Таип Ердоган наметувајќи исламизација на државата?

Славески: Долги години армијата во Турција ја имаше улогата на чувар на секуларноста на државата и повремено, кога ќе проценеше дека е потребно, излегуваше на јавната сцена со барања за зачувување на вредностите кои ги воспостави  Кемал Ататурк. Меѓутоа ваквата улога на Армијата во општеството не е во склад со западните вредности за демократија и владеење на правото. Турција како кандидат за членство во ЕУ требаше да исполни бројни стандарди за владеење на правото, помеѓу другото, и за намалување на улога на Армијата во општеството. Тоа мудро го искористи Ердоган.

По своето негативно искуство со армијата на Турција, Ердоган, паралелно со зацврстување на својата позиција како лидер на земјата, користејќи ги овие барања на ЕУ започна процес на ограничување на улогата на Армија и зајакнување на полициските сили кои што му се лојални. Што се однесува до изведувањето на овој последен, неуспешен воен удар, очигледно е дека истиот е изведен „аматерски“ односно без целосната поддршка на воениот ланец на командување. Вообичаено во вакви удари прво се лишуваат од слобода клучните луќе во државата (претседателот, премиерот, министрите, пратениците итн.) а пото се преземаат институцииите на држават и се  воспоставува нова „преодна власт“ која ќе ја управува државата до нови слободни и демократски спроведени парламентарни избори. По што се врши трансфер на власта и армијата се враќа во касарните.

Дали овој државен удар е исцениран од Ердоган или некој друг центар на моќ е тешко да се каже во овој момент. Меѓутоа, тоа што го прави власта во Турција, по неуспешниот државен удар, е класично пресметување со политичките противници кое е добро испланирано и сега е одличен момент тоа да се реализира.

Фактор: Речиси пред завршувањето на мандатот на секој американски претседател  сведоци сме на воени конфликт. Идикативно е и тоа што два дена пред  пучот,  Франција го затвори конзулатот во Анкара . Дали ова може да се толкува како ново геостратешко прегрупирање и обид да се профитира  од крвопролевањата?

Славески: Сигурно е дека западните земји имале одредени сознанија дека нешто се спрема во Турција. Дали тие информации ги споделувале со турските власти тешко е да се каже во овој момент. На Блискиот Исток се случува ново геостратегиско прегрупирање и сигурно дека и ова што се случува сега во Турција е дел од целиот тој процес. Турција, во обидот да биде главна регионална сила,  ги влоши односите со другите регионални играчи (Русија, Израел, режимот на Асад, Иран) ги затегна односите со САД (свој долгогодишен сојузник), ги обнови непријателствата со Курдите и се најде изолирана во своите настојувања. Неуспесите на турската недворешна политика сега ќе се компензираат со зајакнување на внатрешната моќ на турскиот претседател.

Фактор: Западот излезе со поддршка  за демократски  избраната Влада во Турција, од друга страна, светските медуми   предупредуваат дека  допрва следуваат тешки денови за земјатабидејќи Ердоган важи за осветољубив, авторитарен, импулсивен и тврдоглав политичар?

Славески: А што друго можеше да стори Западот? Нормално е да се поддржи легално избраната власт на земјата. Меѓутоа, поради блокадата на турските аспрации за членство во ЕУ мала е улогата која Унијата ја има во однос на внатрешните случувања во Турција. Соработката на ЕУ со Турција е многу важна, особено во контекст на бегалската и мигрантската криза. Европа е исплашена од нов голем бран на мигранти и бегалци. Тоа Ердоган многу добро го знае и затоа сега остро ќе се пресмета со своите политички противници.

Фактор:  Македонија и останатите земји од регионот  најчесто  функционираат по принципот на „врзани садови “. Ако се има во предвид дека Турција  досега беше главна порта за беглаксите бегалските бранови може ли  нашата земја да оста недџопрене а да се избегне  евентуално домино ефектот  врз Балканот ?

Славески: Националната безбедност на секоја од балканските земји зависи од регионалниот контекст и безбедноста во другите земји. Актуелната власт на Република Македонија одржуваше многу добри односи со турските политички лидери. Во таа смисла случувањата во Турција можат да имаат ефект и на Македонија, како пример, како една власт се пресметува со своите политички противници. Меѓутоа актуелната власт ја нема моќта која ја има Ердоган во Турција и не верувам дека кај нас можат да се случат слични процеси.

Фактор: Може ли и дали смее воен удар да се смета како демократско решение или ваквиот модел  на уривање на власт  е недопустлив. Прашањето ми е  во контекст на паралелите   кои се прават во начинот на владеење кои го практикуваат  Реџеп Таип Ердоган и Никола Груевски?

Славески: Војската не смее и не може да биде решение за демократизацијата на едно општество. Самата природа на војската и начинот како таа функционира е во спротивност со демократските стандарди и западни вредности кон кои ние како општество тежнееме. Иако и нашиот претседател , во јавен настап, спомена дека размислувал да ја употреби АРМ за да се пресмета со протестантите во земјата, секој кој што тоа ќе го направи се соочува со своја политичка елиминација. Македонското и турското општество се дијаметрално различни и не можат да се применуваат исти методи на владеење. Сепак треба да се каже дека актуелниот претседател на Турција, Реџеп Таип Ердоган, и нашиот поранешен премиер, Никола Груевски, во некои елементи имаа сличен стил на владеење. Но треба да се напомене дека господинот Груевски ја нема таа политичка моќ која што ја има турскиот претседател. Тој е сега само лидер на политичка партија, кој размислува за тоа кој ќе го наследи на тронот во партијата и не верувам дека може да се впушти во нешто кое на крајот на денот сигурно ќе има негативен ефект за него.

__________________

Извор: ФАКТОР:МК

Сподели....Share on FacebookTweet about this on TwitterEmail this to someone

Би можело да ве интересира

Министерот Зоран Шапуриќ гостин на ТВ Плус Куманово

Министерот и потпреседател на ЛДП, Проф. д-р Зоран Шапуриќ, гостуваше во телевизијата “Плус ТВ Куманово“. ...