Интервју на директорот на КПД “Идризово”, Антонио Димов: Затворот Идризово помеѓу минатото и иднината!

Извор: https://vecer.press/


Новиот директор на казнено-поправниот дом “Идризово”, Антонио

Димов кој доаѓа од редовите на ЛДП вели дека затворот го затекнал во многу лоша состојба. Покрај финансиските проблеми, затворот има недостатокот на униформирани полицајци, транспортни средства и опрема за секојдневно извршување на работите. На затворот Идризово, во моментов, за да може нормално да функционира неопходни му се 100 нови лица

Во каква состојба го затековте затворот “Идризово” и што планирате да направите во иднина за да го подобрите работењето на институцијата?

Затворот Идризово го затекнав во многу тешка општа, а посебно финансиска состојба. Половина од одобрениот буџет за 2018 година е веќе доспеан долг, а останатата половина е долг кој треба да се плати за тужби на вработени за неисплатени плати и останати добавувачи. Затворот во моментов се наоѓа на времено финансирање од два месеци, а буџетот е намален за 37 отсто од планираното. Тоа практично значи дека затворот Идризово нема буџет за извршување на секојдневните обврски. Ваквата состојба е резултат на десетгодишното лошо финансиско работење на претходните управи на затворот кои многу повеќе ги интересирало функционирањето на затворот ден за ден, отколку решавање на проблемите за подолг период. Проблемите се појавувале системски и во континуитет. Состојбата со храна во затворот е очајна, а слична е состојбата и со другите делови во затворот. Практично не постои дел во затворот кој не се соочува со чувствителни проблеми, кои главно се поради наследената извонредно лоша финансиска состојба. Управата за извршување на санкции која е првостепен корисник на буџетот и која му одобрува средства на Идризово недоволно посветува внимание на финансиските потреби на затворот.

Каква е состојбата со бројот на униформирани затворски полицајци, дали има доволно и дали се обучени за оваа работа?

Проблемите во секторот на безбедност се едноставно од сензитивна природа. Во моментот вложуваме максимални напори за создавање услови за целосно исполнување на националните безбедносни критериуми, како во однос на бројот на униформирани затворски полицајци, така и во системите за електронски надзор и видеонадзор на институцијата. Во тој поглед уште од првите денови на менаџирање со оваа пенитенцијарна институција се обидувам да воспоставува институционална соработка со Министерството за внатрешни работи, но и други институции чија инклузија може да придонесе за подобрување на општата перцепција за состојбите во КПД Идризово. Тука, пред се мислам и очекувам поддршка од Министерството за правда и Владата на Република Македонија предводена од претседателот г. Зоран Заев! Доколку сакаме влез во ЕУ ова е неодминлив приоритет за институција од ваков карактер. Наследениот недостаток од униформирани полицајци се надоврзува и со потребата од нивна континуирана едукација како за националните прописи за почитување на човековите слободи и права на затворската популација, така и за почитување на меѓународните стандарди во оваа област. Според мене, тоа е европскиот пат за подигнување на нивната стручност и професионалност. Голем дел од затворските полицајци во изминатите 10 години е примен без никаква претходна обука, селекција и подготвеност да се соочат со предизвиците. Тоа значи дека најголем дел од затворската полиција не се луѓе кои се подготвени да работат во ваква институција. Преку скенирање на капацитетот со човечки ресурси во затворот Идризово се доаѓа до заклучок дека во моментов за да може ефикасно и ефективно да функционира неопходни му се 100 нови лица. Меѓутоа, пред да се вработат тие луѓе мора да се направи некаква селекција, односно некој претходно да ги подготви физички, психички и технички за да можат да работат во затворот. Капацитетот на постоечкиот кадар е на ниво кое е опишано и во оценката на Европската комисија за исполнување на критериумите на нашата држава во оваа област.

Дали затворот располага со доволно основни средства за работа, оружје, муниција, опрема…

Состојбите во однос на техничката опременост во КПД Идризово исто така не се розови и за пофалби. Во планот за јавни набавки потребно е да се предвиди ставка за набавка на муниција, што за институција како што е затворот Идризово е од примарно значење. На тој начин ќе се надмине постоечката состојба за овие потреби во пресрет да ни излегуваат Министерството за внатрешни работи и Армијата на РМ. Во Европската Унија постојат стандарди во оваа област и ние треба да ги имплементираме. Тоа ќе се постигне преку обезбедување сопствен буџет за затворот Идризово со квалитетен надзор и контрола. За таа цел потребно е за овие прашања поголем сенс и координација да се постигне со Управата за извршување на санкции која е должна да ги следи потребите и функционирањето на затворите во државата заради што и впрочем постои Управата за извршување на санкции.

До каде е изградбата на двата нови дела на затворот и до кога се планира истите да бидат завршени?

Во Идризово во моментов во тек е изградба на два нови дела на затворот, полуотворено и отворено одделение. Изградбата оди со многу бавно темпо, а која е причината за таа работа одговорот исто така треба да го даде Управата за извршување на санкции. Ставањето на овие два нови дела во функција исто така ќе предизвика потреба на дополнителна работна сила, нови униформирани полицајци…
Што се однесува до состојбата во администрацијата ситуацијата не е ништо подобра. Администрацијата го следи текот на сите постапки, контактирањето со сите судови во државата, односно се оди преку администрацијата. Идризово како затвор со најголем број затвореници и контакти со сите основни и виши судови во државата има недостаток како на квалитетен административен кадар, така и на основни средства за работа, компјутери принтери, тонери и се останато. Од друга страна од затворот Идризово секојдневно се носат осуденици по судови ширум државата и има недоволна екипираност со транспортни средства.

Што ќе направите за да ја подобрите ваквата лоша состојба во затворот?

Бранот на промени кои ги отпочна новата влада несомнено дека ќе го опфатат и пенитенцијарниот систем во нашата држава. За таа цел од моја страна ќе бидат иницирани сериозни проекти и идеи за надминување на постоечката состојба како на планот на јакнење на безбедносните капацитети на затворот, на подобрување на положбата на затворската популација, јакнење на човечките ресурси и подобрување на нормативната рамка. За овој краток период, може да нотирам дека за прв пат по 30 години затворот Идризово има сопствено амбулантно возило кое е добиено од ЈЗУ Скопје како донација. Со помош на оваа амбулантно возило голем дел од случаите ќе ги решиме сами. Така сега не мора да бараме брза помош за носење по клиниките и болниците, туку ќе можеме сами да го направиме тоа. Идризово мора да добие поголем буџет. Решавањето на овој системски проблем на затворот Идризово е во корелација со добивање на позитивни оценки од ЕУ, Комитетот за тортура итн. Се надеваме дека овие состојби ќе бидат согледани од министерот за правда и Владата на РМ и ќе бидат надминати. Во моментот затворот Идризово претставува голем проблем, ова е предизвик кој државата треба да го реши за да ги исполни условите во делот на правото за влез во ЕУ. Очекувам поддршка од Управата за извршување на санкциите, Владата, невладиниот сектор и академската заедница во нашата држава.

Во однос на тоа дека во последно време имаше многу бегства од македонските затвори, каква е состојбата во однос на ова прашање во затворот Идризово.

Бегствата од затворите кај нас и во светот не се нешто ново, ниту пак постои пенитенцијарна установа која е имуна од овој проблем. Предизвик е како да се редуцираат условите кои ги овозможуваат овие негативни појави во затворот. Според мои информации од затворот Идризово одамна не постои организирано бегство на група затвореници, а поединечни изолирани случаи не можат да ја нарушат перцепцијата за затворското обезбедување. Независно од постоечката состојба со човечки ресурси верувам во способноста на затворското обезбедување, имам редовно контакти со нив, разговараме за проблемите и заедно бараме нивно решение. Секогаш се трудам да го слушнам и другото мислење и истото да го почитувам. Сметам, дека заедно како тим може да имаме ефикасен успех.


Извор: https://vecer.press/

Сподели....Share on FacebookTweet about this on TwitterEmail this to someone

Би можело да ве интересира

ЛДП-Славески: Потпишан Меморандум за соработка со Комората за приватно обезбедување

Директорот Дирекција за безбедност на класифицирани информации, Стојан Славески, потпишa меморандум за соработка со претседателката ...