Филип Јаневиќ: ДАРКО ПОБЕДИ, НИЕ ИЗГУБИВМЕ

Жално е да се гледа македонскиот ТВ гледач во последните години. Хибернира пред ТВ екранот менувајќи турски серии од еден на друг канал, па кога ќе заврши со тоа, малку музичка релаксација со грандови и пинкови таленти, за на крај онака пред спиење и добар сон, да го заврши денот дали со Велики Брат дали со Малдиви дали со Парови, или по некоја Фарма. Помеѓу овие емисии имаме информативна програма во форма на вести која треба да не подсети, дека опозицијата ни е предавничка, Груевски најпатриот, ДПМНЕ работи за народот, ама земјата не напредува заради опозицијата. Претпладне имате репризи од сето ова. И ова е отприлика распоредот на главните медиуми кај нас, кои се раликуваат по насловот на турската серија, насловот на шоуто за певаљки и скриени таленти и наслов на реалити шоуа. Ни дрога ни алкохол не е потребно за вакво ментално затапување кое се случува во континуитет со години.

Денеска ви тврдам дека ДПМНЕ не само што не е патриотска туку напротив е најпредавничка партија на македонскиот културолошки индетитет.  Лупнаа 700 милони евра на Скопје 2014, во бронза, мермер и стиропор кој според нив требаше да го зацврсти и воспева индетитетот на македонецот, а на телевизиите во кои Владата најмногу се рекламира со наши пари, глава не кренавме од турски серии и српски рејалитиа. На прашањето зошто толку многу форсираат таква програма, како папагали одговараат дека публиката тоа и го гледа и го бара. Пази немој! Пошто ако пуштат Breaking Bad, House of Cards  или не дај боже Game of Thrones никој нема да гледа.

Е сега, кога последен пат тука во Македонија, сме изгледале македонска играна ТВ серија со македонски глумци со македонска режија? Да не зборувам пак некоја македонска серија да се имитува во Белград, Загреб, Софија. Па попрво Ѓоле книга на англиски ќе напише отколку тоа да се случи. Нас како на народ кој е дел од словенската група на народи, опасност за асимилација, претопување и губење на културолошкиот индетитет не ни доаѓа од етнички групи и народи различни од македонскиот како албанскиот или грчкиот, напротив таа опасност доаѓа од слични на нашиот по јазик, традиција и култура како српскиот и бугарскиот. Историски македонецот секогаш бил ставан како подгрупа или дел на на српскиот или бугарскиот народ, а многу помалку или речиси воопшто како дел од грчки и албански. Само за новиот театар во Скопје 2014, потрошија 65 милони евра со златни кровови, а по 10 години од најпатриотската Влада, на МТВ уште пуштаат Бушава Азбука од пред 30 години. Не дека Бушава Азбука е лоша, напротив, туку ни чекор подалеку не сме мрднале.

И не е толкав проблем што т.н ријалити е од Србија, Хрватска или не знам од каде…проблемот е кои вредности истото промовира. Агресивно и малоумно однесување од страна на психички нестабилни личности?  Што се овие ријалити шоуа ако не модерни психолошки концетрациони логори каде се поигруваат со емоциите и психата на и онака нестабилните учесници? На која победа се радуваме денеска? Што победивме? Дарко најверојатно си е фин и добар дечко, ама тоа ли беше поентата? Најдовме нормален човек во соба полна со пациенти? Ова не е проблем што се решава од типот имаш далинско па мењај канал, не, затоа што на наредниот канал ќе ве дочека нешто позабегано од претходниот, со повеќе простотилaк и сељачко однесување, повеќе малограѓанштина а помалку здрав разум. Системско и планско затапување на публиката. Едноставно тоа е секаде околу Вас и сакале нејќеле ќе се фатите самите сабе како од време на време гледате. За жал статистиката покажува дека т.н прајм тајм на медиумите има огромна посетеност. Ако малку подетално анализирате, верна публика на овие шоуа во сериозен процент се малолетници. Такви ли вредности сакаме да промовираме?

За крај еве еден мал предизвик за медиумите во Куманово. Нека направат анкета во било кое кумановско средно училшите со само две прашања. Едното да биде да се набројат 3 нобеловци/ки, од било која област, од било кое време, а второто да се набројат финалистите на Велики Брат за оваа година. Што мислите какви одговори ќе добиеме?

Да живее Големиот Брат!?

_________________________

Филип Јаневиќ – Портпарол на ЛДП

Сподели....Share on FacebookTweet about this on TwitterEmail this to someone

Би можело да ве интересира

Колумна на потпретседателот на ЛДП, Проф. Д-р Зоран Шапуриќ за porta3.mk: На патот кон еколошка држава

Почетокот на шесеттите години од минатиот век е обележан со јакнење на свеста за потребите ...