Колумна на Проф. Стојан Славески: Клучни области на рекомпонирање на одбранбениот систем

stojan_slaveski_3

Сегашната поставеност на системот за одбрана сама по себе е предизвик. Функционалната деградација на системот за одбрана, односно континуираното губење на функционалната логичност и оправданост е евидентна, заради постепеното губење на функциите за одбрана од надворешен непријател на територијата на РМ, со оглед дека не се очекува конвенционален напад, а концептот на армијата е врз конвенционални основи

_____________________________________

Како продолжение на колумната од минатата недела овој пат сакам да дадам свое видување за клучните области што треба да се реформираат во насока на реизградба на одбранбениот систем. И покрај тоа реформата треба да се спроведе според единствена и транспарентна методологија на оценување на вистинските потреби, функционалната ефикасност и реалните компетенции и капацитети, најголем предизвик се смета дека ќе биде намалувањето на персоналот особено во Министерството за одбрана (МО) и нефункционалните штабови и единици во АРМ.

Имено со Стратегискиот одбранбен преглед (СОП) од 2004 со кој МО и АРМ се реформираа и трансформираа во помалку од 570 вработени во МО и приближно 7.600 формациски места во АРМ што реално беа пополнети со околу 5.500 што беше и првата работна процена за потребен персонал на армијата. Меѓутоа, годините наваму бројот на персонал во МО нарасна за близу двапати, а АРМ со новите приеми и задржувањето на постарите професионални војници по укинување на старосната граница речиси до нивното пензионирање некако се пополни близу утврдените формациски места што нараснаа на близу 8.000. Не треба да се заборави дека ова нараснување на персоналот се случи во услови кога се отстапија функции на Центарот за управување со кризи, на Дирекцијата за заштита и спасување, на граничната полиција и некои други ингеренции пренесени на други институции.

Самото тоа наведува на заклучокот дека за ревитализирањето на одбраната ќе биде потребно да се преоцени потребата од задржувањето на персонал во толкав број. Но се разбира дека заклучокот за постапувањето по ова прашање, би се донел по сеопфатно спроведена процена како резултат на функционална анализа и утврдување на потребните способности и капацитети за новопроектираните задачи и напорите за остварување подобра вредносна ефективност. Оваа реформска определба треба да опфати згрижување и корпоративен трансфер, ресоцијализација и ангажирање на вишокот персонал на други комплементарни должности во договорни организации што би се формирале за поддршка на одбраната, при што ниеден вработен не би требало да се остави без соодветна понуда за работа.

Ако одбранбените институции ги надуете за 100 до 150 проценти од проектираниот персонал со СОП, а притоа имате намален обем на функции и имате стареење на офицерскиот кор, со хронична непополнетост на армиските единици и на прием заради социјален мир на професионалните војници на кои им завршил договорот, и да се издвојуваат 4 отсто од БДП за одбрана, средствата нема да бидат доволни. Оттука потребно е да се преоцени бројноста на воениот и цивилниот персонал во МО и АРМ во согласност со начелото за поефикасна, поефективна и поостварлива структурна основа како оптимален кореспондент на економската состојба на земјата. Притоа би се настојувало учествата во меѓународните операции да бидат финансирани целосно од централниот буџет, а средствата за одбраната да не се делат со другите одбранбено-безбедносни институции како ЦУК и ДЗС.

Во моментот координацијата помеѓу државните институции задолжени за планирање, организирање и спроведување на активностите во рамките на безбедносниот систем е на многу ниско ниво. Но и самото тоа што формално координацијата се задржала само на дел од сегментите на некогашниот „систем на одбрана и заштита“, а не на современ безбедносно-одбранбен систем зборува за нејзината неефикасност. Имено системот на одбрана и заштита беше актуелен во организирање на одбраната во поранешна Југославија, а денес неминовно треба да се зборува за одбраната во рамките на широкиот концепт на безбедноста.

Сегашната поставеност на системот за одбрана сама по себе е предизвик. Функционалната деградација на системот за одбрана, односно континуираното губење на функционалната логичност и оправданост е евидентна, заради постепеното губење на функциите за одбрана од надворешен непријател на територијата на РМ, со оглед дека не се очекува конвенционален напад, а концептот на армијата е врз конвенционални основи. Понатаму, за намалување на функциите или ако сакате основните цели и задачи зборува лимитираната употреба на армијата за асистенција на цивилните власти, а нејзината единствена употреба надвор од РМ во операции за зачувување на мирот се операции што од политички, економски (коруптивни) или лични мотиви се со потенцијална спорна оправданост во согласност  со досегашните искуства.
Што се однесува до состојбите во нормативно-правната регулатива во одбраната има многу што да се забележи. Законот за одбрана и другите комплементарни закони што се однесуваат на вработените во одбраната и во армијата како и низа подзаконски прописи, кои иако со многубројни измени и дополни се одраз на летаргичниот застарен одбранбен систем и со самото тоа одраз на нефункционалност и неефикасност. Постојните нормативноправни акти се еден од изворите за неефикасност, конфронтација и незадоволство. Доколку истите тие се подложат на уставност и законитост пред независни судски власти во повеќе случаи би покажале неуставност и незаконитост, што може да се потврди и низ големиот број спорови што се водат пред надлежните судови.

Некој во блиското минато заговараше и враќање на воената обврска. Треба отворено да се каже дека таквата идеја во најмала рака е неостварлива. Тоа што се изгуби со укинувањето на регрутната обврска, а првенствено тоа е каузалниот однос помеѓу општеството и одбраната и самата посветеност за одбрана мора да се надомести на друг начин. Целосна професионализација е неминовна и логична и во тој правец доброволното служење воен рок треба да се размисли да се направи поефикасно и во правец на рационална оправданост и функција на градење армиски персонал.
Од друга страна, постои логика за формирање резервен состав, но потребен е сосема нов концепт различен од оној што резервниот состав сака да го третира како приврзок на активниот дел. Резервата повеќе би требало да личи на воената гарда на САД, која повеќе би се ангажирала во справување со елементарни и цивилни непогоди и катастрофи отколку во воени операции и тоа само со мал елитен дел. Но кај нас во моментот проблем е не само сакањето (желбите), структурирањето туку и начинот на пополна. За познавачите нема веќе нераспореден потенцијал во картотеките, кој е помлад од 40 години што служел воен рок.

Нема пополнети единици ниту материјално ниту персонално ниту има мобилизациски собиралишта, функционален мобилизациски систем ниту анализа какви единици, односно способности и капацитети ни се потребни и како би можеле да ги добиеме. Нема ништо од тоа, а се намалува и интересот за доброволно служење на воен рок што е услов за преведување во активен или резервен состав. На крајот нема ниту политика ниту регулатива како обврзниците би биле третирани по однос на редовните работни обврски онаму каде што се ангажирани, како ќе им мирува работниот однос каков ќе биде надоместокот итн. Да не заборавиме дека со буџетот онаков каков што е и прекубројноста во АРМ и МО, нелогично е да се размислува за резерва што нема да може да се опреми и да се обучи.

____________

Извор: Нова Македонија

Сподели....Share on FacebookTweet about this on TwitterEmail this to someone

Би можело да ве интересира

Колумна на потпретседателот на ЛДП, Проф. Д-р Зоран Шапуриќ за porta3.mk: На патот кон еколошка држава

Почетокот на шесеттите години од минатиот век е обележан со јакнење на свеста за потребите ...