Проф. Стојан Славески: Враќање на достоинството

stojan_slaveski_3Доколку се направи истражување во кое партиите би ги отвориле своите картотеки, треба да се верува дека голем дел вработени во Министерството за одбрана и во армијата на Република Македонија би можеле да се пофалат со партиска книшка. Оваа партизација на одбраната е „новина“. Ако во минатото тоа беше случај за полицијата и разузнавачките и безбедносни служби, сега политиката длабоко навлезе и во одбраната. Не може да добиете вработување, унапредување или да одите во мисија во странство ако партијата не даде согласност

____________________

Прашања што бараат јасен одговор се и оние што се поврзани со воено образовниот систем, каде што влегува и оправданоста или неоправданоста на новоформираниот универзитет „Дамјан Груев“. Тука веднаш и би можело да се одговори дека ако системот за образование во општеството е во криза, мерено според многу показатели, и покрај мултипликацијата на носители на академски титули, системот на образование и обука во одбраната тешко дека би можел да биде подобар од општествениот.

Па, така, за одлуката за востановување на универзитетот „Дамјан Груев“ логиката вели дека станува збор за партиска манипулација и бизнис на позицијата во образовната сфера. А тоа е така бидејќи на предлогот не му претходеа детални анализи. Имено, дали постојните Факултет за безбедност (на универзитетот „Свети Климент Охридски“) и Институтот за безбедност, одбрана и мир (на Филозофскиот факултет при универзитетот „Свети Кирил и Методиј“), кои едуцираат кадри за безбедноста и одбраната, треба да бидат дел од нововостановениот универзитет или, пак, треба да останат надвор од рамките на „Даме Груев“.

Сепак се покажа дека ова второто е вистина, што значи дуплирање на образовните институции. Наместо да се зајакнуваат капацитетите на постојната Воена академија, се дисперзираат ресурсите и капацитетите што се недоволни за задоволување и на актуелните потреби. Понатаму не е направена анализа колку лица на пример од дипломираните студенти на веќе постојниот Институт за безбедност, одбрана и мир се вработени во одбранбените структури, колкава е реалната потреба на сите звања од прв, втор и трет степен на сите од осумте предложени образовни целини (факултети и институти), а со тоа и колку студенти од земјата и регионот би можело да се очекуваат на идните студии, која и какава е вкупната потреба од такви кадри и како би се ангажирале тие и би ја оправдале општествената потреба. Немајќи ниедна од овие аналитички содржини, наведува на убедување дека формирањето ваков универзитет не е сериозно и значи создавање дополнителна некомпетентност во образованието, во овој случај военото.

Стручната подготовка има одредено влијание, кое не треба да се потцени во правилното вршење на функциите во одбраната. Стручната подготовка, дополнета со соодветно работно искуство во одбранбените институции, би требало да има значително влијание во ефективно извршување на функциите. Сепак, ниту образованието не е она што некогаш било, а менаџирањето со кадрите, за жал, е доминантно партиско и субјективно. На пример, во Министерството за одбрана има најмалку вработени лица со завршен факултет за одбрана, кој логично би требало да биде основен кадар што постручно би ги извршувал функциите од носителите на други професии.

АРМ е институционална форма што мора да одговара на барањата на општеството и затоа треба да биде максимално отворена и транспарентна пред своите граѓани. Но дали може да се постигне тоа кога стандардот на вработените во одбраната и на припадниците на АРМ континуирано опаѓа. Ако се знае дека стандардот недвосмислено влијае на моралот и посветеноста, а тие на ефикасноста, фразите како онаа „…и покрај пројавените слабости, а пред сѐ недоволните финансиски средства, со исклучителна посветеност и залагање успеавме во целост да ги реализираме поставените задачи“, се само одраз на лагите на некадарните менаџери без кредибилитет кога истите тие зборуваат за состојбите во одбраната.

Дополнително, иако никаде нема да се најдат конкретни податоци, на прашањето за влијанието на партиите во одбраната слободно може да се каже дека тоа е присутно кај најголем дел од вработените. Доколку се направи истражување во кое партиите би ги отвориле своите картотеки, треба да се верува дека голем дел вработени во Министерството за одбрана и во армијата на Република Македонија би можеле да се пофалат со партиска книшка. Оваа партизација на одбраната е „новина“. Ако во минатото тоа беше случај за полицијата и разузнавачките и безбедносни служби, сега политиката длабоко навлезе и во одбраната. Не може да добиете вработување, унапредување или да одите во мисија во странство ако партијата не даде согласност. Ова може да се спречи само со законски измени со кои на униформираниот состав ќе му биде забрането членување во политички партии.

Сето тоа повторно нѐ враќа на разнебитените цивилно-воени односи. Што имаме денес. Актуелно постои политичко-воена депресијација на стручниот кадар и негова злоупотреба или изолација. Воените лица раководат со повеќето клучни сектори во Министерството за одбрана, а политиката со Генералштабот на АРМ. Во вакви услови верувам дека ќе се согласите со мене дека министерот иако цивил воопшто не претставува патрон на цивилната демократска контрола и неговата лимитирана функционална корист оди во правец во име и за интерес на оној што го поставил, без оглед на сопствената компетентност, која може но и не мора да биде многу висока.

Административниот работник во одбраната треба да се третира како „специјалист“ во својата област, а припадникот на армијата да ја има позицијата на „ексклузивност“. Од вработените во овој сектор се бара да вложат дополнителни напори во вршењето на секојдневните работни обврска и за тоа треба да бидат соодветно третирани и наградени. „Одбранбениот експерт“, како што некој милува да го нарекува вработениот во одбраната, треба да се оттргне од понижувањето со знакот за еднаквост направен помеѓу него и широкиот поим на општ административен работник. Треба да се знае дека не може да постои општа заменливост помеѓу познавач на одбраната и познавач на социјалниот или некој друг сектор во општеството. Во таа смисла е и конотацијата на утврдувањето на вистинската општествена позиција на военото лице (војник, подофицер, офицер), како ексклузивност, односно посебна професија што подразбира спој на многу способности, психофизички карактеристики и концентрација на знаења и вештини што не можат да се обезбедат кај ниедна друга општествена групација. Тоа подразбира респект и вистинско ангажирање и правилно и соодветно наградување или, ако сакате, категорија на персонал со посебни карактеристики, на која допрва ѝ претстои да си го поврати достоинството во општеството.

__________

Извор: Нова Македонија

Сподели....Share on FacebookTweet about this on TwitterEmail this to someone

Би можело да ве интересира

Колумна на Александар Ружин за plusinfo.mk: Криминалната ДНК на ВМРО-ДПМНЕ е препознатлива

Не поминаа ниту 50 дена од конститутирањето на новата влада, а можеме да констатираме дека ...