Комулна на Проф. Стојан Славески: Кој манипулира со безбедносните сертификати?

stojan_slaveski_3Минатата недела вниманието на јавноста го привлече повторното одложување на рочиштето за предметот „Пуч“, кој е од голем интерес во јавноста. Причината за одложувањето е немањето безбедносни сертификати на две судијки во постапката. Имено, една поротничка во овој предмет, како што соопшти претседателката на советот, по сопствено барање е изземена од постапката, а на нејзино место е поставена друга, која заедно со уште една судијка сѐ уште немала безбедносен сертификат, што е клучно за да се одржи главната расправа. Од друга страна, специјалната јавна обвинителка, во чија надлежност е овој предмет, смета дека претседателката на советот манипулира со случајот и наведе дека случајот „Пуч“ се одложува веќе една година поради истиот проблем – безбедносните сертификати. Веднаш по случувањата во судницата, лидерот на СДСМ истиот процес го карактеризира како политички, а не како правен. И не само тој туку и многу други лица имаат поплаки дека издавањето безбедносни сертификати за вработените во државната управа се користи како инструмент за политичка елиминација. Што е суштината на проблемот и како да се најде излез од оваа блокада ќе се обидам да дадам свое видување во оваа колумна.

Безбедносната проверка е процес со кој се вршат проверки врз лица заради утврдување на безбедносниот ризик за пристап до тајни (класифицирани) информации, какви што се списите во предметот „Пуч“. Во една или во друга форма, безбедносните проверки се вршат речиси за сите позиции во државната администрација, па и за судската власт. На пример, секојпат кога едно лице што конкурира за работа го прашуваат за неговото криминално минато, тоа претставува еден вид безбедносна проверка.
Безбедносната проверка е неопходна за да се исклучат од судската власт поединци што претставуваат закана за државата заради тоа што: имаат противуставни ставови; им припаѓаат на терористички групи, групи на организиран криминал или групи за вршење политички притисок; или пак се подложни на притисок, изнуда или корупција. Исто така, безбедносната проверка помага да се обезбедат чесност и искреност на персоналот и да се спречат проневери, а во судската власт да се обесхрабрат несоодветни поединци да конкурираат за позиции поврзани со делење на правдата.

Во повеќето земји поголемиот дел од обврските за безбедносната проверка го вршат безбедносни или разузнавачки служби или специјализирана агенција. Ваквиот централизиран приод помага да се обезбеди: да се следат стандардизираните постапки за безбедносната проверка; поединечните агенции да не мора да развиваат свои капацитети за безбедносна проверка, со што им се овозможува да се концентрираат на своите основни задачи и оптимално користење на ресурсите. Меѓутоа, агенциите може да дадат отпор на ваквиот централизиран приод за да ги чуваат во тајност информациите за нивниот персонал и да си ја задржат контролата врз постапките за безбедносна проверка и барањата за вработување. Оттука, во некои земји, секоја агенција е одговорна за безбедносната проверка на сопствениот персонал. Додека кога се врши безбедносна проверка на вработените во владините служби, надлежна е агенцијата за која ќе се постигне согласност.

Според членот 34 од Законот за класифицирани информации, во Република Македонија секој корисник на класифицирана информација мора да поседува безбедносен сертификат издаден од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации. За добивањето на овој безбедносен сертификат, меѓу другото, потребно е да се извршат одредени безбедносни проверки од страна на надлежните служби на Министерството за внатрешни работи или, поконкретно, од Управата за безбедност и контраразузнавање.

Оттука, се јавуваат две дилеми. Првата е дали со безбедносните проверки на судиите, судската власт се става во подредена улога во однос на извршната власт. Односно, дали со тоа извршната власт ја контролира судската наместо да биде обратно. Ова до некаде е неизбежно затоа што само безбедносните служби се тие што се оспособени да ги вршат овие проверки и да дадат процена за безбедносниот ризик. Но, за да се избегнат злоупотребите, мора да постојат јавни, јасни и прецизни критериуми и проверките да се вршат во согласност со нив. Во македонската практика, критериумите според кои се вршат оперативните безбедносни проверки се прецизирани во Уредбата за безбедност на лица-корисници на класифицирани информации.

Контролата врз работата на безбедносните служби е двострана. Прво, по барање на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации безбедносните служби се должни да ѝ ги достават на увид резултатите од оперативните безбедносни проверки, членот 8 од Уредбата. Односно, ако има потреба, Дирекцијата може да побара од службите да извршат дополнителни проверки. Дали вака се постапува е друго прашање.

Од друга страна, правото на жалба, ако биде одбиено барањето за издавање безбедносен сертификат, е регулирано во членот 55 од Законот за класифицирани информации. Интересно е да се спомене дека беше поднесена иницијатива за оценување на уставноста на членот 54 став 2 и членот 55 став 2 од Законот што се однесуваат на правото на директорот на Дирекцијата да донесе решение за престанок на важењето на безбедносниот сертификат и пред истекот на неговата важност, односно дека во решението за одбивање на барањето за издавање на безбедносниот сертификат не се даваат причините за одбивањето. Уставниот суд ја одби оваа иницијатива со образложение дека со Законот не се уредуваат права и обврски на граѓаните туку дека се уредува една специфична материја во областа на безбедноста и одбраната и е во функција на обезбедување на трајните, виталните и важните интереси на државата.

Тоа е и втората дилема во однос на издавањето безбедносни сертификати на судиите. Или со други зборови кажано, кој ќе го има последниот збор, извршната или судската власт. Во однос на ова прашање светските искуства се различни. Меѓутоа препораката е Судскиот совет да одлучува ако се појават одредени пречки за издавање безбедносен сертификат на некој судија. Во членот 55 од Законот за класифицирани информации, против решението за одбивање на барањето за издавање безбедносен сертификат може да се поднесе жалба до второстепената комисија на Владата, чие решение е конечно. На овој начин извршната власт се поставува над судската. Оттука, потребни се измени и дополнувања на Законот со кој ќе се регулира дека доколку постојат пречки за издавање безбедносен сертификат на судиите за тоа да одлучува Судскиот совет. На тој начин судската власт ќе биде самостојна во одлучувањето.

__________

Извор: Нова Македонија

Сподели....Share on FacebookTweet about this on TwitterEmail this to someone

Би можело да ве интересира

Филип Јаневиќ: Победници и губитници

Избор: kumanovonews.com _________________________________________ Помина и тој фамозен 11 декември. По првото делење, да видиме што ...