Зоран Шапуриќ: Големи се потенцијалите за користење на амбалажниот отпад

Инвестициите во подобро управување со овој вид на отпад  мора да ги третираме како економски потенцијал, а не само како трошок.

Отпадот од пакување или како што често во праксата се нарекува како амбалажен отпад, е значителен дел од севкупниот комунален отпад што се генерира во Република Македонија. Иако недостасуваат понови  и подлабински истражувања,  се проценува дека амбалажниот отпад учествува со повеќе од 20% од вкупно генерираниот  отпад (како амбалажа од  пластика, хартија, метал, стакло, дрво и др).  Притоа, се проценува дека нивото на рециклирање на овој вид на отпад изнесува околу 15%, што е несфатливо ниско ниво.

Во развиените земји на Европската Унија амбалажниот отпад е значаен ресурс, додека кај нас тој е сè уште многу повеќе проблем, отколку ресурс. Правилното менаџирање со амбалажен отпад може да продуцира големи еколошки и економски бенефити.  Рециклирањето на овој вид на отпад може да доведе до отварање на значителен број на нови работни места

Во Македонија во 2009 година е усвоен Законот за пакување и отпад од пакување. Законот стапи во сила една година подоцна. Во него е пренесена Директивата на ЕУ за пакување и  за отпад од пакување. Законот,  согласно  европската регулатива поставува мошне амбициозни цели –  да се рецилира амбалажен отпад  во просек помеѓу 55% и 80 % од  севкупната генерирана тежина на амбалажниот отпад. Притоа, за разни видови на амблажен отпад се утврдени различни проекции за степен за рециклирање и за  другите видови на преработка на отпадот. Исто така, се имплементирани и стандардите  на ЕУ, при што помеѓу другото,  се предвидува управување со амбалажен отпад и од страна на овластени колективни постапувачи, односно од овластените оператори.

Улогата на овие оператори треба  да биде многу значајна. Тоа подразбира и дека нивната одговорност е мошне голема,  бидејќи треба да придонесат за подобрување на инфраструктурата за отпадот, за селективното одложување и подигнување на отпадот, за унапредување на рециклирањето на амбалажниот отпад, како и за јакнење на јавната свест на граѓаните.

Затоа е потребен перманентен надзор од страна на надлежните државни и локални инспекциски органи за исполнувањето на законски утврдените обврски од страна  овие оператори. Но, потребна  е и засилена контрола и на компаниите, во поглед на исполнување на нивните законски обврски за постапување со овој вид отпад. Во спротивно,  јасно е дека нема да  се исполнат националните цели утврдени со Законот за пакување и отпад од пакување.

Ако се има предвид дека денес, нивото на рециклирањето на амбалажниот отпад изнесува одвај околу 15%,  јасно е дека сè уште сме многу далеку од проектираните цели, но и од обврските што ги имаме како држава со кандидатски статус за членство во Европската Унија. Поради тоа, се  неопходни многу поголеми напори и од државата и од локалните заедници и од бизнис секторот, како и од самите оператори за исполнување на овие национални цели. Кога тоа го можат државите од ЕУ,  зошто не би можеле и ние?  Мора да сфатиме дека треба да го третираме амбалажниот отпад, пред се како потенцијал, кој нуди многу економски и еколошки бенефити, а не само како проблем. Инвестициите во подобро управување со овој вид на отпад  мора да ги третираме како економски потенцијал, а не само како трошок. Примената на искуствата и стандардите во управување со отпад од ЕУ,  може да дадат сериозен придонес во економскиот развој и до унапредување на квалитетот на животната средина и на здравјето на граѓаните, а со тоа и до подобар квалитет на животот. Ни примената на европските стандарди не е потребна само заради обврските кон ЕУ, туку пред сè заради самите нас.

Д-р Зоран Шапуриќ,

поранешен министер за животна средина и просторно планирање

Сподели....Share on FacebookTweet about this on TwitterEmail this to someone

Би можело да ве интересира

Колумна на потпретседателот на ЛДП, Проф. Д-р Зоран Шапуриќ за porta3.mk: На патот кон еколошка држава

Почетокот на шесеттите години од минатиот век е обележан со јакнење на свеста за потребите ...