Колумна на Проф. Д-р. Стојан Славески: Реизградба на одбранбениот систем

stojan_slaveski_2

Пред десетина години одбранбениот систем беше стабилен, организиран врз цврсти основи и принципи, со утврдени сили, средства, мерки, планови, постапки и пред сѐ права и обврски или систем во кој секој си ги знаеше и беше свесен за своите задолженија и одговорности, за денес, со промените низ годините, да имаме дисфункционална административно-воена структура за која некој може да се сомнева дали воопшто и има општествена оправданост за сопственото постоење

Во катадневното функционирање на одбраната во последните години се присутни неконзистентни, нелогични и нефункционални решенија. Само колку за потсетување, додека едни полагаа цвеќе на споменици на паднати борци од ОНА, други велеа дека претставниците на АРМ во МО не се дел од армијата или дека за некои ќе поведат постапка. Но се чини ништо од тоа не е точно и не се случило. Се селектираа питомци без проверки, одредени лица беа назначувани за вршители на должност на 4-5 позиции, а едновремено, во „уредената и транспарентна“ постапка за селекција за упатување на служба во странство или за селекција на претставници за одбранбена дипломатија се отиде дотаму што поранешниот премиер имаше време да присуствува на интервјуа за оценување на капацитетот на сите кандидати. Тоа се одвиваше во услови без да биде укината пред тоа легално спроведената постапка, што и не би било проблем ако и во двата случаи не се почитува претходно донесената стратегија за одбранбена дипломатија, а се оставија главните центри (Лондон, Париз, Берлин, Брисел) без официјални претставници подолг период. Понатаму, неодамна се распишаа тендери за набавки, модернизација и опремувања за кои јавноста ништо не знае. Но тоа се само неколку примери поради кои може да се констатира дека денес ресорот одбрана е подложен на силна партизација.

Владата со години практикуваше нефункционална поделба на извршните места во Министерството за одбрана и „политички интервенции“ во армијата, што само по себе донесе период на ниска кохабитација, а со самото тоа и дисфункционалност и ниска ефикасност на системот. За волја на вистината, во креирањето на одбранбената политика во последните десетина години не се изработи ниту една функционална анализа, нешто што беше присутно во минатото. Актуелните стратегиски документи во одбраната, како на пример Долгорочен план за развој на одбраната 2014 – 2023, Преглед на оперативните способности (кој се изработува секоја година) и заговарањата за нов стратегиски одбранбен преглед (последниот е донесен во 2003/2004) не ветуваат промени поради зголемување на ефикасноста и ефективноста.

Од друга страна, во која насока треба да се развива одбраната е тема што треба да биде основната парадигма во една идна програма за општествено одбранбено дејствување не на една политичка партија туку на општонационална платформа. Сепак, најпрво треба да се редефинира нејзиното место во општеството, потоа да се утврдат нејзините современи функции, да се договори стабилно повеќегодишно финансирање, да се отстранат негативните влијанија помеѓу цивилите и војниците во иднина интегрирани во единствени функционални целини и над сѐ да се тргне политичкото влијание, а да се издигне нивото на отчетност и транспарентност пред граѓанското општество.

Одбранбениот систем мора да се врати во функција на подзаборавената севкупна општествена безбедност, што е основен предуслов за стабилен и одржлив развој, а не да се однесува на тоа само дали некому ќе му се допаднеме ако учествуваме во меѓународни операции. Притоа заборавајќи на другите мисии на одбраната предочени во Стратегијата за одбрана, одбраната со одземените функции во општеството како да остана само за „немајкаде“, за само ако ни се случи оружен конфликт. Сепак одбраната е многу повеќе од тоа и таа денес е основа во севкупноста на системот за безбедност на државата. Потврда за ова се министерствата за одбрана на домашната територија формирани во повеќе западни земји.

Реизградбата на постојниот одбранбен систем би значела ревизија и надградба на постојната структура, принципи, релации, односи и организациски функционални решенија, со оглед дека постојните не резултираа со ефикасност и професионалност, додека таму каде што одредени претпоставки се занемарени ќе се пристапи кон изградба на нови современи функционални решенија. Одбранбениот систем треба да биде соодветен на општествените потреби и можности. Планирањето, организирањето и спроведувањето на одбраната и безбедноста на државата треба да бидат насочени кон справувањето со растечките и модерни закани и предизвици, било тие да се конвенционални, асиметрични или хибридни. Системот треба да обезбеди надминување на последиците од нивното влијание врз државата, нејзините институции, граѓаните, нивниот имот и добра и општествените вредности и сето тоа во контекст на единствена и интегрирана безбедност и одбрана низ сите институции со сите актери, мерки и постапки на системот на кооперативна безбедност и со сите можни партнери и сојузници. Одбранбената политика треба да биде директен одраз (во одговорот) на безбедносната процена и проекција на заштитата на темелните и главни вредности и интереси на државата и во функција на поддршка на севкупниот општествен развој, заштита на општочовечките вредности и национални интереси.

Пред десетина години одбранбениот систем беше стабилен, организиран врз цврсти основи и принципи со утврдени сили, средства, мерки, планови, постапки и пред сѐ права и обврски или систем во кој секој си ги знаеше и беше свесен за своите задолженија и одговорности, за денес, со промените низ годините, да имаме дисфункционална административно-воена структура за која некој може да се сомнева дали воопшто и има општествена оправданост за сопственото постоење. Дали истата таа си ги знае надлежностите, а уште повеќе дали е способна да ги изврши. Се чини дека единствено позитивно е заостанатото традиционално чувство на доверба во армијата, повеќе од она кон другите институции, но и тоа може да биде присутно само поради постојната длабока разочараност од правосудството, образовниот систем, здравството или воопшто состојбата на растроен систем на државни институции. Како и да е, одбраната, образованието и екологијата се чини се основите на современото општествено организирање и затоа секоја држава треба да им посвети особено внимание.

Министерството за одбрана, иако прво меѓу еднаквите, низ годините стана прво од кое се трансферираа буџетските ребаланси во другите министерства, тоа е министерството на кое „се вежбаа“ речиси сите коалициски партнери. Но Министерството за одбрана не е различно од другите во принципот на партизација и наметнување на политиките на партијата од која доаѓа министерот. Актуелните високи раководители во одбраната се исто политички поставени. Во таква средина тие одржуваат „статус кво“ во рамките на нивната ексклузивност во поседувањето на информациите значајни за ресорот за кој другите многу малку знаат. Со тоа одбраната е доведена до таканаречена „стечајна постапка“. Патем, овој ресор (одбраната), а реално и евроатлантските интеграции за кои можеби одбраната и најмногу направи, не е (не беше) приоритет на ниту една од владејачките политички партии. Веќе не е прашање дали се потребни реформи во одбраната, туку кој може да го направи тоа. Тие што ја доведоа одбраната во ваква состојба сигурно дека не се вистинскиот избор.

_________________

Извор: Нова Македонија 25,10,2016

Сподели....Share on FacebookTweet about this on TwitterEmail this to someone

Би можело да ве интересира

Колумна на потпретседателот на ЛДП, Проф. Д-р Зоран Шапуриќ за porta3.mk: На патот кон еколошка држава

Почетокот на шесеттите години од минатиот век е обележан со јакнење на свеста за потребите ...