ЛДП повторно стана значаен фактор на политичката сцена!

zernovski1Новиот градоначалник на општина Центар, лидерот на Либерално-демократската партија, Андреј Жерновски, во интервју за „Капитал“ вели дека победата на локалните избори во главната скопска општина ја враќа во игра и неговата партија. Додека сите експерти сугерираат дека на Македонија и е потребен силен политички центар, ЛДП како да исчезна со својата идеологија. Жерновски вели дека ова е простор за освежување во партиските органи и потврдување на програмската платформа

*   *   *

Жерновски ветува крупни проекти за Центар – гасификација, којашто ќе се одвива во две фази (прво да се приклучат поголемите потрошувачи, а во втората фаза и колективните станбени згради); зголемување на енергетската ефикасност преку поставување енергетски ефикасни фасади и замена на прозорците во сите градинки и училишта; изградба на нови училишта, градинки, општински сервис за стари лица; бесплатен паркинг, зголемување на зеленилото…

*   *   *

Кои се првите проекти со коишто ќе се зафатите како нов градоначалник на општина Центар?

-Како прво, неопходна е драстична промена во сегментот транспарентност во работата на општинската власт. Досега се се случуваше зад грбот на граѓаните и тоа не смее да се повтори. Секој потег од страна на локалната власт мора да биде верификуван од жителите на општина Центар.

Во мојата изборна програма наведов повеќе сегменти коишто претставуваат приоритет, а во оваа пригода ќе ги истакнам неколку од нив:

-Гасификација на општина Центар, со што ќе се овозможат помали сметки за греење и повисоки еколошки перформанси. Гасификацијата ќе се одвива во две фази – во првата фаза ќе се приклучат поголемите потрошувачи, а во втората ќе се приклучат и колективните станбени згради. За таа цел, уште на првата седница на Советот на општината ќе биде формирано општинско јавно претпријатије Центаргас, кое ќе биде задолжено за реализација и управување со овој процес;
-Ќе обезбедиме бесплатен паркинг за жителите на Центар на сите паркиралишта на општина Центар, без разлика на местото на живеење;
-Драстично зголемување на урбаното зеленило во општината;
-Ново училиште и нова градинка во Капиштец;
-Општински сервис за стари лица;
-Зголемување на енергетската ефикасност. Општина Центар, како најурбана, 100% урбана општина, треба да биде предводник во примената на најновите трендови за зголемена енергетска ефикасност. Наша цел е максимално зголемување на енергетската ефикасност на објектите на сите институции што се во надлежност на општината. Планираме да го постигнеме тоа преку поставување енергетски ефикасни фасади, замена на прозорците во сите градинки и училишта и целосна реализација на замената на постоечките дотраени фасади на колективните станбени згради со енергетски ефикасни фасади.

 Која е Вашата визија за оваа општина? Како го замислувате Центар и неговиот развој во Вашиот мандат? Се работи за урбана општина каде што навистина ќе треба да умеете да креирате понуда.

-Подигањето на квалитетот на живеење во општина Центар е нашата главна цел. Имаме прецизен план како да го постигнеме тоа во сите области каде што има надлежност општината, но и во оние каде што општинската власт, според законската регулатива, нема одговорност. Сметаме дека наша обврска е да се ангажираме и да помогнеме секаде каде што можеме.
Последниве години Центар е драстично дехуманизиран. Агресивните бизнис-интереси, самобендисаната централна власт и нејзините локални послушници, брзото еродирање на основните граѓански вредности доведоа до целосно загрозување на заедничкиот животен простор. Мора да застанеме на патот на тоа разнебитување на нашиот простор. Имаме сила и знаење за заеднички да го сториме тоа.
Сакам да Ве уверам во нашата цврста решеност, моја и на советниците од коалицијата, да го реализираме она што заеднички го осмисливме и го презентиравме во изборната програма за наредниот четиригодишен период.
Програмата со којашто настапив за време на кампањата и на која граѓаните дури три пати и дадоа целосна поддршка јасно ја отсликува визијата за најурбаната општина во Македонија. Пред се, Центар го гледам како модерна, урбана европска општина, свртена кон иднината, а не кон минатото.

 *  *  *

 Нема да се откажам од ревизија на проектот „Скопје 2014“!

 Што со проектот „Скопје 2014“? Кампањата Ви се темелеше на најави за негова ревизија. Останувате ли на тој став?

-Веднаш по моето стапување на должност ќе обезбедам спроведување на стручна финансиска ревизија на деловите на „Скопје 2014“ што ги реализирала општина Центар. Во изминатиов период во јавноста беа присутни повеќе основани индикации за матни дејства при реализацијата на овој проект и моја основна обврска ќе биде да ги расчистам тие состојби и да го вратам кредибилитетот на општинската власт.
Според мене, една модерна европска општина треба да претставува компилација од минатото, сегашноста и иднината. Архитектонските комплекси и амбиенти на центарот на Скопје се крстосница и симбол на историјата, религијата, културата и на традицијата на народот коишто требаше да бидат вткаени во модерното архитектонско остварување на проектот на Кензо Танге. За жал, по целокупната архитектонска и скулптурална инвазија на проектот „Скопје 2014“, што претставува атак врз ликот на градското јадро, многу е тешко да се врати духот на општината, но барем ќе се запре понатамошното нагрдување кое со последните интервенции меѓу трите изборни круга, рингишпилот и над четириесет споменици, центарот го претвори во карикатурална креатура. Ревизијата ќе биде еден од приоритетите веднаш по преземањето на функцијата, пред с$ поради тоа што им ветив на граѓаните дека тие имаат право да знаат за што и како се потрошени нивните пари. Немам намера да отстапам од ова ветување.

 Што ќе правите со спомениците? Кој е Вашиот план?

– По ревизијата, неопходно е да се направи ревалоризација на спомениците поединечно и преиспитување на целиот концепт. Најголем број од спомениците се поставени без каков било идеен концепт, делуваат расфрлени во просторот, што создава чувство на пренатрупаност и општ хаос. Самите граѓани реагираат не само на спомениците, кои се без естетски и ликовни вредности, туку и на фактот што дел од нив го попречуваат движењето низ просторот. Сепак, за секоја интервенција не само што ќе биде консултирана стручната и научната јавност, туку последниот збор ќе го имаат граѓаните. Во тој контекст, не ја исклучувам можноста и за организирање референдум.

Центар го сруши митот за непобедливоста на Груевски

 Какво значење има Вашата победа ако се гледа пошироката слика на политичката сцена?

-Победата токму во Центар може да се гледа од два аспекти. Прво, таа претставува зрак надеж во целокупното темнило на политичката сцена во Македонија, го сруши митот на непобедливост на Груевски и јасно покажа дека кога ќе се создаде критична маса, никакви притисоци, поткупи, уцени, закани, па и нерегуларности не можат да ја победат волјата на народот и второ, токму проектот „Скопје 2014“ е Ахиловата пета на Груевски  од идеолошки и од финансиски аспект. Очекувам оваа наша победа да биде почеток на  конечното ослободување на слободарскиот дух кај граѓаните и најава за формирање каолиција меѓу граѓаните и опозицијата во конечна битка за враќање на демократијата во државата.

 Гледате ли можност за засилено градење на Вашата лична кариера и позиционирање како главен политичар во македонскиот опозициски блок?

-Во ниту еден момент не водев сметка за мојот личен рејтинг, бидејќи цело време во прв план ми беше интересот на граѓаните и како да ја оствариме заеднички поставената цел. Ако мојата кандидатура и донесе глас повеќе на нашата коалиција, се разбира дека сум презадоволен, но апсолутно сум свесен дека победата дојде како резултат на неверојатната борбеност и цврстата истрајност којашто ја красеше целата коалиција, предводена од СДСМ.

Што со ЛДП? Како мислите дека ќе влијае оваа победа на вашата партија? Додека сите толкуваат дека на Македонија и недостига силна граѓанска опција во центарот, мора да признаете дека ЛДП значително ослабна во последниот период.

– Со оваа победа која Сојузот за иднината ја извојува во Центар, ЛДП повторно стана значаен фактор на политичката сцена. Следува освежување во партиските органи и  потврдување на програмската платформа. Мотивот за работа е огромен, довербата зајакната и сите со нетрпение ги очекуваме следните предизвици кои се пред ЛДП и пред заедничката опозициска коалиција.

Што предвидувате за македонската политичка сцена во следниот период? Некои нови коалиции? Предвремени избори, можеби? Какви Ви се анализите, што не очекува?

-Политичкиот амбиент во Македонија јасно се отслика за време на изборниот период, кога во целост се разобличија лошите политики и манири на актуелната власт. Наместо фер, демократски и регуларни избори, се соочивме со невидени притисоци врз вработените во јавната администрација, со закани по нивните работни места, што во услови на невработеност од над 32%, очигледно имаше влијание врз изборниот резултат.
Злоупотребата на субвенциите исплатени на ден пред изборите, манипулациите со социјалната помош, директните поткупи на до крај осиромашениот народ, фантомските гласачи, незаконското издавање лични карти со над шеесетина жители на една адреса, раселувањето гласачи од една во друга општина дава јасна слика во каква Македонија живееме. Што се однесува пак, на судството, за чија партизираност, независност и ефикасност добиваме постојани забелешки во извештајот на ЕК, пример беа одлуките на Управниот суд за поништување на изборите, не само во општина Центар.

*  *  *

Премиерот Груевски се соочува со досега најконкретен притисок за решавање на името!

Датумот за преговори е од особено значење за земјата, но не препознавам волја кај актуелната власт за исполнување на условите. Не се работи само за решавањето на неразумниот спор за името од страна на нашиот јужен сосед, туку и целосно непочитување на политичкиот договор постигнат со посредство на еврокомесарот Филе.  Едно е сигурно – премиерот Груевски се наоѓа под досега најконкретен притисок од страна на меѓународната заедница, но и од страна на коалицискоиот партнер. Разврската допрва следува…

Сподели....Share on FacebookTweet about this on TwitterEmail this to someone

Би можело да ве интересира

Колумна на Александар Ружин за plusinfo.mk: Криминалната ДНК на ВМРО-ДПМНЕ е препознатлива

Не поминаа ниту 50 дена од конститутирањето на новата влада, а можеме да констатираме дека ...