Молдавија на Балканот – Колумна на Проф. Д-р. Стојан Славески

stojan_slaveski_2“…. Македонија има слични проблеми како и Молдавија. Како и во случајот на Молдавија, не треба да очекуваме дека решението за нашите проблеми ќе дојде однадвор. Ние треба сами да ја реформираме својата земја и да ја направиме подобро место за живеење …“

Пред извесно време имав шанса повторно да ја посетам Молдавија. Оваа мала и сиромашна европска земја, „порта“ за влез на Кавказот, сместена помеѓу Романија и Украина, без излез на отворено море, како да е заборавена во времето. Заглавена во корупциски и криминални скандали, внатрешно поделена, со силно руско влијание, без евроатлантска перспектива, Молдавија е земја што ја напуштаат голем број млади и образовани луѓе и во многу аспекти потсетува на наша Македонија.
Во 1991 година како резултат од распадот на Советскиот Сојуз, Молдавија прогласи независност, а во 1994 година го усвои својот нов устав. Меѓутоа, регионот Приднестровие, мнозински населен со Руси и Украинци, преку референдум изгласа независност од Молдавија.

Иако неговата независност сѐ уште не е меѓународно признаена, тој е де факто управуван од своја влада. Во регионот е стационирано многу оружје на поранешната советската армија. Мотивите за овој потег на Русија беше стравот од можно пробудување на национализмот во Молдавија и очекуваното (повторно) обединување со Романија.
Руската политика отсекогаш била иста, империјалистичка. Русија сака да има влијание во блиското соседство, па така таа ги поддржува сепаратистите од Приднестровие. Taa има силно влијание во Молдавија преку проруски партии и медиумите. Путин е најпопуларен политичар во земјата. Руската политика во Молдавија е насочена да ги делегитимира демократските институции и да ја намали стратегиската важност на регионот. Руските телевизиски станици го креираат јавното мислење во земјата. Па, така, партијата на комунистите на Молдавија (повторно основана во 1993 година, по забраната од 1991-та), во 2001 година повторно доаѓа на власт. Молдавија е првата постсоветска земја каде што нереформирана комунистичка партија се врати на власт. Комунистичката партија на Молдавија успеа да остане на власт цели осум години како резултат на поделбите помеѓу демократската опозиција.

Сѐ уште постојат контроверзии за тоа дали Романците и Молдавците ѝ припаѓаат на иста етничка група, имено дали молдавската самоидентификација претставува посебна етничка група или подгрупа на Романците. Мнозинството Молдавци велат дека тие се единствена нација на која се сакаше да ѝ се наметне друг идентитет. Тие наведуваат дека имаат заеднички јазик и историја со Романија и дека се дел од истата нација.

Според Уставот од 1994 година, национален јазик на Молдавија е молдавскиот јазик, заснован на латиница. Меѓутоа, со Декларацијата за независност од 1991 година, романскиот јазик е именуван како официјален јазик. Во периодот помеѓу 2003 и 2009 година, комунистичката влада усвоила национален политички концепт во кој се наведува дека еден од приоритетите на националната политика на Молдавија е зацврстување на постоењето на молдавскиот јазик. Меѓутоа, по заминувањето на комунистите од власт, Уставниот суд донел одлука дека романскиот јазик е официјален јазик затоа што Декларацијата за независност била напишана на романски јазик. Научниците се согласуваат дека молдавскиот и романскиот се всушност еден ист јазик, додека придавката „молдавски“ се користи во одредени политички контексти. Рускиот јазик (покрај официјалниот јазик) се користи како „јазик на меѓуетничка комуникација“ и зазема широка примена на повеќе рамништа во општеството и државата. Малцинствата реално не се заинтересирани да го научат официјалниот јазик на земјата, очекувајќи дека повторно на власт ќе дојдат комунистите.

Најголема религија во Молдавија е христијанството, а според резултатите од пописот, 90 проценти од населението се православни христијани. Административно, постојат две автономни цркви што им припаѓаат на две автокефални цркви (со руски и романски јазик) во рамките на источното православие. Молдавската православна црква (која ѝ припаѓа на Руската православна црква), според Државната служба за верски прашања, има 1.194 парохии, а Бесарабиската митрополија (ѝ припаѓа на Романската православна црква) има 124 парохии. И двете цркви тврдат дека се национална црква на земјата.
Молдавците нагласуваат дека споделуваат исти вредности со Европа и ги обвинуваат европските лидери дека не ја препознаваат опасноста од Русија. Меѓутоа, Европа не е подготвена да ја запре Русија, а санкциите не ги дадоа очекуваните резултати. Постои недостиг од солидарност помеѓу европските лидери во однос на Русија. Западот никогаш не бил окупиран од Русија, како и Македонија, и затоа не можеме докрај да ја разбереме состојбата во која се наоѓа оваа земја.

Не гледајќи перспектива во својата држава, кај Молдавците е забележан значителен пораст на емиграција. Трагајќи по работа, тие заминуваат надвор од границите на државата (најголемиот број илегално) во Русија, Западна Европа, Турција и други држави. Паричните пратки од Молдавците во странство изнесуваат речиси 38 отсто од БДП на Молдавија, втор највисок процент во светот. Молдавците не се подготвени да одат во редовната процедура за членство во НАТО и ЕУ, која бара болни реформи за подобрување на состојбата во општеството и трае долги години. Наместо тоа, тие сакаат да се обединат со Романија и да си ги скратат маките. Велат дека за остварување на таа цел ќе користат легален пат и се повикуваат на примерот на германското обединување.

Европа им порачува на Молдавците дека обединувањето со Романија не е пат да се стане дел од НАТО и ЕУ. Од друга страна, пак, се поставува прашањето дали Романија ќе ја поддржи Молдавија како што Западна Германија инвестираше во Источна Германија. Тоа, исто така, ќе ги подгрее амбициите на другите поделени народи како Албанците, на пример, да бараат обединување во една албанска држава. Затоа Европејците бараат Молдавија да спроведе реформи во општеството, да им обезбеди подобар живот на своите граѓани и на тој начин да ја направи земјата поатрактивна за младите. Тие истакнуваат дека Молдавија е мала држава и е полесно да се реформира. Ургентно, посочуваат Европејците, треба да се покажат резултати во борбата со корупцијата и организираниот криминал.

Македонија има слични проблеми како и Молдавија. Како и во случајот на Молдавија, не треба да очекуваме дека решението за нашите проблеми ќе дојде однадвор. Ние треба сами да ја реформираме својата земја и да ја направиме подобро место за живеење.

_________________

Извор: Нова Македонија 18,10,2016

Сподели....Share on FacebookTweet about this on TwitterEmail this to someone

Би можело да ве интересира

Колумна на Александар Ружин за plusinfo.mk: Криминалната ДНК на ВМРО-ДПМНЕ е препознатлива

Не поминаа ниту 50 дена од конститутирањето на новата влада, а можеме да констатираме дека ...