Отпадот треба да се третира како ресурс, а не како проблем, Проф. Д-р Зоран Шапуриќ

ZoranShapuric_1000-2xtlrk04r5a4nylq1ce4u8Најпрвин, би сакал да ја поздравам вашата иницијатива да се актуализира проблематиката на отпадот, кој е еден од најсериозните современени еколошки проблеми, но истовремено и еден од најголемите предизвици. Но отпадот за развиените земји е сè помалку проблем, а сè повеќе ресурс за економски и еколошки бенефити. Ги поздравувам иницијативите кои беа изнесени од повеќето граѓани, во поглед на јакнење на јавната свест, еколошките патроли и за следење на проблемите со отпад и нивно презентирање во медиумите, што би требало да ги поттикнува надлежните на соодветни реакции.

Пред сè, треба да се има предвид дека Република Македонија, како земја кандидат за членство во Европската Унија, има бројни обврски во областа на заштитата и унапредувањето на животната средина ,чиј битен сегмент, односно сектор, е управувањето со отпад. Ова значи пренесување на законодавството на ЕУ, што во последнава деценија се одвива релативно добро, но практична имплементација на ова законодавство, претставува најслаба точка. Во секој случај, на управувањето, а воедно и на справувањето со отпадот, треба да му се пристапи стратешки. Тоа значи доследно и перманентно залагање за практичен пристап на хиерархијата во управувањето со отпадот, што значи редуцирање, односно минимизирање на генерирањето на отпадот, потоа повторна употреба пред производите да се третираат како отпад, па дури на крај на оваа хиерархија е рециклирање на отпадот (3R – reduce, reuse and recycle).

 

Одложувањето на отпадот во депонии е крајна и исклучителна солуција. Веднаш да кажеме дека кај нас, преку 90 отсто од отпадот се депонира, што е крајно неповолно и штетно по животната средина. Ако се има предвид дека од преку 50 депонии со кои управуваат општините, ниту една од нив не ги исполнува домашните стандарди, а за стандардите на ЕУ не може да стане ниту збор, што значи дека сите тие освен една „де факто“ се диви депонии. Само една депонија  депонијата „Дрисла“, исполнува какви-такви услови (иако и таа е се подалеку од стандардите на ЕУ). Притоа, треба да се има предвид дека во неа се согорува медицински отпад во инсталација, која е одамна веќе дотраена и со крајно застарена технологија и под сите стандарди. Инвестицијата на странскиот стратешки партнер која треба да ги подобри условите, засега прилично бавно се усвојува.
Во 2008 година е усвоена Стратегија за управување со отпад за период 2008 – 2020, а во 2009 година, План за управување со отпад. Самиот првичен поглед на овие два важни документа покажува дека се површни и нереални и дека покрај одминатото време од донесувањето многу малку е реализирано. Оттаму не негирајќи ја улогата на медиумите, граѓаните, невладините организации, бизнис секторот и тн. државата (овде се мисли на низа државни органи не само на Министерството за животна средина и просторно планирање), заедно со единиците на локалната самоуправа е пред се  надлежна да се преземат краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки и активности за подобрување на состојбите. Со донесување на Законот за управување со отпад во 2004, и Законот за животна средина во 2005 година, единиците на локалната самоуправа преземаа значителни надлежности во областа на животната средна и во отпадот, како важен нејзин сегмент.

 

Извештаите на ресорното Министерство покажуваат дека само 26 единици на локалната самоуправа доставиле извештаи за постапување со комунален и друг неопасен отпад во 2013 година, а дури 52 не ја исполниле оваа законска обврска. Според овие непотполни податоци, во државата годишно се генерира 411,6 кг неопасен отпад (пред се комунален отпад) по жител. Од вкупно генерираниот отпад според овие општински извештаи само околу 1 отсто се преработува, односно рециклира.
И покрај тоа што, според сериозни проценки биоразградивиот отпад (кој е подобен за компостирање) партиципира со околу 25 отсто од вкупниот комунален отпад, се компостира само 0,1 отсто од вкупниот комунален отпад. Напред изнесеното доволно кажува. Овде не е вклучен отпад од пакување, односно т.н. амбалажен отпад, каде состојбите се нешто подобри, но и таму се јавуваат низа проблеми.

 

Пред две години, согласно Законот за управување со пакување и отпад од пакување е воспоставен систем за управување со амбалажен отпад, кој и покрај првични позитивни резултати е загрозен. Имено, според овој Закон, производителите и увозниците имаат три солуции: сами да  се справуваат со отпад од пакување или да склучат договор со овластени колективни постапувачи или пак, да уплаќаат во буџетот значително поголеми средства зависно од количината и видот на отпад од пакување. Тука се и обврските и за малопродажбата. Меѓутоа, голем дел од нив не ги исполнуваат овие обврски на ниту еден од можните начини, а згора на ова постои недоволна контрола на веродостојноста на извештаите на колективните постапувачи. Оттаму, е неопходен поинтензивен надзор на повеќе инспекторати.
Се разбира, има уште многу да секаже за состојбите со отпадот, но мислам дека во оваа прилика просторот не дозволува повеќе.
д-р Зоран Шапуриќ, поранешен министер за животна средина и просторно планирање

Сподели....Share on FacebookTweet about this on TwitterEmail this to someone

Би можело да ве интересира

Колумна на Александар Ружин за plusinfo.mk: Криминалната ДНК на ВМРО-ДПМНЕ е препознатлива

Не поминаа ниту 50 дена од конститутирањето на новата влада, а можеме да констатираме дека ...