Проф. Славески: Популизам наменет за сиромашните

stojan_slaveski_3Бурума не потсетува дека Француската револуција со слоганот „слобода, еднаквост и братство“ направи пресврт. На Доналд Трамп му успеа тоа со „да ја направиме Америка повторно голема“. Ќе може ли нашата опозиција со слоганот „нема правда, нема мир“ да направи промена ќе видиме на 11 декември

______________________

Со почитуваниот колега Иан Бурума имав можност да се сретнам пред неколку години за време на мојот студиски престој во колеџот „Бард“ во САД каде што тој предава. Ми остави впечаток на извонреден аналитичар. Во својата колумна тој прави одлична анализа на популизмот на богатите, или како што вели тој кога „социјално несигурните аутсајдери сонуваат да станат кралеви на сонцето“ тогаш не и се пишува добро на нацијата. За жал, во својата анализа, тој не ја опфаќа Република Македонија и нашиот „лидершип“. Во мојата колумна јас ќе се обидам да направам паралела и да го анализирам нашиот случај.

Факт е дека во една од најсиромашните држави во Европа како што е Македонија се трошат милиони евра народни пари не за подобрување на стандардот на граѓаните туку за величање на „славното минато“. Како што Чаушеску не водел грижа за романските граѓани кога ја градел монументалната Палата на парламентот оставајќи ги граѓаните без греење и без електрична енергија така на „нашиот водач“ не му е грижа колку семејства би можеле да ги задоволат основните животни потреби со парите вложени во некои критикувани проекти во јавноста.
Во својата колумна Бурума зборува за сличностите на градбите што ги правеле Чаушеску и Хитлер, а во поново време Ердоган, односно за оптовареноста од сличен тип архитектура, неокласицизмот. Во нашиот случај тоа е барокот. Па така, новите градби во центарот на Скопје и промената на фасадите на зградите во централното градско јадро се во духот на барокот. Сепак, сиромаштијата во нашата држава не можат да ја скријат овие грандиозни градби, кои наместо од мермер и од камен се прават од стиропор, односно со фасади се украсуваат само предните страни од зградите, а заднината останува запуштена.

Се согласувам со констатацијата дека модерниот популизам многу често е опишан како нова класна борба помеѓу оние што имаат полза од глобализацијата и тие што се чувствуваат запоставени. Македонија како општество во кое транзицијата трае премногу долго има голема сиромаштија меѓутоа и одреден број новопечени богаташи што го делат гневот на нивните следбеници. Се согласувам со професорот Бурума дека новите богаташи се важна сила во подемот на популизмот како што и сиромашните и помалку едуцираните луѓе се чувствуваат запоставени од општествените елити. И покрај големата нееднаквост во богатствата, тие делат длабока омраза кон сите што тие ги обвинуваат за лошата состојба во која се наоѓаат. Дали се тоа САД, Европска Унија, мигрантите, соседите што се различни од нив или, пак, е тоа радикалниот ислам е сосема неважно. И веројатно тие се делумно во право. Без разлика колку многу пари и недвижнини имаат новите богаташи, елитите од времето на социјализмот ќе продолжат да бидат виновни за состојбите во општеството.

Овде сакам да споделам едно лично искуство. Неколку години откако дојде промената на власта во 2006 година ми приоѓа еден мој поранешен колега и се жали од новиот директор на институцијата, кој патем го постави новата власт. Му велам дека тие што одлучуваат ја поставиле и ќе мора да трпат сѐ додека не дојде до смена на власта. А тој ми вели „па таа е од СДСМ, ние чекаме да дојде некој од ВМРО-ДПМНЕ“.

Во Македонија се уште владее едно видување дека за лошите состојби во држава виновна е поранешната комунистичка елита чиј наследник е Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. За лошата приватизација се обвинуваат наследниците на поранешните комунисти додека за владејачката политичка елита се создава впечаток дека работи на подобрување на општествена положба. Се заборава дека оваа политичка елита е веќе десетина години непрекинато на власт и за се што е добро или лошо во државата одговорна е таа. И во другите држави што му припаѓаа на поранешниот Источен блок приватизација се спроведе неправедно, повеќе или помалку, меѓутоа денес стандардот на населението во овие земји е многу повисок отколку кај нас. Сепак таму владееја некои политички елити што беа поодговорни кон сопствениот народ.

Некои интелектуалци што по своите ставови се блиски до опозиција и натаму имаат тенденција да ги сметаат за глупави и прости оние што ја поддржуваат владејачката политичка елита што е сосема погрешно. Овие осиромашени граѓани можат да се поткупат и да се манипулираат со многу ситни бенефиции затоа што никогаш не се почувствувале почитувани од претходните политички елити. За нив демократијата и слободата го немаат исто значење како ситните материјални добивки. И веројатно се во право од нивен аспект гледано. Тие се осиромашени до крајни граници и чувствуваат бес. Во македонскиот случај разните видови омраза што ги чувствуваат новопечените богаташи и сиромашните го поттикнуваат десничарскиот популизам.

Во суштина македонските демагози можат да ни нудат само соништа, како оној за повторно обединување на географска Македонија. Меѓутоа, за да се спречат овие соништа да се претворат во кошмари, потребно е нешто повеќе од напади врз политичкиот противник и „црна кампања“. Гневниот народ не може лесно да се убеди да го смени мислењето. На сиромашните граѓани мора да им се понуди алтернативна визија. Проблемот во минатото во Македонија беше што немаше таква алтернатива. Бурума не потсетува дека Француската револуција со слоганот „слобода, еднаквост и братство“ направи пресврт. На Доналд Трамп му успеа тоа со „да ја направиме Америка повторно голема“. Ќе може ли нашата опозиција со слоганот „нема правда, нема мир“ да направи промена ќе видиме на 11 декември. Како што стојат работите на претстојните избори ќе се избира помеѓу популизмот наменет за сиромашните и отрезнување и враќање на правиот колосек.

_____________

Извор: Нова Македонија

Сподели....Share on FacebookTweet about this on TwitterEmail this to someone

Би можело да ве интересира

Колумна на потпретседателот на ЛДП, Проф. Д-р Зоран Шапуриќ за porta3.mk: На патот кон еколошка држава

Почетокот на шесеттите години од минатиот век е обележан со јакнење на свеста за потребите ...