Проф. Славески: Доста е

stojan_slaveski_3Десет години владеење е долг период, па затоа сега треба да се релаксираат со парите што ги заработиле. Ако тие пари се стекнати со криминални дејства, тогаш треба да бидат загрижени. Опозицијата се заканува дека ќе ги врати сите нелегално стекнати пари. Тоа народот го поддржува. А ако овие од опозицијава не ги исполнат дадените ветувања, нема да има потреба да чекаме да поминат нови десет години…

_____________________________________________

Оваа колумна, пред неделното гласање на кое ќе се одлучува за иднината на нашата држава, им ја посветувам на мои колеги што на претходните избори гласале за владејачката политичка елита, биле или пак сѐ уште се на некоја висока позиција во администрацијата. Генерално сите тие се разочарaни од состојбите во државата, свесни за погрeшната насока во која се движиме, но со различни видувања за иднината.

Првата група ја сочинуваат луѓе што се наоѓаат на одредени високи позиции, а го немаат потребниот квалитет. Сите тие имаат свои интереси оваа власт да остане. Па, така, едниот, кој беше член на друга политичка партија, премина во владејачката, која му обезбеди вработување за него и за сопругата, доби висока позиција во администрација, а ако победат на изборите, слушам ветено му било дека ќе замине во дипломатија. Другиот, иако беше критичар на актуелната власт, особено по објавувањето на прислушуваните разговори, прифати висока позиција во администрацијата од чисто лукаративни причини. Иако важеше за човек што се залага за морални принципи во работењето, сето тоа го напушти прифаќајќи позиција од која ќе може да им помогне на најблиските во остварувањето на нивните амбиции. А и надоместокот што го добива за дадените услуги не е за потценување. И не само тие. Многубројни се примерите на луѓе што добиле одредени позиции иако ги немаат потребните квалитети. Или, како што велеше еден од нив, „не е важно колку си паметен туку колку си лојален“. Сите тие се свесни дека ако оваа власт си замине, ќе ги изгубат позициите што не ги заслужуваат. Па, така, на овие избори тие ќе лобираат, уценуваат и посакуваат, по секоја цена, оваа власт да остане само поради свои лични интереси.

Во втората група се луѓе поранешни поддржувачи на власта што биле на одредени високи позиции или власта им направила некаква услуга, меѓутоа се „тргнати настрана“ поради своите ставови или од нив било побарано „да направат нешто за што тие немале стомак“. Така, еден мој колега што имаше висока позиција го смениле и му дале друга позиција, која е, исто така, солидно платена, меѓутоа не му дале никакви задолжувања, што го прави да се чувствува запоставено. Од друг колега, кого го вработи оваа власт, било побарано со јавни настапи да ја брани власта по „бомбите“ што ги објави опозицијата. Меѓутоа, тој држејќи се до своите морални начела не се согласил со тоа. Секако дека за возврат му пратиле инспекција за да го потсетат „кој е кој“. Сепак тој е вистински професионалец во својата работа и не можеле „ништо да му најдат“.

На друг колега му понудиле, за солиден хонорар, да ја „советува“ актуелната власт, но тој ги одбил. Оваа група луѓе знаат дека како се одвиваат работите и иако досега се приспособувале кон власта, решиле повеќе да не го прават тоа. Тие не се плашат отворено да зборуваат за сите злоупотреби во кругови каде што имаат доверба, меѓутоа сѐ уште не се подготвени јавно да го кажат тоа. Оваа група луѓе се свесни дека овој начин на владеење е погрешен и не може да трае бескрајно, па затоа сакаат да дојде до промена на власта. Тие се свесни дека ако дојде друга власт, тие имаат свои квалитети што ќе им бидат потребни на новите власти, па затоа немаат што да изгубат.

Третата група луѓе се најмногубројни и тие ќе ги одлучат изборите. Тоа се луѓе што ги вработила оваа власт или членови на нивните семејства, луѓе на кои им ветуваат нови вработувања или, пак, позиции по изборите. Некои од овие нововработени поради притисок и благодарност секако дека ќе гласаат за останување на оваа власт. Но и ако не гласаат така, а чесно си ја вршат својата работа, не треба да се плашат за својата иднина. Нив никој нема да може да ги отпушти од работа. Тоа впрочем го ветуваат и опозициските политичари. Од друга страна, и на овие луѓе веќе им е прекуглава од уцени, од правење списоци на роднини, од излегување на гласачкото место во предвиденото време и поднесување извештај потоа. Голем дел од оваа група луѓе ќе излезат на изборите и едноставно ќе го прецртаат гласачкото ливче, кое ќе биде неважечко. На другиот дел од оваа група им ветувале вработување или позиција веќе неколкупати досега, меѓутоа ветувањето не било исполнето. Така, еден колега, кој беше најдобар студент во генерацијата, сѐ уште го чека своето прво вработување, додека другите негови колеги што завршија по него и со послаб успех се вработени веќе одамна. Ми вели дека и тој се зачленил во владејачката партија, но дека за вработување му побарале пари што тој ги немал. Оваа група луѓе се излажани веќе неколкупати, меѓутоа некои од нив тајно се надеваат дека овој пат можеби ќе успеат. На овие луѓе сакам да им порачам дека овој пат сигурно нема да им ги исполнат ветувањата. И да победи актуелнава власт, иако сум сигурен дека нема да се случи тоа, нема да ги добие бараните 63 мандати за комотно владеење и ќе биде принудена да ги спроведува препораките од извештајот на Прибе. А таму се предвидува департизација на државната управа, раздвојување на државата од партијата, па, оттука, ветувањата ќе останат празни.

Мислам дека на сите им е доста од ваквиот начин на владеење, само што некои сѐ уште се плашат јавно да го кажат тоа. Ако дојде до промена на власта, ниту Македонците ќе мораат да учат албански ниту, пак, Македонија ќе се федерализира. За доброто на Македонија, а и на актуелните властодршци е малку да се одморат. Десет години владеење е долг период, па затоа сега треба да се релаксираат со парите што ги заработиле. Ако тие пари се стекнати со криминални дејства, тогаш треба да бидат загрижени. Опозицијата се заканува дека ќе ги врати сите нелегално стекнати пари. Тоа народот го поддржува. А ако овие од опозицијава не ги исполнат дадените ветувања, нема да има потреба да чекаме да поминат нови десет години за да ги смениме, туку тоа ќе го направиме веќе на следните избори или и порано, ако треба.

_____________

Извор: Нова Македонија

Сподели....Share on FacebookTweet about this on TwitterEmail this to someone

Би можело да ве интересира

Филип Јаневиќ: Победници и губитници

Избор: kumanovonews.com _________________________________________ Помина и тој фамозен 11 декември. По првото делење, да видиме што ...