Проф. Славески: Геостратегиските предизвици пред НАТО

За да се избегнат поголеми судири може да се очекува дека Европа (и НАТО) ќе донесат модели за делење на товарот на безбедносната политика. Ова значи дека ќе се формираат различни потсојузи за да се справат со различни предизвици. Иако таквата поставеност и развој носат потенцијал за несогласување и раздор, сепак може да доведе до поголема соработка и воена интеграција во рамките на овие потсојузи

__________________________________________________________________________

Од крајот на Студената војна анализите покажуваат дека меѓународната ситуација станува збунувачка и дека различни ризици, не само воени закани, можат да бидат закана за безбедноста на државите и нивните општества. Честопати опасностите се однесуваат на регионално ниво и затоа безбедносната политика треба да биде регулирана во мултинационални договори и спроведени од меѓународните организации на глобално ниво. Овие договори важат и за НАТО, кој како политички и воен сојуз обединува 28 земји-членки. Една од централните задачи на НАТО е да се овозможи компромис и консензус меѓу своите членови со цел да бидат во можност да дејствуваат заедно. Создавањето кохезија не само што е под притисок однадвор во врска со меѓународните настани и случувања, туку и однатре бидејќи стратегиските култури на поединечните членки креираат различни и понекогаш спротивставени интереси, норми, вредности и перцепции на можните закани. Во оваа колумна ќе се задржам на предизвиците за кохезијата на НАТО по победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД односно геостратегиските промени со кои се соочува НАТО денес.

Кога ќе се погледне глобално на тековните работи на различните геостратегиски предизвици со кои се справуваат земјите-членки на НАТО како, на пример, состојбата во Авганистан, потоа мисијата ИСАФ, во фокусот се става зајакнувањето и понатамошниот развој на локалните безбедносни структури. Целта на овој зафат е да се создаде поголема стабилност каде што ќе бидат вклучени сите релевантни фракции. Од една страна, тоа треба да придонесе кон спречување граѓански војни како онаа од 1990-тите, од друга страна, тоа ќе гарантира дека Авганистан нема повторно да се претвори во лулка на глобалниот тероризам. Регионалните случувања во регионот од НАТО наречен МЕНА (Блискиот Исток и Северна Африка) исто ги засегаат интересите на безбедносната политика на членките на НАТО во различни степени. Првенствено, фокусот е ставен врз исламскиот фундаментализам, особено на самопрогласената Исламската држава Ирак и Левант (ИСИЛ). Во овој контекст треба да се ограничи конфликтот во Сирија и во Ирак како и вклучување на НАТО во заштитата на Турција. Во исто време, западните држави се стремат да го инхибираат ширењето на нуклеарното оружје и во таа смисла постигнаа договор со Иран за кој се смета дека е закана по националната безбедност на Израел. Во северниот дел на Африка, државните структури мора да ја засилат и обноват безбедносната стратегија за да се спречи ширењето на исламските фундаменталистички движења и да се спречи миграцијата во Европа. Со руската анексија на Крим и конфликтот во Украина се појави нов стратегиски предизвик во Источна Европа на кој НАТО и земјите-членки мора да реагираат соодветно.

Членките на НАТО се соочуваат со мноштво предизвици и ризици што се случуваат истовремено, за кои имаат различни ставови за нивно решавање како и за развојот на настаните што се наведени погоре. Доволно е да се спомене и улогата на Русија во врска со конфликтот во Украина. Русија покажува непријателски став кон западните држави, но во исто време мора да се интегрира кога станува збор за решавање на конфликтот во Сирија. Поголем дел од овие конфликти се како одраз на недостиг од државност, односно создадени се празни места за актери со вакуум на власта и моменталните државни структури. Во согласност со ова, целта на западните напори е да се придонесе во создавање функционални државни структури и градење заеднички став за актуелните конфликти односно за зголемување на релевантноста на дигитална комуникација, особено на социјалните медиуми, кои играат голема и, исто така, од квалитативен аспект, нова улога во сите конфликти. Тоа го проширува опсегот на достапни канали за комуникација, ги продлабочува базите на приемници за комуникација и безбедносната политика, функционира како алтернативен снабдувач на информации до утврдените медиуми, но, исто така, шири гласини и лаги. НАТО мора да ги земе сите овие случувања во предвид бидејќи тоа може да ги забрза комуникациските и политички процеси.

Освен овие врски и сличности, постојат навистина значителни разлики меѓу значајни геостратегиски случувања. Ова веќе станува очигледно ако квалитетот на релевантните ситуации се зема предвид. На пример, на Либија ѝ се заканува распаѓање во различни делови со што државата се соочува со неуспех, ИСИЛ како терористичка организација покажува голема виталност, Русија, пак, претставува моќ, која според зборовите на американскиот претседател Обама – е само регионална сила (со нуклеарно оружје). Степенот до кој членките на НАТО се под влијание на различни конфликти, исто така, варира. Турција ги дели границите со Сирија и со Иран. Ова е веќе доволна причина за турската држава да се фокусира на регионот МЕНА, од друга страна, пак, Италија, Грција и Турција се особено погодени од движењата на бегалците во Средоземно Море. Затоа мора да се направи стабилизација на земјите од Северна Африка, особено во Либија, како врвен приоритет. Во источна Европа, пак, особено во Полска и во балтичките земји, се чувствуваат загрозеноста на територијалниот интегритет и суверенитет, која се должи на нивната географска близина со Русија.

Поради овие различни ставови има конфузија во безбедносната политика на НАТО и особено на неговите европски земји-членки. Во врска со концептот на „стратегиска култура“, европските членки на НАТО имаат различни гледишта во однос на перцепциите на можните закани, а со тоа и се доведува во прашање на приоритетот на актуелните геостратегиски случувања. За да се избегнат поголеми судири може да се очекува дека Европа (и НАТО) ќе донесат модели за делење на товарот на безбедносната политика. Ова значи дека ќе се формираат различни потсојузи за да се справат со различни предизвици. Иако таквата поставеност и развој носат потенцијал за несогласување и раздор, сепак може да доведе до поголема соработка и воена интеграција во рамките на овие потсојузи. За да се генерира оваа теза неопходно е да се воведе концептот на стратегиска култура со дискусија за влијанието на најновите случувања на политичката елита, општественото прифаќање на мерките за политичката, воената и мултинационалната безбедносна политика. И на крајот треба да се истакне важноста од креирање на безбедносната политика на Алијансата со поделба на одговорностите што ќе биде предмет на некоја од моите следни колумни.

Проф. Стојан Славески е претседател на Советот за одбрана и безбедност на ЛДП

______________________________

Превземено од Нова Македонија

Сподели....Share on FacebookTweet about this on TwitterEmail this to someone

Би можело да ве интересира

Колумна на Александар Ружин за plusinfo.mk: Криминалната ДНК на ВМРО-ДПМНЕ е препознатлива

Не поминаа ниту 50 дена од конститутирањето на новата влада, а можеме да констатираме дека ...