Проф. Славески: Предизвиците пред одбраната на земјата

Slaveski SВо новите општествени услови, кога се укина задолжителното служење на воениот рок, не треба да значи дека цивилните власти и граѓаните немаат никаква обврска спрема одбраната на земјата. Новиот предизвик се однесува на тоа да дефинираме што и кои државни и приватни претпријатија работат за одбранбени цели, како се надоместува нивниот ангажман и како до подобра општествена функционалност во состојба на какви било безбедносни предизвици

_______________________________________________________

Одбранбената современост зборува за непостоење на единствени решенија, за „повеќегласност во ставовите“ на членките на колективните безбедносни организации и системи, за нараснување на заканите што произлегуваат сѐ повеќе од економската, од енергетската, од еколошката, од социјалната сфера итн. Во такви услови, малите земји се во најнезавидна позиција во која можеле да се најдат досега. Ниту коалициите реално можат да ги заштитат од сите закани, ниту членките во нив имаат единствен став и поимање за тоа кога, зошто и како би го направиле тоа (дури ни содржините на терминот колективна одбрана не го поимаат еднакво), ниту пак новите БРИКС-стил на капацитети можат да ветат некој стабилен гарант. Во таа смисла и Република Македонија мора да размислува за кластерот на новите општествено-политички предизвици.

Концептот за „кооперативна безбедност“, кој го промовира НАТО, во превод значи: „Ние за нас и колективитетот, а од друга страна тие за нив и за колективитетот“ или, со други зборови, сојузништво или партнерство на конкретни основи со конкретни цели за конкретни безбедни специфики. Ваквата форма на безбедносно асоцирање ниту го ограничува ниту го занемарува членството во колективните системи на безбедност туку само овозможува подобро безбедносно остварување додека не сме нивна членка, а и потоа.

Од друга страна, потребно е враќање на функционалната оправданост на одбраната како општествена потреба. Во минатото секоја организација на здружен труд имаше референт за одбрана, во школите се предаваше „Одбрана и заштита“, се организираше систем на цивилна заштита, се планираше одбраната. Денес, кога тоа можеби е и повеќе од потребно, никој не зборува за одбраната. Овој принцип не значи дека предвидува враќање на стариот модел туку, напротив, нова поставеност на систематичност во одбраната според модерните општествени текови, новите извори на загрозување, новите рационални форми на организирање, одбранбено планирање со кое секој ќе чувствува дека општеството се грижи за своите граѓани.

Во новите општествени услови, кога се укина задолжителното служење на воениот рок, не треба да значи дека цивилните власти и граѓаните немаат никаква обврска спрема одбраната на земјата. Новиот предизвик се однесува на тоа да дефинираме што и кои државни и приватни претпријатија работат за одбранбени цели, како се надоместува нивниот ангажман и како до подобра општествена функционалност во состојба на какви било безбедносни предизвици. Достапноста на одбраната до граѓанинот треба да значи и транспарентност, отчетност, департизација и реална професионализација. Оттука транспарентноста и отчетноста треба да бидат збогатени со инклузивност. Тоа значи дека на секој извршител, на секој граѓанин, институција, претпријатие, јавна установа и служба, дополнително ќе им се зајакне правото да знаат каде и како се троши одбранбениот денар, но и да даваат отворени предлози преку јавни дебати за тоа како до подобра ефикасност во одбраната и до поголема инволвираност на општеството во неа.

Развивањето „конзистентна одбранбена политика“ можеби е срцевината на проблемот. Развивањето конзистентна одбранбена политика треба да биде базирано на тематски истражувања, анализи и евалуации на алтернативните можности, определување на најдобрата опција со имплементација во цел животен циклус или по народниот принцип „двапати мери еднаш сечи“, само кога си повеќе од сигурен. Тоа ќе подразбира избегнување адхок-решенија, односно најпрво надградување на политиката, а дури потоа носење дополнителни комплементарни решенија што не излегуваат од рамките на утврдениот безбедносно-одбранбен концепт, визија и цели за изградба на одбранбен систем врз основа на современи принципи. Ова исто значи дека треба да се направи промена во начинот на креирање и носење одлуки во МО. Досегашните програмски и работни групи што се претворени во формална администрација, а не формати на спротивставување на различните мислења, преку компетентна анализа треба да бидат проширени со интерактивност на сите постојни капацитети, а по потреба и со ангажирање надворешни експерти што ќе работат по принципот на споделување на информациите не само по принципот „потребно е да знае“ туку и по принципот „потребно е да сподели“, што ќе овозможи искусните познавачи на работите, од која и да се политичка проминенција, кои досега се изземаа поради конкурентност или политичка несоодветност, да дадат свој придонес во креирањето најдобри опции за носење одлуки. Во тој контекст државните советници, кои во МО се речиси две дузини, или треба да си ја потврдат компетентноста преку експертиза или да бидат ангажирани на задачи што повеќе ги познаваат и подобро ќе ги извршуваат. Со текот на времето треба да биде ревидиран и системот за планирање, програмирање и извршување на буџетот, кој иако концептуално добар, не е адекватно применет и претставува само привидна транспарентност на одбранбените трошоци, а делегираните надлежности се или незначителни или само го обременуваат функционирањето на другите организациски единици.

Прегледот и ревизијата на процената на ризиците според утврдена методологија во соработка со другите безбедносни институции треба да бидат основен принцип во работењето. Овој принцип на утврдување начини и постапки на редовно (најмалку еднаш месечно) разменување информации и анализи за безбедносната состојба по методологија што заемно ќе се договори треба да даде свој придонес и на интегрирање на разузнавачката заедница на државно ниво. Од направените анализи треба да се подготвува интегрирана анализа на повторливост, релевантност со јачина, времетраење со импакт-фактор за Република Македонија, врз што ќе се базираат подготовките за пресретнување на потенцијалните предизвици и загрозувања и распределбата на надлежности и одговорности на безбедносно-одбранбените институции. Прегледот и ревизијата на процената на ризиците значат и механизам на соодветни поместувања и приспособувања на одбранбената компонента или сили, средства, организација и политики.
Во неа треба да се слеваат и интегрираат и научените лекции од учество во меѓународните операции и сознанијата и информациите добиени од системот на одбранбена дипломатија.

На крајот треба да се воспостави цикличен процес на проверка на состојбата, поглед кон посакуваното и утврдување начин и постапка на постигнување на планираното и сето тоа е всушност имплементациски формат на една продолжена и континуирана функционална анализа на системот за унапредување на степенот на имплементација и извршување. Досегашните адхок-решенија не ги дадоа посакуваните резултати.

____________

Извор: Нова Македонија

Сподели....Share on FacebookTweet about this on TwitterEmail this to someone

Би можело да ве интересира

Колумна на Александар Ружин за plusinfo.mk: Криминалната ДНК на ВМРО-ДПМНЕ е препознатлива

Не поминаа ниту 50 дена од конститутирањето на новата влада, а можеме да констатираме дека ...