Проф. Славески: Време е за промени

stojan_slaveski_2Веќе со години координацијата помеѓу безбедносните и разузнавачките служби е слаба алка во безбедносниот систем на државата. „Кумановските настани“ покажаа колку сето тоа може да биде кобно по безбедноста на земјата и вработените во безбедносните сили. Особено загрижува нелегалното прислушување огромен број граѓани со што се покажа дека овие служби се надвор од контролата и ја злоупотребуваат својата моќ. Оттука имплементација на препораките од извештајот на Прибе треба да биде приоритет број еден

________________________________________

Кога зборуваме за приоритетите во безбедносната политика на државата треба да се истакне дека најважно е враќањето на земјата на евроатлантскиот пат. Точно е дека овој западен свет поминува низ турбулентен период, но, сепак, тоа е сѐ уште најдобрата опција за иднината на нашата држава. Без врската со евроатлантските институции ние ќе западнеме во уште поголема внатрешна криза. Во таа смисла треба да се интензивираат и завршат реформите во безбедносниот сектор. Во своите активности новата власт, која ќе дојде по изборите на 11 декември, акцентот треба да го стави на концептот на „хуманата безбедност“. Прашањето за хуманата безбедност претпоставува постоење стабилен и демократски политички систем во рамките на државата, прифатливо ниво на економски развој и владеењето на правото. Секако дека за да се постигне тоа ќе треба подолг временски период, а во меѓувреме следниве работи треба да имаат приоритет.

Веќе со години координацијата помеѓу безбедносните и разузнавачките служби е слаба алка во безбедносниот систем на државата. „Кумановските настани“ покажаа колку сето тоа може да биде кобно по безбедноста на земјата и вработените во безбедносните сили. Особено загрижува нелегалното прислушување огромен број граѓани со што се покажа дека овие служби се надвор од контролата и ја злоупотребуваат својата моќ. Оттука имплементација на препораките од извештајот на Прибе треба да биде приоритет број еден.

На почетокот на бегалската криза се покажаа одредени слабости во функционирањето на системот за управување со кризи и координацијата помеѓу различните субјекти. Истото се случи и во справувањето со последиците од поплавите. Потребно е да се отстранат сите системски и субјективни слабости за негово ефикасно функционирање затоа што не треба повторно да нѐ изненади некој нов бегалски бран или, пак, елементарна непогода.

Од донесувањето на Законот за класифицирани информации и подзаконските акти во 2004 година не е направена темелна анализа на имплементацијата на системот за заштита на класифицирани информации воспоставен со овие законски решенија. Направени се само некои козметички промени на овој закон. Евидентна е злоупотребата во издавањето на безбедносните сертификати. Оттука, потребна е темелна анализа на имплементација на постојните законски одредби и унапредување одредени решенија што се покажаа како слабост во изминатиов период.

Буџетот за одбрана веќе со години се намалува и сега е на околу еден отсто од БДП, додека од земјите што се потенцијални кандидати за членство во НАТО се очекува да биде над два процента од БДП. Во таа смисла треба постепено да се оди со зголемување на буџетот за одбрана. Во прилог на оваа теза е неодамнешната победа на Доналд Трамп на изборите во САД, кој најавува дека ќе бара од Европејците да ги зголемат своите буџетите. Членките на ЕУ веќе најавија активности во оваа насока, а ние не треба да останеме настрана од овие текови. Сепак, многу поважно ќе биде како ќе се трошат овие средства. Адхок-решенија за набавки без издржани процени на потребите и нетранспарентно трошење на парите на граѓаните треба да биде минато. Имено, во тек се постапки за големи јавни набавки во одбраната спроведени без соодветни процедури. Во исто време, нема доволно финансиски средства за одржување на опремата и на вооружување со кое располага армијата. Недоволни се средствата за основните логистички функции на АРМ, системот за греење, кој е стар и нефункционален, храната еднолична, просториите за сместување не се реновирани со години.

Треба да се инвестира во изградба на станови за припадниците на АРМ и да се подобри квалитетот на животот и стандардот на вработените во АРМ (зголемување на платите, исплата на заостанати дневници, подобрување на квалитетот на исхраната, нови и квалитетни униформи, реновирање на објектите, одржување на техниката).
Од друга страна, присутна е силна партизација во одбраната. За приемот на професионални војници и питомци на ВА е потребна согласност на партијата на власт. Понатаму за поставување и унапредување на старешинскиот кадар, исто така, се бара партиска подобност, а упатувањето на старешини и професионални војници во мисии во странство е длабоко корумпирано. Ова треба да се смени од корен.

Во делот на воената дипломатија имаме само едно воено аташе упатено во САД, немаме воен претставник во Брисел ниту пак во другите поголеми земји-членки на НАТО што негативно се одразува на имиџот на Република Македонија како земја-кандидат за членство. Оттука веднаш треба да се почне процедура за испраќање воени аташеа во местата како што е предвидено во согласност со стратегијата од одбранбена дипломатија.

Армијата се соочува од недостиг од војници на доброволно служење на воениот рок. Во последните години опаѓа интересот на младите за доброволно служење на воениот рок што е база за понатамошно ангажирање на лицата како професионални војници. Потребна е популаризација на оваа активност кај младите од сите етнички групи во државата и подигање на угледот на АРМ како кохезивен фактор во општеството. Потребно е преиспитување на одлуката за формирање на државниот универзитет за национална одбрана, безбедност и мир „Дамјан Груев“. Неговото формирање беше направено без темелна анализа на потребите, без консултации со постојните државни образовни институции што образоваат кадар за потребите на безбедноста и одбраната. Од друга страна, потребно е зајакнување на капацитетите на постојната Воена академија, која пред само неколку години се реактивира. Последно, треба да се изготви нова национална концепција за безбедност и одбрана. Актуелната е изготвена уште во 2003 година, а во меѓувреме се случија крупни промени во безбедносното опкружување (Косово е независна држава, Република Македонија е блокирана за приемот во НАТО, заканата од тероризмот е значително зголемена, мигрантската и бегалската криза можат да ја нарушат стабилноста на земјата, се зголемува опасноста од сајбер-заканите по критичната инфраструктура на државата итн.). По ажурирањето на Националната концепција треба да се ажурираат Националната безбедносна стратегија и Стратегијата за одбрана.

__________

Извор: Нова Македонија

Сподели....Share on FacebookTweet about this on TwitterEmail this to someone

Би можело да ве интересира

Филип Јаневиќ: Победници и губитници

Избор: kumanovonews.com _________________________________________ Помина и тој фамозен 11 декември. По првото делење, да видиме што ...