Интервју на министерот Зоран Шапуриќ за Вечер: Ќе лобираме за домашните инвестиции, но нема да ги бркаме странците

Зоран Шапуриќ не е ново име на политичката сцена, а во владата на Зоран Заев е назначен за министер без ресор, задолжен за подобрување на бизнис-климата за домашните инвеститори преку измени во законската регулатива. И покрај тоа што на министерската функција е многу кратко време, вели дека е подготвен да го вложи сиот свој капацитет во развивање на еден систем кој ќе значи изедначување на условите за вложување на странскиот и домашниот капитал, што на крајот ќе има позитивни резултати за подобрување на општата бизнис-клима во државава. Во текот на разговорот неколкупати посочи дека веќе има првичен динамички план за работа, во моментов работи на формирање на тимот со кој ќе работи, а интензивно остварува средби и со претставниците на бизнис-секторот. Најави дека првите позитивни резултати ќе може да се почувствуваат по една година

 

Може ли на почетокот на разговорот да им појасните на нашите читатели која е Вашата базична обврска како министер без ресор?

 

Мојата главна обврска е подобрување на бизнис-климата во земјата за домашните инвестиции, пред се преку овозможување на услови за подобра бизнис-клима преку регулативата, преку измена на законски решенија, законски акти, решенија, се со цел да се подобрат условите за домашните инвестиции наспроти странските инвестиции. Се разбира, владата не се откажува од странските инвестиции, но смета дека треба да се изедначат условите. Тоа би значело дека добар дел од погодностите што им се даваат на компаниите од странство, треба да ги добијат и домашните инвеститори. Ова е само првично согледување. Треба да се направи добра анализа на теренот, да се формира тимот, да се слушнат барањата на коморите, на менаџерите, да се комплетира сликата за состојбите и да се направат приоритети. Се разбира овие активности ќе бидат во согласност со предизборните ветувања на коалицијата кои ќе бидат преточени во владините приоритети и во владината програма. Но исто така, преку дел од моите активности ќе имам можност да ги промовирам и програмските определби на мојата партија – Либерално демократската партија, чиј потпретседател сум, а една од базичните определби покрај екологијата е економијата, пред се поддршка на малите и средните бизниси.

 

Добивам впечаток дека за да почне нешто да се менува, ќе треба да помине еден подолг период. Да се скенира теренот, да се анализираат состојбите, да се разгледаат барањата, па да се создадат можности за измена на актуелната законска регулатива, па да се разгледуваат на комисии, да се лобира во Парламентот…Колку време ќе ви биде потребно за да ги видиме првите резултати?

 

Дел од активностите веќе се почнати. Јас имам првични контакти како со претставниците на бизнис-секторот, така и со ресорните министерства и други ингеренции кои имаат примарни ингеренции во дел од секторите. Низ мојата политичка кариера имав контакти со граѓани, со компании, имав многу контакти со бизнис-секторот, со еден збор познавам и ме познаваат многу луѓе во Македонија и досега не сум имал негативен фидбек од овие контакти, не гледам причина да не биде тоа така и понатаму. Познат сум како човек кој зрачи со позитивна енергија. Уште кога ја примив обврската да работам за подобрување на бизнис-климата во државата, го ставив на располагање сиот мој капацитет, стручен, научен, практичен и политички, како и сето мое политичко и експертско искуство кое е не е така мало, поради што сум што убеден сум дека првите резултати ќе бидат видливи во не така долг период. Се разбира, тоа нема да се случи преку ноќ. Сметам дека после една година ќе можат да се почувствуваат првите позитивни резултати за подобрување на бизнис-климата во земјата.

 

Имате ли првична слика во каква состојба го наоѓате ресорот?

 

Најпрвин, мора да потенцирам дека ова не е класичен ресор со сектори одделенија, кабинети и други служби. Имајќи ја предвид потребата од интерсекторска соработка на институциите и потребата за тимска работа, мислам дека овие мои задолженија ќе дојдат до израз. Ќе изнесувам мои конкретни предлози во насока на подобрување на бизнис-климата, ќе видиме што ќе биде усвоено на влада, но главно преокупација ќе биде да се измени регулативата за да се подобрат условите за домашните инвестиции. Малку погрешно се толкува во јавноста дека владата се откажува од странски инвестиции. Првичната слика ќе ја комплетираме по состаноците со Коморите што ќе ги остваруваме заедно со вицепремиерот Кочо Анѓушев во следниот период. Ќе ги посетам и регионалните комори, потоа здруженијата, односно секциите на комори по кластери, да речеме за туризам, за преработка, екологија, за индустриско производство, занаетчиските здруженија, итн., за да се констатираат нивните пречки, пред се административните бариери. Она за што цврсто ќе се залагам е воведување на еден принцип на правичност. Да ви наведам неколку примери. Странски инвеститор доаѓа во едно министерство, и таму да има пет-шест сектори кои треба да му издадат некои документи, односно дозволи, согласности или било кој друг акт. Нашето залагање ќе биде да има задолжен вработен кој истото ќе го прави и за домашниот инвеститор. Ако вади документ, согласност, или мислење од еден орган, во една институција може да има пет-шест сектори. И домашниот, како и странскиот инвеститор, да може за ден-два да ја заврши работата. Еве, да ви кажам и за делот на комуналните даноци, т.н. фирмарина што ја издаваат општините и Градот Скопје. Нивната висина е иста и за киоск, односно фирма со 1 вработен и мал обрт, и за голема компанија. Затоа велам, ќе се залагам за правичност. Исто така ќе се работи на олеснување на процедури за издавање на градежни дозволи за индустриски објекти на домашните инвеститори и за многу други работи. Значи, се работи за едно широко поле на регулатива. Уште еднаш сакам да потенцирам дека новата реформска влада воопшто нема да се откаже од странските инвестиции и тоа пред се од странски инвестиции кои ќе создаваат создавање на додадена вредност и воведување на нови современи технологии, но истовремено сака да им овозможи солидни услови и на домашните инвеститори.

 

Со колкав тим ќе работите?

 

Со ефикасен мал тим, тим за поднесување на иницијативи и согледување на она што треба да се измени.

 

Каков е статусот на домашните инвеститори?

 

Добар дел од нив велат дека се во подредена состојба во однос на нивните странски колеги. Бидејќи странците имаат разни олеснувања, даночни, за комуналии, инвестираат во слободни зони итн. Едно од барањата на бизнис-претставниците беше и отворање на економски зони и за домашните инвеститори под исти или слични услови како што се и странските инвеститори.

 

Со оглед на тоа што сте познати како голем поборник за здрава животна средина, бевте министер за екологија потоа и во Градското собрание и тој предмет го предавате на факултет, дали ќе направите нешто за да заживее тој сегмент од стопанството, за формирање на зелени зони, на пример?

 

Се разбира дека тоа е исто така еден од приоритетите на кои ќе работам. Сигурен сум дека унапредувањето и заштитата на животната средина ќе биде приоритет на оваа влада и ресорните министерства. Во светот постојат и искуства каде што се даваат субвенции за воведување на зелени технологии. Тоа е прашање на финансиски импликации, прашање на буџетот итн. Потребни се низа долгорочни, среднорочни и краткорочни мерки.

 

Неодамна бевте ангажиран во владиниот тим за решавање на проблемите со запалената депонија во Струга, каква е состојбата сега таму?

 

Со заклучок на Влада беше формиран тим од тројца министри Садула Дураку, Рамиз Мерко и јас, како и експертски тим во кој членуваа претставници од повеќе институции. Депонијата постојано гореше, од 14 април оваа година. Задачата беше да се изгасне пожарот и тоа беше сторено. Напоменувам дека комуналните депонии се надлежност на општините, но овде се работеше за голема непогода и владата со енергични мерки и помогна на општината. Во Македонија постојат 54 депонии за комунален отпад, од кои само една и тоа само делумно ги исполнува националните и европски стандарди. При крајот на 2005 година, кога бев министер за животна средина донесени се низа плански документи според кои е потребен плански пристап на решавање на овие депонии односно изградба на 5-7 до регионални депонии. За жал, досега не е изградена ниту една. Владата ќе има за задача да ги поттикнува општините да се изградат овие регионални депонии во кои депонирањето на отпадот ќе биде последна опција за делот од отпадот кој нема да биде преработен во постројките за преработка на отпад, кои треба да бидат придружен елемент на овие депонии.

 

Во тимот на Заев влегувате оптимистички, може ли да откриете како се гледате после 4 години. Ќе успеете ли да направите поместување во домашната бизнис-политика?

 

Јас сум доктор на правни науки со одредени квалификации, но и со практично искуство што заедно со определеноста и ентузијазмот на целата Влада за подобрување на бизнис-климата ми дава за право да се чувствувам прилично сигурно и оптимистички. Да, сигурен сум дека ќе има подобрување во условите за домашниот инвеститор.

 

Ќе работите ли на тоа да го вратите капиталот на нашинците од дијаспората?

 

Тој потенцијал би требало да се искористи. Ние имаме успешни луѓе од кои можеме да видиме бенефит, кои своето искуство треба да го пренесат во бизнис-секторот. Во финансискиот сектор, во индустрискиот сектор… Од една страна може да создадеме одредена клима, да зајакне економијата, да има каде да се насочат нивните искуства. Треба многу време за да се анимираат, да се проучат нивните потенцијали и интереси.

 

Уште неседнати во министерските фотелји, вие, министрите без ресор, се најдовте на удар на јавноста? Ве етикетираа како функционери кои добиле позиции, но не и работа.

 

Јавноста има право да ја следи нашата работа и да биде коректор на сите аномалии. А наша обврска е да ги демантираме сите негативни коментари, кои можеби се резултат на некои други политики. Не треба да се заборави фактот дека и во претходните 11 години имаше голем број на министри без ресор кои и по 11 години не дадоа никаков, барем делумен отчет за сработеното. Свесни сме дека оваа влада ќе постигне резултати, иако се разбира очекувањата се големи, но мислам дека по една година и ќе можат да се видат првичните резултати. Ни претстои период на анализа во каква состојба се наоѓа државата, кој е потенцијалот со кој располагаме.

 

Кој е Зоран Шапуриќ?

 

Министерот без ресор во новата влада Зоран Шапуриќ, е правник по професија, магистрирал и докторирал на УКИМ, стекнувајќи звање доктор по политичко-правни науки. Има положено правосуден и нотарски испит, редовен професор е на Универзитет Американ колеџ во Скопје.

Објавил преку 40 научно истражувачки меѓународни трудови, индексирани во респектабилни меѓународни научни бази, од областа на животна средина и одржлив развој, Европската Унија и локалната самоуправа, од кои седум во “Веб оф сајенс”, 12 во “Томсон Ројтерс” и во други меѓународни научни бази.

Во досегашната кариера Шапуриќ бил министер за животна средина и просторно планирање, пратеник во Собранието на Република Македонија, претседател на собраниска комисија за политички систем и односи меѓу заедниците и член на други собраниски комисии, а бил и член на Советот на Град Скопје, како и претседател на советот на општина Кисела Вода.

Работел и во Уставниот суд на Македонија како виш стручен соработник, бил помошник генерален директор во МЗТ и заменик на генералниот директор во ЈП “Паркови и зеленило”-Скопје.

 

Елизабета АРСОСКА

 

фото: Н.БАТЕВ

Сподели....Share on FacebookTweet about this on TwitterEmail this to someone

Би можело да ве интересира

Средба на министерот и потпретседател на ЛДП, Зоран Шапуриќ, со евроамбасадорот Самуел Жбогар

Вчера, шефот на делегацијата на Европска Унија, Самуел Жбогар, го посети министерот, проф. д-р Зоран ...