Тихомир Ручкоманов – ЛДП Гевгелија: Општина Гевгелија во сериозни финансиски проблеми

Интегрален текст од прес-конференцијата на на Тихомир Ручкоманов, Претседател на ОО на ЛДП Гевгелија.
– Видеото од прес-конференцијата можете да го проследите во подолу.
_________________________________________________________________________________

Почитувани сограѓани,

Советот на општина Гевгелија на својата 55-та седница, на дневен ред како прва точка го има Предлог – Кварталниот извештај за извршување на Буџетот на општина Гевгелија за периодот јануари – септември 2016 година, додека како втора точка го има Ребалансот на Буџетот на општина Гевгелија за 2016 година.

Податоците од кварталниот извештај како и проекциите на ребалансот на буџетот, се поразителни и загрижувачки за општинските финансии како за  периодот кој следува, така и за фискалната 2017 година.

Имено, основниот буџет за 2016 година, до 30.09.2016 година е реализиран во висина од 140.296.131,оо денари или само загрижувачки 29,4% од планираното. Тука сакаме да Ве информираме дека основниот буџет за фискалната 2014 година изнесуваше 175.193.026,оо денари, додека за фискалната 2015 година изнесуваше 215.423.061,оо денари. Овие податоци ни укажуваат дека основниот буџет за 2016 година ќе се реализира под нивото од основните буџети од 2014 и 2015 година. Од другата страна пак долгот само за доспеаните а неизмирени обврски на буџетот до 30.09.2016 година изнесува 64.374.256,оо денари, а за споредба истиот на 31.12.2015 година изнесуваше 70.519.178,оо денари. Овие податоци ни укажуваат дека доспеаните а неизмирени обврски на буџетот за 2016 година, многу веројатно ќе ја надминат границата од 100.000.000,оо денари, или повеќе од 50% од реализираниот буџет за 2016 година.

Нашата реакција при разгледувањето на првиот квартален извештај на Буџетот на општина Гевгелија за 2016 година, дека општина Гевгелија е на работ на ликвидноста, но и реакцијата по вториот квартален извештај на Буџетот на општина Гевгелија за 2016 година дека е потребен итен ребаланс на Буџетот на општина Гевгелија во висина на 400.000.000,оо денари, до денес не вродија со реакција од страна на Градоначалникот Франгов. За жал денес само можеме да констатираме дека општина Гевгелија е во сериозни финансиски проблеми. Несоодветните образложенија како за кварталниот извештај, така и за предлог ребалансот на Буџетот на општина Гевгелија за 2016 година, не ја откриваат структурата на долгот на општината, односно големината на „позитивното должење“ за рентабилни инвестиции како и големината на неподмирените тековни обврски од изминатиот период.

Господине Градоначалник Франгов, бидете доблесен и одговорете им на граѓаните на општина Гевгелија, ако минатата 2015 година Буџетот на општина Гевгелија оствари вкупно приходи од 429.508.324,оо денари, додека пак до 30.09.2016 година за тековната 2016 година има остварено вкупно приходи од само 293.730.936,оо денари, од кои извори планирате согласно со предложениот ребаланс до 31.12.2016 година да остварите приходи од неверојатни 746.719.206,оо денари? Вашето несоодветно трошење на буџетските средства, лошото менаџирање со ресурсите и потенцијалите на општината, ја доведоа општината во сериозни финасиски проблеми. Лошото менаџирање со општинските пари, веројатно нема да ги изгасне светлата по улиците, но со сигурност ќе ја влоши состојбата на улиците.

Почитувани членови на Советот на општина Гевгелија, ЛДП Гевгелија во име на сите граѓани на општина Гевгелија Ве повикува да го прекинете понатамошното задолжување на општината и веднаш да ги консолидирате финансиските текови на Буџетот на општината за 2016 година и истото да го имате во предвид при проектирањето на Буџетот за фискалната 2017 година. Искрено се надеваме дека ќе ги надминете партиските наредби  и одговорно спрема граѓаните чии претставници сте, ќе го застанете понатамошното задолжување на општината. Напоменуваме дека сериозно влошениот централен буџет ќе ги намали приходите од дотации, додека приходите од донации се веќе намалени, и доколку дозволите долгот за доспеани а ненаплатени обврски на општината да го достигне нивото од 100.000.000,оо денари до 31.12.2016 година,   ќе станете соучесници во неодговорното менаџирање со општинските пари и ќе ја доведете во прашање ликвидноста на буџетот.

Ви благодариме,
14.11.2016 година , Гевгелија
Либерално Демократска партија Гевгелија

 

Сподели....Share on FacebookTweet about this on TwitterEmail this to someone

Би можело да ве интересира

ЛДП: Граѓаните на Гевгелија, предвесници на демократските и еколошки реформи во државата

Граѓаните на општината Гевгелија денеска покажаа висока демократска и еколошка свест и со тоа станаа ...