Зајкова: Груевски да се извини за дискриминаторската изјава за студентите!

Интегрален текст од прес конференцијата на претседателот на ЛИДЕМ, Моника Зајкова

Шок, разочараност, осуда…

Тоа е мојата реакција пред се како личност, но и како претседателка на Либерално-демократската младина, а претпоставувам и на секоја девојка и жена во Р.Македонија, по однос на вчерашната дискриминирачка и сексистичката изјава на претходниот претседател на ВМРО- ДПМНЕ, Никола Груевски.

Со ваквата изјава, Груевски изврши директна дискриминација заснована на пол, но воедно и навреда на студентките во Македонија.

По само неколку дена од кампањата која ја водеше Форумот на жени на ЛДП и парламентарното мнозинство, беше ратификувана Конвенцијата на Советот на Европа за борба против родово базирано насилство и семејно насилство – таканаречена Истанбулска конвенција, со која жените отвораат ново поглавје за прашања кои се однесуваат на унапредување на нивниот статус и напуштање на мизогинистичките политики, Груевски повторно не се воздржа од изјава со која жените односно студентките ги поимаше само како сексуален објект.

Никола Груевски нема да одговара само пред Кривичниот суд за делата за кои го гони Специјалното јавно обвинителство, туку ќе одговара и пред друг надлежен орган за дискриминацијата и навредата која преку својот уништувачки, политички говор вчера ја упати кон студентките илустрирајќи ги низ споредбен пример цитирам: „Како кога студент во студентски дом влегува во собата на неговата колешка која е целосно соблечена и му вели „Се надевам дека ќе ја препознаете новата можност““.

Со ваквата дискриминирачка изјава, Груевски ја потцени вредноста на сите жени и девојки во Република Македонија и поради истата треба да одговара пред сите нас.

Довчерашниот претседател на ДПМНЕ треба конечно да сфати дека повеќе нема да биде заштитуван и дека согласно Уставот на Македонија и законите за ваква дискриминирачка изјава се сноси општествена, политичка, но и правна одговорност.

Поради наведеното, како претседателка на ЛИДЕМ, од свое име, но и од име на останатите членки на ЛИДЕМ, поднесуваме Претставка до Комисијата за заштита од дискриминација, од која како политички подмладок бараме да ја осуди ваквата изјава и да покрене иницијатива за поведување на постапка пред надлежните органи поради сторена повреда на Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Крајно време е институциите да му кажат ДОСТА на Никола Груевски.

Воедно ги повикувам и охрабрувам сите студентки, млади девојки, жени, со ставање на својот потпис да ни се придружат кон истата.

Затоа што ова веќе не е политика, ова е претставка – иницијатива за почитување на загарантираното право на заштита од дискриминација, за правда, за заштита на достоинството на секоја од нас, за нашиот развој, за нашата иднина.

Сподели....Share on FacebookTweet about this on TwitterEmail this to someone

Би можело да ве интересира

ЛДП Гевгелија: Тихомир Ручкоманов – излагање на седница на Советот на Општина Гевгелија

ЛДП Гевгелија: Тихомир Ручкоманов – излагање на седница на Советот на Општина Гевгелија Сподели....