Зоран Шапуриќ: Големо НЕ за злосторствата на патиштата

Zoran SapuricОбединетите нации и Светската здравствена организација на иницијатива на невладиниот сектор во 2005 година, го утврдија Светскиот ден на сеќавање на жртвите во сообраќајот на патиштата. Отогаш во секоја трета недела во месецот ноември, се одбележува светскиот ден на сеќавање на жртвите во сообраќајот на патиштата.

Оваа година тоа е 15 ноември, но обележувањето во праксата трае многу подолго и цела недела се посветува на сеќавањата на жртвите и на опасностите во сообраќајот на патиштата. Одбележувањето е придружено секоја година со посебно мото. Мотото за оваа година е “It is time to remember – Say NO to Road Crime“ (Време е на сеќавање – да кажеме НЕ на злосторствата на патиштата).
Според податоците на Светската здравствена организација, годишно во светот во сообраќајните незгоди загинуваат преку 1.200.000 луѓе. Тоа се фрапантни бројки.

Во периодот помеѓу 2011- 2014 година, во Република Македонија, бројот на жртвите во сообраќајните незгоди на патиштата изнесува од 124 до 196 на годишно ниво. Ова е прилика да се потсетиме и кај нас на жртвите во сообраќајот на патиштата. Тоа треба да биде силен сигнал за постојани мерки и активности за намалување на сите видови на опасности во сообрќајот на патиштата. Пред повеќе од три месеци, Либералдемократската партија, покрена широка инцијатива за интензивирање на активностите за подобрување на безбедноста на сообраќајот на патиштата од сите субјекти во општеството.

Целта на оваа иницијатива беше да се укаже на потребата на постојано интензивно ангажирање на сите институции и на централно и на локално ниво, како и на невладиниот сектор, на бизнис секторот и на секој поединец, во насока на намалување на бројот на жртвите и на повредените лица во сообраќајните незгоди. Притоа, особено е нагласена потребата од поголема заштита на ранливите групи на учесници во сообраќајот, односно на децата, возрасните, пешаците, велосипедистите и на другите ранливи групи.
Да се загуби живот и да се намалат виталните функциите на луѓето, поради неодговорно и несовесно однесување на одредени учесници во сообраќајот на патиштата, а особено на возачите е вистинска трагедија. Да се прегази пешак на пешачки премин е вистинско злосторство.

Поради тоа, наместо временско ограничени кампањи, потребни се перманентни мултисекторски мерки и активности за унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата. Неоспорно е дека има поединци кои се однесуваат неодговорно во сообраќајот на патиштата. Но ова неодговорно и несовесно однесување на поединци не може да биде оправдување на институциите за непреземање на постојани активности во оваа сфера. Притоа, треба се има предвид дека и секој поединец треба да биде одговорен за својата безбедност и за безбедноста на другите учесници во сообраќајот. За жал евидентно е дека немаме сообраќајна култура на високо ниво, која многу бавно унапредува и дека таа е резултат пред се, на тн. увезена култура, односно резултат на нашето однесување како ученици во сообраќајот на патиштата за време на престој во земјите со развиена сообраќајна култура. Затоа покрај инфраструктурни и безбедносните аспекти потребно е да се работи и на подигнување на јавната свест.

Денот на сеќавање на жртвите во сообраќајот треба да ни биде голем поттик и за унапредувањето на безбедноста во сообраќајот на патиштата и одлучно да кажеме НЕ за злосторствата во сообраќајот.

Извор: Плусинфо

Сподели....Share on FacebookTweet about this on TwitterEmail this to someone

Би можело да ве интересира

Филип Јаневиќ: Победници и губитници

Избор: kumanovonews.com _________________________________________ Помина и тој фамозен 11 декември. По првото делење, да видиме што ...