Сте ние кои живееме овде, а и сите кои заминаа надвор, се горди на родниот град. Кажуваат дека имаат прекрасен Широк Сокак, убав Пелистер, супер Шеталиште, многу клавири, конзулати, гостопримство, дека градот има душа или да се послужам со еден графит кој во еден период беше напишан на Широк Сокак, „Битола е градот“.
Претходниот викенд една манифестација го потврди се она погоре напишано, ама и еден настан не врати во реалноста, не врати во нашето самоуништување, во  образованието, во домашното воспитување,  даде повод да размислување, каде одиме и каде се движиме. Се судрија две Битоли, два концепта, две визии.

Музика од Светот или СЈАЈОТ или БИТОЛА
Три вечери Битола во Центарот за култура  личеше на она што сите сакаме да го видиме. На она што сите сакаме да го почувствуваме, на вистинска метропола. Организацијата на Центарот  одлична, атрактивни гости, Томашевиќ извонредна , Агушеви  и Хели Сиекинен супер, битолскиот Камерен оркестар 5+, Благојче како и секогаш маестрален, публиката фантастична и гладна за врвни музички настани, со една реченица Битола каква што треба да биде и каква што ја личи.

По завршувањето на секоја вечер, се гледаше дека луѓето се задоволни од она што го виделе, дека ќе дојдат и наредната вечер, дека ќе дојдат и догодина. Впечатокот дека поминале прекрасна вечер се гледаше на лицата на сите, беше лесно препознатливо и забележително.
Никој и не сакаше да оди дома, бисот задолжителен, Битола  во полн сјај.

Уништениот парк или бедата или (не)битола
На само неколку стотина метра растојание од Центарот за култура, на штотуку изградениот детски парк, најверојатно во исто време, некој се изживуваше. Не поминаа два дена, а некој почувствува потреба да расипе нешто, да исчкрта, да уништи.
И го добивате чувството дека за некој дно нема, дека дното е само замислено и некој успева и од најдолното да оди уште надолу.

Некој срушил реквизити, испишал клупи и делови од опремата со графити и си го потпишал своето име или прекар. Не знам што добил со тоа, сигурно бил ,,најјак“ меѓу своите другари, бил ѕвезда таа вечер, бил нај ,,мангуп“, можеби и берел ,,поени“. А паркот, се уште не е официјално пуштен, а во близина стои и табла дека има видео надзор.
Можеби и сето ова е поправливо, ама бедата која се практикува е непоправлива и нема лесно да се поправи. Затаиле тука и домашните, и наставниците, и целото општество кое успеало да израсне луѓе кои ова можат да го направат.
Секакви зборови на револт се изначитав овие денови за овој случај, а кој и да го употребите нема да згрешите, дури и неколку заедно.

Беда, Срамота, Дно, Ужас, Бљак, Идиотизам, Несовест, Криминал.
Првата Битола треба да е нашиот предизвик, тоа треба да е целта кон која ќе се стремиме. Сјајна, убава, расположена, весела.
Втората бедна, жална, грда, самоуништувачка, депримирачка.
Неа треба да ја поразиме!

Пишува: Валентин Груевски, претседател на Советот на Општина Битола

Recommended Posts

No comment yet, add your voice below!


Add a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *