На трибината во Битола „Размислувај различно, либерално кон Европа”, лидерот на ЛДП и министер за локална самоуправа Горан Милевски нагласи дека отворањето на поглавјето за екологија ќе овозможи побрзо отворање на ЕУ-фондовите за екологија.

„Документот што Франција го нуди за пристапни преговори, поглавјата како важен сегмент и фондовите содржани во соодветното поглавје овозможуваат, и затоа ние како партија ќе предложиме, нашата држава да инсистира, а тоа ќе го бараме и од Европската Унија, првото поглавје што треба да се отвори со Република Северна Македонија да биде поглавјето за екологија. Ние сметаме дека час поскоро треба да се отворат фондовите во оваа област. Екологијата е тема и проблем за кој сите треба да се заложиме, тој проблем со сопствени средства не можеме да го решиме и затоа потребни се европските фондови“ истакна Милевски.

Во делот на битката со загадувањето Милевски вели дека Битола треба да има јавно претпријатие за топлификација, како би можел дел од градот да се грее на топлинска енергија, дел на гасификацијата, а онаму каде што нема да може ниту едното, ниту другото, таму да се дадат инвентор клими.

Милевски на денешната трибина во Битола зборуваше и за идејата за изградба на покриен базен во Битола, за која како што рече веќе разговарале со ЕСМ, но истакна дека општината нема проект за тоа.

Претседателот на Советот на општина Битола Валентин Груевски реферираше што се  направиле како локална власта заедно со СДСМ и коалиционите партнери, но рече дека и треба да бидат самокритични, наведувајќи дека некои работи се движат многу споро, заради одредени бирократски работи.

Груевски ги наброи успесите на ЈП „Пазари“, првото јавно претпријатие кое ќе произведува електрична енергија за свои потреби, и ги покачи платите за 8%. ЈП „Нискоградба“ кое ги врати долговите на претходниците од 500.000 евра, и ги покачи платите за 6%, а се осврна и на вложувањата во градинката „Мајски цвет“ од над 150.000 евра. Обновени тоалети, шкафчиња, клима уреди, нови теписони, нови играчки, нови кујни.

Но, иако ЛДП е дел од централната и локалната власт Груевски со критики предупреди на слабостите и на состојбите во кои треба да се подобрат.

„Ако се завршиме само со фалби и убави работи, тогаш нема да бидеме различни. Ама ние сме различни и размислуваме различно и си ги признаваме грешките. Мислам дека во овој период и централната и локалната власт мораа да бидат малку побрзи и поодлучни во донесувањето на некои одлуки. Премногу сме спори во донесувањето на одлуките. Администрацијата ни е преспора, ги малтретираме граѓаните со непотребни процедури. Недозволиво е ако законскиот рок е 10 дена, да добиете одговор после 25 дена. Ни треба многу повеќе храброст, ни треба фантазија во управувањето, ни треба нешто различно од досегашното, да вклучиме повеќе млади луѓе, кои ќе носат одлуки, а не да бидат обични писари. Надменост, ароганција, лажни големини, инает, суети кои реално ги има под итно треба да се остават дома. Треба да разбереме дека сите сме во функција на граѓаните , а не се граѓаните во наша функција. Или по онаа народната „Анџија и меанџија пак ќе се сретнат“, рече Груевски на  трибината во Битола.

На трибината зборуваше и Зоран Шапуриќ директор на инспекторатот за земјоделие, кој се осврна на некогаш започнатиот колекторски систем на Пелистер, кој се градел со странски пари, но дека потоа тој проект се стопирал, а вели дека е време работите да продолжат, за да се обезбеди чиста животна средина.

Пред присутните се обрати и пратеничката Јулијана Николовска која рече дека мора да се работи на подобар образовен систем, за да имаме компетитивни млади луѓе кога ќе излезат на пазарот на трудот да си најдат работа.

Галерија

Recommended Posts