Во октомври годинава, Македонија ќе излезе уште еднаш на локални избори, избори кои доаѓаат после убедливата историска победа на коалицијата „Можеме“ на  локалните избори во 2017 година. Победа и резултат кој тешко може да биде остварлив во наредните неколку локални изборни циклуси. Тогашните скоро 32.000 гласови на актуелната градоначалничка  Наташа Петровска и скоро 27.000 гласови на победничката советничка листа, од денешен аспект изгледаат повеќе како научно-фантастичен резултат, отколку како реалност која може пак да биде повторена.

Во октомври 2021, ништо нема да биде исто како во октомври 2017. Не само резултатите, туку се ќе биде поразлично. Пред некој месец се обидов, со цела опасност дека е прерано за прогноза, да ги исцртам контурите на новиот Совет и новиот градоначалник. Советот ќе биде составен од шест до седум претставници на политички  партии, а мнозинството од минимум 16 советници ќе го сочинуваат три или четири политички партии.  Градоначалникот сигурно ќе се бира во вториот круг, без разлика дали ќе остане овој закон или нешто ќе се менува.

ШТО Е ПРОМЕНЕТО

Што е сменето во овие четири години за вака различни резултати кои ќе ги има на следните избори. Во 2017 година, Битола имаше градоначалник кој беше во домашен притвор, сега првостепено осуден за криминал на 8 години затвор. На граѓаните им беше преку глава од лажните ветувања и од лошото владеење во претходните години и изборите беа еден изблик на револт, желба за промена, желба за живот, верба во многу подобро утре и решавање на сите проблеми кои ги има градот. Се разбира еден од факторите беше и многу подобрата понуда на тогашната опозиција и кадровски и програмски.

Сосема е и логично, она што се најавуваше во тогаш победничкиот блок. После заедничкото делување и рушењето на еден апсолутистички режим кој тогаш владееше, на кој мораше да му се спротивстават сите прогресивни, проевропски, реформски сили во Македонија, се најавува политичка опција од партии кои учествуваат во власта, кои учествуваа во рушењето на режимот и партии кои ќе се обидат да понудат алтернатива, како кадровска така и програмска, и ќе се спротивстават на инсталирањето, за мене фашистичката трета опција, која со вулгарниот и поган  речник, се обидува да се инсталира особено кај младите луѓе.

ВО БИТОЛА

Носител на таа опција би требало да биде Либерално-демократската партија. Како припадник на таа партија, ја поддржувам идејата за таков настап, бидејќи сметам дека ЛДП има што да им понуди на гласачите. Либералната идеја во Битола е жива и опстојува веќе 30 години, и секогаш во Советот имало претставници на ЛДП. Оставиле белег на своето работење. Помагале секаде каде што можат. Секаде каде што управувале и добиле шанса секогаш го обелиле образот и добро раководеле со институциите. Чесно, искрено и посветено на задачата која ја извршувале.

Свесен сум дека во наредниот период ќе стигнат и многу омаловажувања, навреди, потценувања и напади. Некои ќе бидат јавни, некои полујавни, некои тајни. Дел од нив ќе бидат од незнаење, дел од желба за неуспех, а најмногу ќе бидат страв од добар резултат. Нашиот одговор ќе биди многу работа, а таа работа ќе ја проценат гласачите. Убеден сум во добриот резултат, убеден сум дека  можеме да понудиме либерални политики кои ќе бидат спротивност на актуелните празни реторики, обвинувањата, пцуењето, секојдневните гадости, некрофилијата.

Валентин Груевски, претседател на Советот на Општина Битола, член на ИО на Либерално-демократската партија

Recommended Posts

No comment yet, add your voice below!


Add a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *