Јавен превоз што колабира, смет на сите страни, запуштен јавен простор, блокирани јавни претпријатија. Ова се само дел од проблемите со кои се соочува главниот град, а кои ескалираат во третата година од мандатот на актуелната скопска градоначалничка Данела Арсовска, која на оваа функција дојде како кандидатка на тогаш опозициската, а од неодамна владејачка партија, ВМРО-ДПМНЕ.
На локалните избори во 2021 година, оваа партија освои најмногу советници во 45-члениот градски Совет, кои почнаа да ја блокираат работата на Градот откако една година по изборите се разидоа патиштата на градоначалничката и раководството на ВМРО-ДПМНЕ.
Работите дополнително се разбрануваа деновиве, откако градоначалниците на скопските општини најавија дека ќе бараат владата да назначи свој повереник, за да ги расформира градските претпријатија за комунална хигиена и парковско одржување и да им ги предаде на општините.
Седниците се претворија во фарса, која трае веќе две години, и на која масло на оган долеваат нервозните јавни настапи на градоначалничката, пречестите смени на директори на јавни претпријатија и затвореност на градската управа.
Никола Пановски, кој е меѓу највозрасните советници во градското собрание, во разговор за БИРН, без задршка зборува за тоа како изгледаат седниците во Градот, каква е комуникацијата со градоначалничката, но и каде е вината за хаосот во кој најдебелиот крај го извлекуваат граѓаните. Тој стана советник во 2021 година, од листата на Коалицијата на ЛДП и ДОМ.
БИРН: Градот е блокиран и не функционира. Власта, сета одговорност ја префрла на градоначалничката, a таа, пак, обвинува дека советниците од ВМРО-ДПМНЕ ја блокираат во Советот. Според вас, каде лежи вината за моменталната состојба во Скопје?
Вината лежи и кај градоначалничката, а и кај советниците на ВМРО- ДПМНЕ, за кои мислам дека се под влијание на претседателот на партијата. Едноставно ја блокираат Арсовска и гледате дека таа политика многу лошо влијае врз градот, но не и на партијата. Тие не почувствуваа ништо од тоа што му го прават на Градот на парламентарните избори. Почувствува градоначалничката, која доби 1.300 гласа, а ВМРО-ДПМНЕ го зголеми бројот на гласови.
Но, ова за градот е многу лошо. Најголем парадокс е тоа што си ги блокираат своите програми, односно тоа што советниците на ВМРО-ДПМНЕ не го гласаат тоа што го ставале во програмата за градот.
Дури имаше и донации што советниците на ВМРО-ДПМНЕ не ги гласаа. Некој дава 50 илјади евра за градов, а вие не ги примате, без никаква дискусија. Не сакате ниту на дневен ред да ги ставите. Дотаму оди работата.
Втора работа е што ВМРО-ДПМНЕ не ги повлече членовите на управни одбори во јавните претпријатија и установи. Тие и понатаму си земаат хонорар, си одат на седници, ги гласаат извештаите и програмите за работа на јавните претпријатија кои кога ќе дојдат на дневен ред, советниците на ВМРО-ДПМНЕ не им ги изгласуваат.
Значи ова е еден таков невиден парадокс, кој премногу долго трае.
Од друга страна, градоначалничката, за што и да се спомне, само гледа да се скара. Со сите. И со мене лично, иако гласам за можеби и 90 проценти од нејзините предлози, бидејќи мислам дека се логични и во интерес на Градот.
Освен реченицата (на Арсовска) дека советниците доаѓаат на седница само за да си земат 500 евра паушал, кој веќе не е 500, туку 600, зашто е врзан со растот на платата, за друго нема разговор. Нема никаква совест, одговорност, само ги менува директорите… тоа е необјасниво.
БИРН: Има ли излез од оваа состојба, во услови во кои не се очекува Арсовска да даде оставка, а нема расположение за конструктивна критика кај мнозинството советници, независно од тоа што се работи за интерес на граѓаните?
Јас сум разговарал и со претседателот на Советот, и со советници, со бивши градоначалници… Сметам дека единствен излез е советниците да ја преземат одговорноста, дека за некои работи нема дискусија, како на пример за набавката на автобусите, дека тоа треба да се изгласа.
Јас можам да ги разберам зошто не го прифатија предлогот на СДСМ за брзиот автобуски трансфер, за кој имаат некакви аргументи против и не сакаат да го изгласаат, иако по година и пол го прифати градоначалничката.
Меѓутоа, не и за набавката на нови автобуси, кои им се во програма, или за прифаќање годишни, тримесечни извештаи и програми, планови за работа, кои без да имаат аргументи, не ги гласаат. За да се надмине блокадата, неколкупати јавно сум повикувал сите колективно да си дадеме оставка, заедно со градоначалничката, да ги искористевме последните избори, ама прва не прифати градоначалничката и одговори со навреди.
Самите нејзини настапи се арогантни, па и тој што сака да прифати некој предлог, го одбива со својот настап кога ќе дојде, демек `не ми е гајле дали ќе гласате, ваша работа е тоа, ваша е одговорноста`.
БИРН: Во ваква ситуација, колку советниците имаат можност да бидат проактивни? Како е да се биде дел од Совет, кој две од три години функционира само формално?
Периодот кога имаше советнички прашања, можевме нешто да прашаме и да добиеме некаков одговор. Тоа главно беше глупав одговор, бидејќи само ве шетаат, ќе одите во Центар, во Министерство, таму ќе ви дадат одговор…
Тука те убиваат, како да бидеш проактивен ако за најобични прашања нема одговор? Срамота е.
Сега, на 29 август ќе имаме седница со 37 точки, од кои 29 се точки што веќе поминале на седница и не биле изгласани, некоја трипати, петпати, 15 пати. Истите сега ќе бидат разгледувани повторно, ама ќе се изгласаат 2-3 и толку. И вака треба да изгледа седница на Советот? Непријатно е, се губи секаква иницијатива.
Првата година се гласаа сите работи, си ги гласаше мнозинството, а останатите… за некои гласавме за, други против. СДСМ за се гласаше против. Тогаш најмногу пречеше што имаше еден вид малтретирање за тоа кој колку претходно украл, колку бил неспособен претходниот градоначалник, колку лошо бил воден Советот, се губеше многу време на тоа.
Но, другите работи течеа. Е сега и тоа го нема, единствено добро е што нема препукување меѓу двете партии (н.з. СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ).
Градската управа, градоначалничката и коалицијата што е на власт, очигледно не мислат на граѓаните. Тоа е факт.
No comment yet, add your voice below!