Претседателката на Либерално-демократската партија и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, во гостување на Само Вистина во Канал 5, посочи дека постапката за уставните измени може и сега да започне, но би се завршила и измените би стапиле на сила со потпишувањето на пристапниот договор со Европската Унија.
„Позициите на ЛДП се дека во последните заклучоци ништо не нѐ спречува ние да ги спроведеме уставните измени, односно нели ја почнеме постапката за донесување на уставните измени, за да стигнеме до таа последна фаза за уставниот закон, каде што самите предвидуваме кога истите би стапиле на сила. Точка 4 се однесува на тоа дека Македонија треба да ги спроведе уставните измени, точка 6 е дека ќе се одржи втората меѓувладина конференција без политичка одлука откако ќе го завршиме процесот на уставни измени согласно домашната процедура. Тоа остава можност за пошироко толкување, кое што нѐ води до она одложено дејство за кое што зборуваме и дека тука, ако тоа ни се позициите, треба да изградиме сите заедно една државна позиција дека да, еве ние сме ја завршиле нашата обврска, меѓутоа истите ќе стапат на сила откако сите земји членки, вклучително и Бугарија, ќе гласаат за“, појаснува Зајкова.
Според Зајкова, во измените никаде не пишува „to enter in force immediately”, што значи дека нема обврски тие веднаш да стапат во сила. Во самата преговарачка рамка нема датуми по однос на стапување на сила, туку таа се однесува на примена на договорите кои што ги ратификувала земјата Она што е важно за државата е тоа дека обврските кои што сме ги презеле се во заклучоците.
„Постојано говорев дека треба да најдеме начин како да ги спроведеме заклучоците кои што ги усвоил Европскиот Совет во врска со проширувањето на Македонија и Албанија. Оттука, пак се враќаме на она, да, треба да ги спроведеме уставните измени, меѓутоа во уставниот закон, кој што е последната или третата фаза имаме можност да го вградиме тоа одложено дејство“, вели Зајкова и додава дека во секој закон може да се стави на крајот преодна одредба кога истиот би стапил во сила.
ЛДП предлага измените да стапат во сила откако сите земји членки, вклучително и Република Бугарија како земја членка, би го ратификувале пристапниот договор за членство на Македонија во Европската Унија.
На прашање за последните писма на Ахмети, претседателката Зајкова смета дека во овој момент се надминати тие теми и дека е излишно да се разговараат. Нема потреба од навраќање наназад на некои работи и да креирање меѓуетнички тензии. Вели дека за неа, како либерален демократ, сите граѓани во оваа држава се еднакви и треба да бидат еднакви пред законот и пред судовите.
„Додека Америка лансира сонди за испитување на живот во езерата под една од Јупитеровите месечини, ние пак ги отвораме прашањата за меѓуетнички односи, што јас лично не гледам потреба дека тоа треба да се случува. Ајде да престанеме да гледаме на квоти, да почнеме веќе да гледаме на квалитет и на оној мерит систем кој сите го бараме. Верувам дека сите граѓани кои живееме во оваа држава сакаме да се цени нашиот квалитет. Јас кога одам на доктор не прашувам за етничката припадност на докторот, туку го барам најдобриот кој што е на соодветната хирургија за да ме оперира“, посочува Зајкова.
ДУИ, според Зајкова, изгради цела политичка кариера на меѓуетничките прашања и наместо тензии, Зајкова побара да се фокусираме на она што се конкретни проблеми за решавање во државата: правосудниот систем, растење на довербата во правосудството, стимулирањето на економијата и други важни теми.
Зајкова појаснува дека ако сакаме да градиме правна држава треба да ги почекаме одлуките на уставниот суд и да ги почитуваме тие одлуки.
„Доста веќе беше фокусот на меѓуетничките прашања и доста го раскаруваме народот меѓу себе, јас верувам дека народот живее во добри соседски и меѓуетнички односи и ајде да ја фокусираме политиката на друго место, а тоа е како да го подобриме секојдневниот живот на граѓаните. Јас не ги делам луѓето ниту на македонци, на албанци, на роми, турци, бидејќи сите живееме во оваа земја, сите се соочуваме со секојдневни притисоци и треба да работиме на подобрување на секојдневието на секој од нас“, заклучува Зајкова и додава дека тие теми се надраснати, депласирани и наместо меѓуетнички тензии, редно време е да наоѓаме решенија и да градиме подобар живот за секој од нас тука.
Дел 1 од гостување во Само Вистина: https://youtu.be/ce4W0iOARsc?si=2Edo23Fy9NPv05hW
Дел 2 од гостување во Само Вистина: https://youtu.be/uW5XFx_cAwE?si=4Xqi45snAoo_vnj3
No comment yet, add your voice below!