Имајќи ги предвид сѐ позачестените и брутални случаи на семејното насилство кои се случуваат во нашето опкружување, Либерално-демократската партија предлага изменување и дополнување на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, со кој ќе се доуреди привремената мерка забрана за приближување на сторителите до жртвите.
Промената на законот се предлага поради потребата за подобрување на механизмите за заштита на жртвите на семејно насилство, имајќи ја предвид сериозноста на последиците кои може да ги има насилството врз жртвата.

Промената ќе значи покрај забраната за приближување, сторителот да има електронска нараквица која ќе ја предупредува жртвата дека сторителот се приближува до одредено место, односно на оддалеченост помала од 100 метри. Оваа мерка ќе ја зголеми заштитата на жртвата и ќе ја намали можноста за повторно изложување на насилство.

„Во време кога жените од ден во ден трпат сѐ поголемо насилство, од клучна важност е на нив да им обезбедиме начин како да се заштитат и себе и блиските од насилниците. Во рамки на кампањата на Обединетите Нации, ’16 дена активизам против родово базирано насилство’, Форумот на жени на ЛДП подготви предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство. Доколку успееме да најдеме начин и ги усвоиме овие измени, ќе решиме голем проблем и ќе воведеме конкретно системско решение кое ќе се однесува на сите прекршители на законот, истовремено зголемувајќи ја безбедноста на жртвите“, изјави претседателката на Форумот на жени на на ЛДП, Билјана Аврамоска Ѓореска.
Претходно, ЛДП и Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство ГЛАС ПРОТИВ НАСИЛСТВО – Скопје потпишаа Меморандум за соработка, кој опфаќа взаемна поддршка во процесот на законско дорегулирање на заштитата на жртвите од насилство, како и организирање на заеднички настани, трибини и преземање на други активности за подигнување на јавната свест за потребата од превенирање и санкционирање на насилството врз жените и семејното насилство.

Recommended Posts

No comment yet, add your voice below!


Add a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *