На парламентарните избори 1998 година ЛДП настапи во коалиција со Демократската партија на Македонија (ДПМ) од Тетово. На овие избори ЛДП освои 79.000 гласови (4 пратенички мандати). За пратеници беа избрани: Петар Гошев, Стојан Андов, Латиф Пајковски и Слободан Даневски. На Првиот конгрес на ЛДП во пролетта 1999, а по неуспехот на парламентарните избори 1998, Петар Гошев се повлече од претседателската функција. За нов претседател е избран Ристо Пенов, дотогашен потпретседател на партијата.
Во 1999, ЛДП влезе во Владата на Република Македонија. За член на Владата, како министер без ресор, беше избран Радован Стојкоски.
На претседателските избори во 1999 година ЛДП учествуваше со свој кандидат, Стојан Андов. Тој на овие избори освои 112.000 гласови и не успеа да се пласира во вториот круг.
На почетокот на 2000 година, дел од припадниците на поранешната Либерална партија на чело со Стојан Андов (и со пратениците Пајковски и Даневски) ја напушти ЛДП и ја формира Либералната партија на Македонија. Истата година, на Локалните избори 2000 година ЛДП настапи како дел од коалицијата За Македонија заедно, во која членуваа и СДСМ, СПМ и Лигата за демократија.
Во коалиција со СДСМ, ЛДП учествуваше на парламентарните избори 2002 година, освојувајќи 13 пратенички места и влегувајќи во новата влада со 4 министри.
На парламентарните избори во 2006 година, ЛДП повторно настапи во коалиција со СДСМ и освои 5 пратенички мандати. Претседателот на партијата, Ристо Пенов, најави повлекување од водачката позиција, по што, на 11 февруари 2007 година за нов претседател на Партијата е избран Јован Манасијевски.
Во 2009, партијата за првпат настапува самостојно на локалните и претседателските избори каде што го кандидира порашниот амбасадор при НАТО, проф. д-р Нано Ружин.
На парламентарните избори во 2020 година, партијата учествува во коалиција предводена од СДСМ и освојила 2 пратенички места.