Во гостување на Тема на денот во централното издание на Дневникот на Сител Телевизија, претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, говореше за новата варијанта на изборниот законик за која има согласност околу моделот на една изборна единица и отворени листи, но постојат разлики околу висината на прагот за избор.
„Предлогот на ЛДП е буквално во кореспонденција со она што го бараат граѓаните. Нели, секој граѓанин доколку разговарате ќе ви каже дека сака да има претставници во парламентот или во советите кои што директно ги бира и кои што ќе ги застапуваат нивните ставови, а не партиските ставови во институциите. Токму затоа ЛДП предложи една изборна единица со отворени листи, притоа да се внимава на еднаква застапеност на мажите и жените за да не дојде повторно да креираме ние изборен законик, да направиме некоја привидна промена која што на крајот ќе биде контрапродуктивна и повторно ќе ги фаворизира партиските послушници“, посочи претседателката Зајкова во Тема на денот.
Зајкова додава дека е запознаена за тоа дека на лидерската средба се разговарало за една изборна единица и отворени листи, но и дека имало и такви предлози за ирационални прагови за влез, кои повторно би ги фаворизирале големите партии.
„Не чув да се говори за формулата на пресметување на гласови, Донтот (Донтов модел), кој што е најголем проблем во изборниот модел, чув некои варијанти за тоа да гласаат и луѓе кои што не пазарат во Македонија, не плаќаат даноци и комунални такси во Македонија и се надевам дека овојпат нема да бидат толку креативни во тоа како да не направат одредени промени, туку навистина ќе се покаже волја и ќе направиме изборен законик кој ќе донесе повеќе демократија, но и повеќе вклученост и отчетност пред граѓаните“, завршува Зајкова.







No comment yet, add your voice below!