Зајкова: На Македонија не ѝ требаат купишта заменици министри и директори, на Македонија ѝ треба една изборна единица и отворени листи

Гостување на претседателката на ЛДП и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова, во централниот Дневник на Алсат Телевизија

Водител: Сакам да почнеме со тоа што ќе биде тема на дневен ред во Министерството за Правда во понеделник, а тоа е заседавање или конституирање на работната група што ќе работи во измените на Изборен законик. Последниот пат кога имаше обид за да се прави конституирање на оваа работна група, немаше материјали, така соопштија партиите. Па дали се партиите и Министерството за правда се подготвени за да почне работната група?

Моника Зајкова: Гуглав, гледам дека сум била во студиото на Алсат и сме дебатирале тогаш за повторно формирање на работна група, која што треба да обезбеди измени на изборниот законик.  Единствено за тоа прашање што може да кажеме е вака ова да го ставиме на маса и да стои дека големите партии манипулираат. Зашто го велам ова? Затоа што јас сум дел сега од работната група и работната група не започна само затоа што не беа обезбедени основните услови за почеток на таа средба. Пред сѐ недостасува материјал, за да вие дискутирате и дебатирате што ќе се именува, треба да имате предлог материјал врз основа на кој што ќе дебатирате.

Друго, во понеделник продолжуваме и повторно како материјал е доставен само деловникот за работа во кој што ние формираме работна група во Министерството за Правда и треба да претседава министерот, но министерот како да сака да се изземе од претседавање со работната група. Во самиот деловник ќе најдете дека треба да овласти претседател од редот на пратениците. Ако треба да биде од редот на пратениците, тогаш мислам дека треба дебатата да се префрли во законодавниот дом.

И чинам дека на тој начин, единствено што се сака да се направи, е утре ако не се обезбедат одредени суштински измени, едноставно вината да не падне врз Министерството, но да падне повторно врз пратениците.

Водител: Дали од прилика знаете за што измени, за какви измени ќе работи работната група? За какви измени, зошто граѓаните треба да знаат. Ние често пати гледаме препораки какви треба да бидат изборите, каков треба да биде изборниот законик, но не знаеме суштински за какви измени.

МЗ: Така, затоа велам дека недостасува материјал. Секогаш, до сега, измените кои влегуваат не носат никакви суштински промени. Не носат суштински промени во она што треба да значи демократизација на општеството.

Туку чисто се стават, ниту па техничките забелешки коишто ги имало ОБСЕ. Не се ставаат суштинските забелешки во измените. Ставот на ЛДП тука беше јасен, дека јасно остануваме на позицијата за отворени листи, затоа што сметаме дека на тој начин само може да се демократизира општеството и да граѓаните лично ги изберат своите претставници, а не да имаат понуда на листа, која што доаѓа од лидерот на партијата, сега и јас сум лидер на партија и знам како се прават тие листи, но да дојде директно изборот од граѓаните.

И тој став на ЛДП останува непроменет, затоа што сметаме дека навистина на тој начин ќе се поттикне повеќе одговорноста на избраните лица, директно кон оние кои што ги бираат. Но е нормално дека останува заложбата за една изборна единица, која што ја туркаме меѓу годините.

Водител: Ќе збориме една по една точка за тоа. Тоа што кажавте дека за вас е прифатливо моделот со отворени листи, каков е ставот на големите партии што ги манипулираат граѓаните?

МЗ: Па јас мислам дека постои страв. Постои страв од отворени листи. Знаете како многу е полесно кога вие ќе ги ставите луѓето кои што на вас ви се лојални, така да го ставам под наводници, и ќе ги направите да чувствуваат дека ви должат лично на вас за позицијата на кои што се наоѓаат.

Друго е кога ќе бидат отворени листи, кога нема да биде важно дали Адријан или Моника се 20 или 18 на листа, доколку граѓаните сметаат дека тие добро ги претставуваат, ќе ги изберат токму нив. И тука се намалува моќта на лидерите на политичките партии, се намалува моќта на самите партии, затоа што вие тогаш немате чувство на лојалност или одговорност дека некому должите, туку исклучиво должите на граѓаните. И ќе оправдате таа доверба или нема да ја оправдате.

Водител: Тоа, од што имаат страв политичките партии, особено Албанскиот блок, е една изборна единица. Знам така, знам од нивните ставови и до сега дека треба да има три изборни единици, шест или осум по развојни зони. Што ќе добијат, мене ме интересира, на пример, помалите политички партии, ако има една изборна единица и дали една изборна единица може да влијае за да големите политички партии, така да кажеме демократски, ги згаснат помалите политички партии?

МЗ: Сѐ зависи, јас не би го поставила прашањето што ќе добијат помали по членство, сега го говориме, политички партии, туку што ќе добијат граѓаните. Ние со овој модел, кој што сега го имаме, на шест изборни единици и Донтов Количник, направивме како една бипартидност во општеството и гледаме дека постојано имаме една доминантна партија, која што е лидер во власта и една доминантна опозициона партија и како две партии, доминантно да си ги менуваа местата во, односно не како, току си ги менуваа местата во владата, формирајќи ги нели тие коалиции кои што им се потребни за да имаат постабилни мнозинства.

Во системот на една изборна единица, може да се соочиме со идеологии во парламентот, кои што може нема да им се свиѓаат на сите. Сега тука знам дека постои аргументот нели, ама тоа може да води до нестабилни влади, до повеќе компромиси, но тоа е убавината на демократијата, да направите компромис и да не залутате во апсолутна моќ, а и на тој начин нормално дека ќе биде по голема контролата врз извршната власт.

Водител: Дали сметате дека ќе влијае повеќе волјата на граѓаните директно да биде рефлектирана во Собранието со една изборна единица?

МЗ: Да, затоа што не јас туку истражувањата покажуваат, имаше пред година или две истражувања, може и повеќе, сега да ни земате за збор, од Институтот за Демократија  и НДИ, каде што се гледа дека би бил поинаков составот на мандатите и дека би изгубиле, условно кажано, поголемите политички партии по некој од своите мандати.

Ние и во минатото бевме желни да се отвори дебатата за тоа што ќе донесе една изборна единица и, нормално, ЛДП се стави на располагање дури да дебатираме за нормален и разумен изборен праг, или ако нема опција да се менува изборниот модел, тогаш да се менува формулата по која што се пресметува, бидејќи Донтовиот количник не е најсоодветниот и во вакви услови чинам дека најдобра би била Харе квотата.

Водител: Тоа сега да ве прашам, се споменува да има праг за тоа што треба да постигнат политичките партии, па таму се споменува излезеноста, па се споменува и бројот вкупниот на гласачите. Дали за вас е прифатливо 5% праг? Или тоа е голем праг?

МЗ: Апсолутно не. Мислам дека тоа ништо нема да донесе. Ако биде 5%, ајде, тогаш нека го направиме 15%. Нашиот предлог беше да првите изборни или биде една изборна единица без изборен праг за да прагот природно се наметне, бидејќи ние гледаме дека низ годините излезноста паѓа, некогаш расте, значи варира и дека навистина треба да се создаде еден природен праг, или доколку би разговарале за праг, тоа да биде разумен праг од некои 2%. Но, она што во моментот навистина ни е многу поважно, на страна од математичките формули и изборните прагови, ни е навистина важноста на отворените листи.

И чинам дека треба да се отвори прашањето за тоа во колку по-подредена положба настапуваат, условно кажано, помалите партии, затоа што не смееме да заборавиме дека трите најголеми партии во државата земаат навистина повеќе од пола од буџетот, околу 6,5 милиони тие земаат од буџетот за финансирање на партиите. Ако го видите делот на останатите кои што останува, тоа се смешни буџети, тие имаат поголема можност за медиумско претставување. И не знам зошто, еве јас стварно прашувам, зашто ние како граѓани ги финансираме нивните аналитички центри, кога јас како помала по број партија, која што можеби зема околу, не знам, 80.000 евра, кога овие зимаат по 2 милиони или по 1,5 милиони евра од буџетот, да финансирам сама аналитички центар, чуму граѓаните да ги плаќаат нивните аналитички центри за да спамираат вести постојано и да ги слушаме на меѓусебни партиски препукувања.

Водител: Дали може да има изборен модел што ќе функционира и со праг, на пример, од 2% или 3%, зависи колку ќе се договорат, но да биде ставени системот на Донтов количник истовремено?

МЗ: Ние не сме стигнале до таа дискусија, ние не сме стигнале да направиме една анализа, каде што работната група ќе биде формирана од пред се, од претставници на политичките партии, да бидат експерти, каде што ќе можеме да ги разгледуваме кои би биле бенефитите, а што би биле недостатоците. Во минатиот состав, ние ставивме во самиот закон да постои нели таа родова застапеност, да не се заборави елементот на родовата застапеност, и за да можеме да дискутираме што ќе донесе и како ќе донесе, мора првин да ја отвориме дебатата, да седнеме суштински, да видиме, да се направи симулација. Не случајно споменав, треба да се види дали Донтот треба да остане, или можеби треба да размислуваме за воведување на по пропорционална квота, тоа е Харе квотата.

Но сите овие работи треба суштински да се дискутираат, а не да се прават импровизации и работни групи. Ние од година во година формираме работни групи, резултатот од тие работни групи е никаков ефект и никакви промени, освен ситни технички измени. Она што замерувам, и не заборавив да го напоменам на почетокот, е што во оваа работна група, да, се претставниците на парламентарните партии, меѓутоа ние не треба да заборавиме дека има претставници од Турската партија, од Ромската партија, кои што исто така треба да бидат вклучени во работната група, без оглед на тоа дали се парламентарни партии, или не се, бидејќи тие играат исто така улога во општествата.

Водител: Владата имаше уште една идеја, тоа мислам дека стои во владината програма или изборната програма, не сум сто по сто сигурен, за намалување на бројот на пратениците во Собранието?

МЗ: Тоа е идеја на ЛДП, ставена во програмата Има излез, усвоена во 2011 година, повторно повторена во програмските заложби Секој е важен пред само две години и драго ми е што е после толку време, повторно сите ја отвораат темата за 90 пратеници, бидејќи кога во 2011 ја предложивме, сите нѐ гледаа како опасност. Веројатно така ќе биде за отворените листи, може за 10 години од сега, некој друг ќе ги предложи, тогаш ќе биде некаква супер иновација.

Драго ми е што ЛДП е пред времето и што ова го имаше предлагано, но не треба да заборавиме дека прашањето за намалување на бројот на пратеници, што апсолутно сум за, бидејќи е наша програмска заложба, сметам дека на Македонија не ѝ требаат 120 пратеници, ѝ требаат 90 пратеници, не ѝ требаат 25 министерства, ѝ требаат 15, не ѝ требат купишта на управни, надзорни одбори, заменици, министри. Меѓутоа, за овие прашања треба сериозно да се седне на маса и да се разговара и конкретно за бројот на пратеници не се наоѓа прашањето во Изборниот законик. Прашањето е во Уставот.

И ако навистина, еве гледаме бидејќи и некни после средбата имаше прес конференција дека се залагаат за 90 пратеници, значи се желни да го отворат Уставот и можеме да седнеме на маса да разговараме што сѐ треба да се внесе доколку дојде до отворање на Уставот.

Водител: Е тоа, за отворање на Уставот. Тоа е голема тема, но мене ми е за крај едно прашање што беше тема на лидерската средба, а тоа е укинување на техничката влада. Дали треба да се укине или наводно се договараа големите политички партии и сите учесници во таа лидерска средба дека уште овие следните избори да важи, па после тоа да се укине. Дали техничката влада моментално не е потребна?

МЗ: Знаете како, секогаш кога имаме ние распишување на избори или техничка влада некако целото општество се закочува и ништо не функционира, и јас пак ќе повторам и ќе се навратам на нашата теза, дека на Македонија ѝ треба помал парламент, ѝ треба помала влада, дека не ѝ требаат купишта на заменици, не ѝ треба ни техничка влада.

Значи, на Македонија ѝ треба отворени листи, ѝ треба една изборна единица, ѝ треба градење на силна економија.

Што значи ние треба да бараме механизми како да го направиме пофункционално општеството, како да ја изградиме довербата во институциите, а не да формираме тела кои што се само кочница, кои што одвлекуваат дополнителни средства од граѓаните, апсолутно не носат никаков бенефит ниту за граѓаните, ниту пак за државата. Треба да се научиме да ја креираме таа државна доверба, бидејќи нели техничката влада произлезе како елемент на недоверба, дека власта може, тогашната власт говорам, може да спроведе фер и демократски избори.

ВИДЕО: Кликни за да го погледнеш цело видео   Извор: Алсат М телевизија

Recommended Posts

No comment yet, add your voice below!


Add a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *