Скопје, 29 април 2026

Во време кога македонските граѓани се соочуваат со еден од најтешките инфлаторни периоди, претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова, денеска од собраниската говорница упати остра критика до пратениците, барајќи итно прекинување на „политичкиот театар“ наречен техничка влада.

Зајкова јасно ја повлече линијата меѓу минатото и иднината, позиционирајќи ја ЛДП како единствена опозициона партија која нуди решенија во ова Собрание, наместо да се заглавува во кадровски пазарења.

Од „заробена држава“ до административен хаос

Во својот говор, Зајкова потсети дека Пржинскиот модел беше воведен како „итна операција“ по времето на груевизмот, кога институциите беа партиски штабови, а граѓаните „за рачиња“ беа носени на гласање. Но, таа нагласи дека во 2026 година, опстојувањето на овој модел е признание за неспособност.

„Она што го гледаме денес не е заштита на гласот. Гледаме парада на дополнителни министри и функционери кои 100 дена се занимаваат со реваншизам и смени на професионалци. Додека додаваме фотелји, ние се закотвуваме како најсиромашна држава во Европа со граѓани со поплиток џеб и непрофитабилни фирми, а со повеќе кредити – тој тренд мора да го запреме!“, децидна беше Зајкова.

Дигитализација наместо „Пржински“ фолклор

Претседателката на ЛДП упати директно прашање до Собранието: Како е можно во ера на тотална дигитализација, кога имаме и посебно Министерство за дигитална трансформација, сè уште да се дебатира за технички министри како единствен гарант за изборите?

„Каква изместена дебата за Пржинска влада во 21 век кога во други делови на Европа се гласа електронски? Дајте да решаваме модерно, европски, практично и економично. Технологијата не познава партиска книшка и не може да биде уценета. Тоа е вистинскиот пат, а не нови министерски лимузини“, порача Зајкова.

Повик за системско решение во Работната група

Зајкова апелираше колегите пратеници да престанат со дефокусирање на јавноста и да се вратат на суштинската работа во Работната група за Изборниот законик.

„Аман веќе од дополнителни функционери и вонредни трошоци во држава која едвај преживува. Јас сум во постојан контакт со граѓаните и тие сакаат да се бавиме со суштински прашања. Имаме работна група? Имаме! Да ја завршиме работата таму, да ги вградиме заштитните механизми и системски да го затвориме ова прашање. Да го тргнеме фокусот од парадирањето и да го ставиме таму каде што припаѓа – на ефикасен систем, заштитени гласачи и достоинствен живот“, заклучи претседателката на ЛДП.

Центар за комуникации на ЛДП

Recommended Posts

No comment yet, add your voice below!


Add a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *