До кога ќе купуваме „мачка во вреќа“?: Од што всушност се плашат „големите“ партии?

Ајде искрено и со факти да говориме за изборниот модел, на страна бруталните лаги и манипулации кои ги слушаме деновиве. Веќе со години, иницијативата за воведување една изборна единица со отворени листи, политика за која ние како либералдемократи постојано и конзистентно стоиме, сè повеќе се препознава и од граѓаните како еден од најважните чекори за вистинска демократизација на Македонија.

На хартија, а особено пред камерите, ситуацијата изгледа речиси идилично. Прашајте ги лидерите на „големите“ политички партии и сите ќе ви кажат дека поддржуваат реформи, граѓанско претставување и поголема демократија, дека и тие се за промена на изборниот модел, односно за воведување на една изборна единица. И тука застануваат. Не продолжуваат кон воведувањето на отворени листи.

Но, штом камерите ќе се исклучат, а прашањето ќе влезе во собраниските и партиските лавиринти, претставата завршува. Почнува добро познатата „коалициска“ гимнастика, процедуралните блокади, неаргументирани изговори за неможноста од имплементација на таквиот модел и продолжува тивко со туркање на идејата под тепих.

Зад оваа политичка хипокризија не стои грижа за стабилноста на системот, ниту стручна дебата за изборниот модел. Зад неа стои исклучително чист и оголен страв од тоа граѓаните конечно да ја преземат контролата на изборите.

Силата на отворените листи: Враќање на моќта кај граѓаните!

Суштината на отворените листи е многу едноставна, а пред сè демократска: граѓаните добиваат право сами, директно и без посредници да одлучуваат кој ќе ги претставува во институциите.

Без разлика дали се работи за пратеници во Парламентот или за советници во општинските совети, гласачот повеќе не е принуден да „купува мачка во вреќа“ или да прифаќа однапред диктирани партиски листи. Да се гласа со затворени листи е исто како да ве тераат во ресторан да платите за поставено мени каде сопственикот веќе решил што мора да јадете, а потоа со насмевка ве убедува дека тоа бил „ваш слободен избор“. Доколку храната е расипана – вие ја плаќате сметката, но ниту менито ниту ресторанот немате право да го смените и, се разбира, немате право да се жалите.

Со отворени листи, граѓанинот може да каже: „Јас ја поддржувам оваа опција, но сакам да ме застапува токму овој човек, тој или таа, поради сопствениот интегритет, работа и капацитет.“ Во таков случај може да заокружи некој или некоја кој/која се наоѓа на средината или сосема на крајот на листата.

Е токму тоа го менува односот на силите — избраните претставници во советите на општините и Собранието повеќе не му се одговорни на партискиот шеф, туку директно на луѓето што го заокружиле нивното име.

Токму затоа, зад декларативната поддршка од „големите“ партии, во пракса се кријат два клучни страва:

1. Стравот на лидерот од губење на „диригентската палка“

Во постојниот модел со затворени листи, партискиот лидер е „апсолутен господар“ на политичката судбина на своите сопартијци. Тој го држи перото што ги составува листите и тој одредува кој ќе биде на „добитно“ место, а кој ќе биде турнат на маргините. Ваквиот систем не произведува претставници кои му одговараат на народот, туку послушници кои му се должници на партискиот лидер.

Се сеќавате ли, а би требало бидејќи не беше многу одамна, на скандалозното потпишување на бланко оставки од страна на кандидатите за пратеници пред нивниот партиски лидер, со кои му ветуваа вечна верност и можност за нивна смена по негова лична волја? Уште поскандалозно беше тоа што таквото недемократско безобразие самите си го објавија со гордост со тоа соголувајќи го целосно пред јавноста својот автократски ум!

Токму тоа е класичниот систем на затворени листи – фабрика за заложници, а не за претставници на народот.

Со отворените листи, оваа пирамида на моќ се урива. Лидерите повеќе нема да можат да гарантираат фотељи за своите фаворити врз основа на нивната слепа лојалност. Тоа е првиот и најголем страв на партиските централи: губење на монополот врз кадрирањето.

2. Паниката на партиските апаратчици

Со години, постоечкиот модел нудеше сигурно засолниште за т.н. „партиски апаратчици“ — поединци без реален личен интегритет, без професионален „бекграунд“ и без каква било препознатливост меѓу своите сограѓани. За нив, влезот во институциите беше загарантиран со самиот факт што нивното име се наоѓало на високо место на партиската листа.

Отворените листи значат сурова политичка меритократија. Тие бараат кандидатот за советник или пратеник да има име, презиме, биографија и капацитет самостојно да заработи доверба. Паниката кај многумина од сегашните функционери е сосема оправдана: во отворена трка, каде што граѓаните бираат личност, а не само партиска брошура, нивните шанси „да се сместат“ во советничките или собраниските клупи се речиси еднакви на нула.

Политичка шизофренија: Мене ми требаш само за глас, ама не ми се мешај!

Е тука доаѓаме до врвот на политичката шизофренија и хипокризија, пред сè на владејачките партии, која со своите постапки и предлози го потврдува токму ова размислување. Нивната логика кон граѓанинот се сведува на следното:

„Мене ми требаш ти, избирачу, само за да ме изгласаш онака како што ЈАС сакам – зашеметен од популизмот што ти го продавам и принуден да ја голтнеш листата од мои следбеници што јас сум ти ја сервирал. Ама да не си помислил да ми се мешаш во кадровската политика во партијата или во владата! А ако случајно имаш и друг пасош – да не си ни помислил да бидеш кандидат на листа, бидејќи ние ќе предложиме закон да не можеш да бидеш избран!“

Ова не е само паничен страв од сопствениот народ и од граѓаните во дијаспората. Ова е директна и отворена навреда за интелигенцијата на секој еден гласач. Политичките елити ги гледаат граѓаните како гласачка машина за остварување на нивните амбиции, но не и како зрели демократски чинители кои имаат право да кажат КОЈ точно ќе ги застапува.

Време е за разбивање на монополот

Однесувањето на „големите“ партии е класичен пример за зачувување на „status quo“ ситуација. За нив е поудобно да имаат систем каде што гласот на граѓанинот е само бројка во партиската математика, отколку систем во кој граѓаните навистина ќе диктираат кој ќе ги носи одлуките во нивно име.

Заложбата за една изборна единица со отворени листи за парламентот и отворени листи за локалните совети не е техничко изборно прашање — тоа е борба за враќање на институциите кај граѓаните. Секој изговор со кој се одложува оваа реформа е само потврда за тоа колку длабоко е вкоренет стравот кај политичките елити од вистинска, непосредна и отворена демократија.

Реформите никогаш не биле лесни, особено кога уриваат привилегии. Но, истрајноста во барањето за една изборна единица и отворени листи е испит за тоа какво општество сакаме да градиме.

И покрај сите блокади и тивки опструкции, ние како либералдемократи нема да отстапиме од оваа иницијатива. Борбата за една изборна единица со отворени листи не е политички каприц, туку суштинска потреба за македонската демократија. Граѓаните заслужуваат вистински избор, а не диктат наметнат од партиите.

Затоа, компромис со демократијата не смее да има. Истрајноста и упорноста се единствениот пат да се скрши партискиот монопол. „Големите“ партии можеби ќе купуваат време и ќе бараат изговори, но промената е неизбежна.

Ние како либералдемократи остануваме на чело на оваа борба — за институции водени од луѓе со интегритет, а не од партиски послушници.

Дејанчо Цветановски
– Учесник во Работната група за измени на Изборниот законик
– Член на Извршен одбор на Либерално-демократската партија (ЛДП)

Recommended Posts

No comment yet, add your voice below!


Add a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *