Во претходната моја колумна го соголивме паничниот страв на партиските елити од губењето на контролата. Го дефиниравме нивниот отпор кон една изборна единица со отворени листи како очајнички обид за зачувување на партискиот монопол.

Но, откако ги демаскиравме изговорите и мотивите на „големите“ партии, време е да минеме на суштината и да одговориме на клучните прашања: Кои се конкретните изборни модели со отворени листи, како функционираат во пракса и кои се вистинските придобивки за граѓаните на Македонија?

За да доловам на секој читатал и секоја читателка што практично значи ова за самиот чин на гласањето и како гласот наеднаш од партиска бланко поддршка добива на вистинска вредност и тежина направив практична анализа и споредба.

Кога како либералдемократи зборуваме за замена на сегашниот модел (шест изборни единици со затворени листи), тоа не е апстрактна теорија. Во меѓународната изборна пракса постојат неколку варијанти на модели со една изборна единица и отворени листи кои успешно функционираат во низа демократски држави.

Кои изборни модели постојат и како функционираат?

  1. Модел со потполно (целосно) отворени листи
    •  Како функционира: Партиите поднесуваат листа на кандидати, но редоследот нема значење. Гласачот избира партија, но истовремено дава индивидуален (преференцијален) глас за конкретен кандидат од таа листа.
    • Резултат: Кандидатите што ќе освојат најмногу поединечни гласови ги добиваат пратеничките места, без разлика на нивното првично рангирање од страна на партијата.
  1. Mодел со полуотворени (флексибилни) листи
    • Како функционира: Партијата предложува почетен редослед, но граѓаните можат да го променат. Доколку некој кандидат од дното освои однапред утврден праг на лични гласови (на пример 5% или 10% од гласовите за партијата), тој се искачува на врвот и добива мандат.
    • Резултат: Овој модел нуди баланс — им овозможува на граѓаните да ги унапредат своите фаворити, додека делумно се задржува предложената партиска структура.
  1. Слободни листи („Panachage“ систем)
    • Како функционира: Ова е најслободната форма (се користи во Швајцарија). Гласачот не е ограничен на една листа, туку може да комбинира кандидати од различни партиски или независни листи.

Како најделотворен и најприменлив за Македонија го издвојуваме моделот со една изборна единица со потполно отворени листи или, евентуално, моделот со флексибилни полуотворени листи.

Што добиваат граѓаните на Македонија?

Воведувањето на една изборна единица со отворени листи не е козметичка промена во Изборниот законик — тоа е тектонско поместување во корист на граѓаните.

Еве ги четирите клучни придобивки:

  1. Крај за „фрлените“ гласови и еднаква вредност на секој глас

Во сегашниот систем со шест изборни единици, десетици илјади гласови завршуваат во контејнер бидејќи остануваат под прагот за мандат во одделните единици. Со една изборна единица, секој глас вреди исто — без разлика дали е даден во Скопје, Охрид, Струмица или Тетово. Вкупниот број гласови точно се пресликува во пратенички места, со што драстично се зголемува легитимитетот на Парламентот.

  1. Директна контрола: Пратеникот работи за народот, а не за партискиот шеф

Кога граѓанинот знае дека со својот преференцијален глас директно го внесол пратеникот во институциите, се создава директна одговорност. Избраните претставници повеќе нема да го чекаат мислењето на партискиот лидер за да гласаат за одреден закон, туку ќе мора да ги слушаат потребите на оние што ги избрале.

  1. Влез за квалитетни луѓе и шанса за помалите партии

Со отворените листи, вратата се отвора за поединци со интегритет, стручњаци и активисти кои досега биле блокирани од партиските филтри. Граѓаните ќе можат да наградат знаење и чесност. Исто така, една изборна единица им дава реална шанса на помалите партии, независните листи и помалите етнички заедници да освојат мандат врз основа на реални гласови низ целата држава, намалувајќи ја потребата од уценувачки предизборни коалиции.

  1. Враќање на довербата во демократијата

Апатијата кај гласачите и ниската излезност се директна последица на чувството дека „сè е однапред договорено меѓу лидерите“. Кога граѓанинот ќе види дека неговиот избор има моќ директно да го смени составот на Парламентот, се враќа мотивот за учество во процесот.

Нашата заложба останува недвосмислена!

Оние што тврдат дека една изборна единица со отворени листи е „технички комплицирана“ или дека е „прерано за нашата политичка култура“, всушност само бараат оправдување да останат во зоната на комфор. Финска, Холандија, Шведска, но и земји од нашето непосредно соседство како Хрватска, Босна и Херцеговина и Косово, одамна ги користат овие механизми за да обезбедат поголема одговорност пред граѓаните.

Борбата за една изборна единица со отворени листи е борба за достоинството на македонскиот гласач. Нема повеќе простор за половични решенија и затворени партиски кабинети.

Како либералдемократи, продолжуваме да инсистираме на оваа реформа. Време е да ги отвориме листите и конечно да ја предадеме одлучувачката моќ таму каде што отсекогаш припаѓала — во рацете на граѓаните.

____________________________________

Пишува: Дејанчо Цветановски

Член на Извршниот одбор на Либерално-демократската партија

Recommended Posts

No comment yet, add your voice below!


Add a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *