Човек мора да се запраша дали во македонската владејачка партија е извршена колективна политичка лоботомија кога ги следи изјавите на нејзините највисоки функционери, особено сега во врска со мегаскандалот со Ива Михаилова. Кога вицепремиерот Александар Николоски излегува во јавноста и со праведен гнев бара Бугарија – како земја членка на НАТО и Европската Унија – итно да ја испорача бегалката Ива Михаилова за да се соочи со правдата, секој здраворазумски човек се прашува како тоа истиот овој човек, кој со години беше дел од структурата што одеше на секои шест месеци на „баци-рака“ и поклон кај тогашниот унгарски вожд и нивен мастер-гуру Виктор Орбан, одеднаш стана портпарол на европските правни стандарди? Во текот на цели пет и повеќе години, додека истиот овој политичар и неговите сопартијци легитимираа засолниште за сопствените бегалци од македонското правосудство во Унгарија, ни се продаваа небулози дека Орбановата Унгарија е врвен пример за демократија затоа што е членка на ЕУ и НАТО.
Денес, истиот тој човек, но сега во министерска фотелја, повикува на почитување на европското законодавство од друга земја членка на ЕУ која прави сосема исто – штити бегалци од македонската правда. Што очекува, дека македонската јавност има кратка памет и тридневна меморија? Па, на кој Александар Николоски да му веруваме — на оној од претходните години кој молчешкум ја славеше европската милост за бегалци во Будимпешта, или на овој денешниот кој глуми строг легалист кон Софија? На двајцата едноставно не може, бидејќи нивните ставови се во апсолутна спротивност, искроени исклучиво според дневните политички потреби и гол популизам. Ваквото дрско потценување на интелигенцијата на граѓаните покажува дека власта мисли оти народот е наивен и заборавен, па платениот ПР и селективното паметење ќе помират сè.
Се лаже себеси секој што мисли дека граѓаните не гледаат како правдата во Македонија се користи како пазарен материјал, додека државните граници функционираат како пропустливо сито за едни, а за други се носат строги потерници само кога тоа им носи политички поени. Додека државата тоне во институционален хаос, а премиерот и министрите молчат или си играат евтини политички игри, секој изговорен збор со двојни аршини останува запишан.
Либерално-демократската партија потсетува дека народот гледа, памти и нема да заборави ниту еден лицемерен потег, ниту една лажна заклетва и ниту една изневерена надеж. Македонија ќе биде функционална правна држава по европски терк, но сигурно не со оваа владејачка гарнитура.







No comment yet, add your voice below!