Конечно да слезе на земја, да го намали сопствениот занес кога дефилира по телевизиските студија вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, и да престане да ја иритира интелигенцијата на македонските граѓани. Изјавите дека Владата наводно гради „шест автопати“ се врв на терминолошка манипулација, евтин популизам и лошо имитирање на балкански автократи кои од секоја поплочена улица прават историски триумф.
Да му појасниме на министерот: парче пат од 10 или 20 километри од село до село не е посебен автопат, туку само уште една распарчена делница од истите два коридора што се градат со децении! Исто како што една зграда со пет влеза не е пет различни згради, така и распарчените траси на Коридор 8 и Коридор 10д не се „шест различни автопати“. Легитимно е Николоски да сака да живее во илузија дека прави нешто надвор од универзумот и дека е македонскиот Илон Маск, но ова петлово кукурикање на секое појавување во јавност веќе станува пресмешно. Народот бара реална работа и завршени проекти, а не евтин театар и секојдневни лаги.
Во истиот тој занес и замајување на јавноста, министерот мисли дека сите заборавивме на неговите претходни ветувања. Ве поздрави авиолинијата за Дубаи, која Николоски гордо ни ја најави барем шест пати досега, а од која сè уште нема ниту трага ниту глас! Наместо да продава магла за глобални проекти, подобро да го среди скандалот со монополот во авиопревозот што оваа власт го создаде со пари од џебот на граѓаните – постапувајќи директно спротивно на сите нивни антимонополски ветувања дадени пред изборите.
Либерално-демократската партија (ЛДП) најискрено (им) порачува: Имајте барем малку усул! Опстанокот на Македонија не зависи од вашите грандиозни ПР-бајки за шест автопати, туку од чесно, функционално и одговорно управување. Граѓаните се уморни од политичари кои живеат во сопствениот паралелен универзум!

Recommended Posts

No comment yet, add your voice below!


Add a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *