“Човечкиот живот нема цена, очекувам во име на мирот и човековите права сите да дадеме поддршка“

Жалам што повторно во 21 век сме сведоци на напад врз мирот и човековите права, предизвик кој на никој од нас не му доаѓаше ни на сон дека ќе се случува, рече пратеничката на ЛДП Моника Зајкова по поднесувањето на „Декларација за осуда на воените напади кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина“.

– Со оваа Декларација по иницијатива на ЛДП како мал акт на солидарност ја осудуваме најостро со ништо не испровицираната воена агресија врз Украина која доколку итно не престане светот ќе сведочи за огромни катастрофи и загубени човечки животи. Сето ова што се случува е еклатантно кршење на меѓународното право и сериозна закана за европската безбедносна архитектура и го доведува во ризик мирот на континентот, рече пратеничката Моника Зајкова која во Парламентот на своето обраќање беше облечена во боите на украинското знаме.

Таа порача дека ниту еден човечки живот не може да биде надоместенповикувајќи се на Повелбата на Обединетите Нации, Договорите од Минск, Безбедносните гаранции од Будимпешта 1994 година, Завршниот акт од Хелсински и другите меѓународни акти.

– Ниту една детска солза или траума нема да биде простена. Војната секогаш носи само уништивање и смрт. Дури и најблагодарните мотиви, кои се облиени со крв, се само лицемерна амбиција, недостојна да постои во овој свет, потенцираше пратеничката.

Според Зајкова низ историјата на човештвото луѓето постојано страдале од војни и брутални внатрешни битки од кои цената ја плаќале невини човечки животи, а она што се случува во Украина не ја засега само Европа или Азија, туку целиот свет.

– Ваквите настани не го загрозуваат само мирот во Југоисточна Европа, но и на Балканот. Законодавниот дом како како највисока институција во една парламентарна демократија како што е нашата земја не смее да молчи на случувањата и мора итно да ја осуди воената агресија која се случува во срцето на Европа и да искаже јасна заложба за почитување на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, рече таа.

Зајкова вели дека во дипломатијата важи правилото дека молчењето е согласност или одобрување затоа не смее да молчиме.

– Недозволиво е во 21 век да биде доведено во прашање постоењето на суверена и независна држава мешајќи се во нејзините внатрешни работи и попречувајќи ги нејзините стратешки определби. Ваквите случувања не освестија дека мирот не е загарантиран и за истиот треба постојано да говориме и да се залагаме. Очекувам во име на мирот и човековите права сите да дадеме поддршка. Човечкиот живот нема цена, додаде таа.

Recommended Posts

No comment yet, add your voice below!


Add a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *