Одлуката во Тетово да се воведат термини во јавниот базен наменети само за жени —јавно оправдана со некакви „барања на граѓаните“, а јасно втемелена во религиозната и културна структура на мнозинството — не е обичен административен детал. Таа е чиста политичка изјава. Таа порачува дека верските норми можат и смеат да се преведат во институционални правила. Но, во секуларна држава, тоа не е прашање на локална традиција, туку на уставен поредок.

Проблемот со ваквите религиозно мотивирани одлуки не е само во нивната моментална содржина, туку во нивната перфидна функција. Тие ретко се крајна цел. Најчесто се само почеток.

Да бидам кристално јасна: Тетово не е калифат. Калифатот е теократски модел во кој верата ја диктира власта, а власта го диктира секојдневието. А тој модел никогаш не почнува со драстични и радикални забрани преку ноќ, туку токму вака — со наизглед „разумни“ одлуки, со симболични чекори и со тивко, постепено поместување на границите на дозволеното.

Кога градоначалникот Билал Касами дозволува или поддржува одлуки со јасна верска матрица, тој не само што ја нарушува уставната секуларност, туку воспоставува опасен преседан. А преседанот е клучниот деструктивен проблем во оваа равенка.

Со ваквата поддршка, Касами директно ја поткопува уставната одредба за секуларност и одвоеност на државата од верските заедници. Уставот на нашата земја не остава простор за креативни толкувања – институциите не смеат да функционираат како продолжена рака на верата, ниту пак смеат да го претставуваат верскиот догматизам како јавен интерес.

Со ова грубо се крши и уставниот принцип на еднаквост. Кога една институционална одлука имплицитно го фаворизира моралниот кодекс на едно верско мнозинство, сите останати граѓани автоматски се туркаат во подредена, граѓанска позиција од втор ред. Во тој миг , правата престануваат да бидат универзални и стануваат условени од припадноста, полот и „прифатливото“ однесување.

Овој преседан значи дека еднаш засекогаш се прифаќа институциите да можат да се повикаат на морал, вера или „чувство на мнозинството“ како легитимна основа за креирање јавни политики. Денес тоа е една изолирана мерка, утре ќе биде друга. Денес е невина симболика, утре ќе биде наметнато однесување. Денес е добронамерна препорака, утре ќе стане строгово правило. Откако еднаш ќе ја проголтаме логиката дека основните права можатда се ограничуваат за да се „зачува некаков ред“, повеќе не постои правна бариера што ќе ја запре таа опасна автократска спирала.

И токму тука, последиците врз жените стануваат системски и сурови. Историјата едноставно не ни остава простор за наивност. Секогаш кога во едно општество се отвора простор за некаква морална регулација, првите што се регулираат, дисциплинираат и ограничуваат се жените. Женското тело преку ноќ станува терен на кој машкиот политички авторитет го демонстрира својот „вредносен поредок“. Не затоа што женското тело е проблематично, туку затоа што симболички е најлесно за контрола.

Последиците од ова не се апстрактни теоретски размислувања. Жените во Тетово добиваат јасна, застрашувачка порака – вашата слобода во јавниот простор е условна. Нивната порака е дека женскиот изглед може да биде оценуван како „непримерен“, а жените секогаш се дежурни виновници и одговорни за туѓите примитивни реакции. Тоа создава институционализиран срам и нормализира автоцензура — жените почнуваат самите да се ограничуваат, да се кријат и да се повлекуваат од јавниот простор само за да не бидат мета на осуда.

Особено се погодени младите девојки. Тие растат со сознание дека општеството и локалните моќници имаат право да поставуваат правила за нивното тело, но не и за телото на мажите. Дека од нив се очекува постојано приспособување, а не слободен избор. Дека слободата не им припаѓа по раѓање, туку повремено им се „дозволува“ во строго контролирани дози.

Ова не е случајно направено. Ова е добро разработен модел. Овој преседан ја отвора вратата за постепено ширење на контролата од жените кон уметниците, од јавниот простор кон слободниот говор, од препораки кон ригорозни санкции. Секоја следна одлука утре ќе се повикува на оваа денешната, сè додека ограничувањето не стане секојдневна норма, а отпорот — прогласен за радикален.

Правно гледано, ваквите одлуки се целосно неодбранливи. Уставот ја гарантира секуларноста, еднаквоста и експлицитно забранува дискриминација по основ на пол и вера.

Законот за спречување и заштита од дискриминација дополнително децидно утврдува дека јавните услуги мора да бидат достапни под еднакви услови за сите. Јавен базен, финансиран со парите на сите граѓани и управуван од општината, законски не смее да воведува ограничувања врз основа на пол без јасна, легална и објективно оправдана причина. Во овој случај, таква правна основа едноставно НЕ постои.Исто така, Законот за локална самоуправа не ѝ дава никакво право на општината да навлегува во личните слободи и идентитети на граѓаните. Но, уште поопасна од самото правно кршење е навиката што се создава кај локалните моќници — дека правото и законите можат лесно да се суспендираат секогаш кога не одговараат на нивниот личен поим за „морал“.

Секуларноста не е напад врз верата. Таа е последната линија на одбрана на женската слобода од политичка злоупотреба на религијата. Во град како Тетово, секуларноста е единствената суштинска разлика меѓу еднаквоста и подреденоста.

Затоа ова не смее да се премолчи како изолиран инцидент. Ова е преседан. А преседаните не се опасни поради тоа што во моментот изгледаат мали, туку поради тоа што отвораат широк пат за идна тиранија. Тука мора итно да реагираат државните институции. Тука мора гласно да реагира будната јавност. Тука мора цврсто и бескомпромисно да се повлече црвената линија.

Тетово не е калифат.

И нема да дозволиме да стане.

Наталија Велковска

Либерално-демократска партија (ЛДП)

Recommended Posts

No comment yet, add your voice below!


Add a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *