
Почитувани граѓани, претставници на медиумите,
Денешното утро е клучен момент за иднината на Македонија. За само неколку часа во државава пристигнува еврокомесарката Марта Кос, во денови кога судбината на парите од Европската Унија наменети за македонските граѓани виси на конец поради политичка неодговорност и партиски пазарења.
Либерално-демократската партија излегува со јасен, конкретен и итен предлог до Собранието: бараме уште денес, на консензуален начин, пратениците итно да ги усвојат измените на Изборниот законик, но само во делот на техничките барања и препораките предложени од ОБСЕ и ОДИХР. Не смееме да дозволиме ниту едно евро предвидено за Македонија да биде блокирано поради внатрешни политички калкулации.
ЛДП инсистира ниту евро од сиромашниот македонски граѓанин да не биде доведено во прашање поради политичката неспособност за изнаоѓање компромис. Не смеат политичките и партиските интереси да бидат пред и над џебот на Македонецот или на било кој граѓанин во државата, кој и без тоа плаќа огромни давачки, а има најниски плати и стандард во регионот.
Владеачкото мнозинство и Владата веднаш да престанат да играат политички игри и да провоцираат блокада на носењето на измените на изборниот закон во делот на измените кои се чисто технички. Бараме уште денес, преку Министерството за правда, во Собранието да се поднесат овие измени на изборните правила кои се побарани од Европската Унија, тие веднаш да се стават на гласање и да се усвојат со консензус пред да замине комесарката Марта Кос. ЕУ преку еврокомесарката мора да се врати во Брисел со сознание дека политичарите во Македонија реално работат за македонскиот народ и граѓани.
Но, должни сме пред јавноста да ја кажеме и целата, брутална вистина, тргајќи ги настрана евтините политички соопштенија. ЛДП јавно предупредува: само со донесувањето на Изборниот законик, Македонија НЕМА да успее да ја повлече целата транша од парите од Планот за раст! Овие технички измени спасуваат само еден поединечен износ од околу 4 милиони евра дефиниран за оваа изборна реформа, со што ја тргаме вината од себе пред Брисел. Но, огромната сума од над 70 милиони евра сепак ќе остане замрзната во Брисел сè додека паралелно не се реши и правосудниот пакет.
Европската комисија функционира по строг принцип на условеност во клучниот кластер „Темели“ (Fundamentals). Ако паднеме на најважниот испит – правосудството – не можеме да ја минеме годината само затоа што сме донеле технички измени во изборните правила. Затоа, бараме итни гаранции од нашата влада дека ќе се однесува максимално одговорно и за другите клучни реформи – вклучително и четирите закони за правосудството кои бараат двотретинско мнозинство – за да не се изгуби ниту еден единствен цент од парите предвидени од Реформската агенда.
Што се однесува до суштинските политички измени во изборниот модел, ЛДП бара дијалогот меѓу партиите да продолжи веднаш по заминувањето на комесарката, со цел да донесеме правила кои ќе значат поголема правичност, отвореност, рамноправност и над сè – сувереност на народот. ЛДП не се откажува од своите црвени линии, кои се воедно и црвени линии на 1,5 милион граѓани во државата: една изборна единица и отворени листи.
Ќе продолжиме цврсто да инсистираме на нашите логични и корисни предлози, но во моментов, во овие неколку часа на одлука, не прифаќаме да се ставаат прсти во плиткиот џеб на нашите сограѓани кои живеат во Македонија. Никаков изговор од никого за негласање на овој предлог за техничките измени нема да биде прифатен од жителите на Македонија, затоа што секое кочење во овој момент директно придонесува за нивната сиромаштија. Време е за одговорност пред сопствениот народ!
ИЗЈАВА ЗА МЕДИУМИТЕ НА ИЛИЈА ЧИЛИМАНОВ, ЧЛЕН НА ИЗВРШНИОТ ОДБОР НА ЛИБЕРАЛНО-ДЕМОКРАТСКАТА ПАРТИЈА (ЛДП)
Скопје, 8 јули 2026 година







No comment yet, add your voice below!