Вредноста на гласот и принципот „Еден човек, еден глас“
1. Твојот глас не вреди исто. Време е тоа да се промени.
Замисли двајца гласачи. Еве како за пример да се земеме јас и ти. Јас живеам во една изборна единица, ти во соседната. И двајцата излегуваме на избори, и двајцата ставаме по едно ливче во кутијата. Но нашите гласови немаат иста тежина бидејќи бројот на пратенички мандати по единица не е сразмерен со бројот на регистрирани гласачи во неа. Резултат: мојот глас во едната единица може да “вреди” повеќе или помалку од твојот глас во другата, во зависност од тоа во кој дел на земјата случајно живеме.
И ова не е технички детаљ. Тоа е прашање на основен принцип, еден човек, еден глас, со еднаква тежина, без разлика каде живее. Со шест изборни единици, модел кој во моментов го имаме во државата, овој принцип постојано се нарушува. Со една единица за целата земја, аритметиката станува чиста: секој глас се брои еднакво, без разлика дали е даден во Гевгелија, Тетово или Куманово.
Крај на аритметиката на нееднаквите гласови
Со сегашните шест изборни единици, бројот на пратенички мандати по единица не е секогаш пропорционален на бројот на регистрирани гласачи во неа. Тоа значит дека гласот на граѓанин во една единица реално “тежи” поразлично од гласот на граѓанин во друга, не поради нивниот избор, туку поради тоа каде живеат. Една единица за целата земја го решава овој проблем со едно потег: секој глас се брои по истата формула, без оглед на регионот. Тоа е принципот “еден човек, еден глас” во својата најчиста форма.
2. Затворени наспроти отворени листи и моќта на гласачот
Кога партиите мора да заслужат секое место
Но проблемот не е само во распределбата на мандатите меѓу единиците. Проблемот е и во тоа што внатре во секоја единица, со затворени листи, местото на кандидатот на листата, а не гласот на граѓанинот, е она што одлучува дали тој ќе седне во Собранието. Партиското раководство ги подредува имињата, а гласачот може само да го одобри пакетот како целина. Кандидат број два на листата речиси секогаш влегува додека кандидат број дваесет никогаш, без разлика колку е способен или колку доверба ужива кај граѓаните.
Отворените листи го менуваат овој однос на моќ. Кога гласачите можат да гласаат за конкретен кандидат, а не само за партија, редоследот на листата престанува да биде пресуден. Кандидатите мора да излезат пред граѓаните, да објаснат што нудат, да ја заслужат довербата, не само лојалноста на партискиот врв. Тоа создава натпревар и меѓу кандидатите од иста партија, што партиите ги тера да го внимаваат квалитетот на секое име на листата, не само на првите неколку.
Гласот повторно е твој, не на партијата
Со затворени листи, гласачот бира партија, а партијата веќе однапред одлучила кој конкретно ќе ги добие мандатите, преку редоследот на листата. Тоа значи дека реалниот избор на пратеник се случува во партиските канцеларии, месеци пред изборниот ден, а не во гласачкото ливче. Отворените листи го враќаат тој избор кај граѓанинот: гласачот не само што бира партија, туку може директно да поддржи конкретен кандидат. Партиското раководство останува важно, но повеќе нема монопол над тоа кој влегува во Собранието.
3. Внатрепартиска конкуренција и елиминирање на манипулациите
Внатрепартиска конкуренција наместо внатрепартиска послушност
Кога местото на листата е она што одлучува, а не гласот на граѓанинот, кандидатите имаат интерес да бидат лојални кон партиското раководство, a тоа е патот до сигурно место. Отворените листи го менуваат овој стимул: кандидатите мора да се натпреваруваат едни со други, дури и во рамки на истата партија, за да ги убедат гласачите директно дека они се подобриот кандидат кој ќе ги преставува. Тоа создава притисок кон поквалитетни, поактивни и попристапни кандидати, луѓе кои знаат дека мандатот го добиваат од граѓаните, а не од редоследот на списокот одреден во некоја партиска канцеарија.
Полесен избор, поголема партиципација
Шесте изборни единици со текот на годините создадоа простор за расправи околу нивните гранични линии, расправи кои често се перцепираат како обид одредени партии да си обезбедат поповолен терен. Освен тоа, различните граници на единиците можат да збунат гласачи кои не се сигурни во која единица припаѓаат или зошто. Имаме многу случаи каде во исто населено место, во ист град, една страна на улицата припаѓа на една, додека другата страна на улицата на друга изборна единица.
Една единица за целата земја го отстранува овој извор на конфузија и потенцијална манипулација со граници, и го поедноставува целиот процес, граѓанинот гласа, без прашања за административни поделби.
Помалку простор за манипулација “одозгора”
Со шест одделни листи, партиското раководство има шест одделни прилики да “инженерира” резултати, да распредели “сигурни“ имиња (читај: лојално) таму каде победата е загарантирана, а понесигурни кандидати таму каде е потребна борба. Со една единица и отворени листи, овој простор за стратешко позиционирање значително се стеснува. Играта станува потранспарентна, бидејќи веќе нема шест одделни арени во кои раководството може тивко да ги прекроува исходите.
4. Предизвици, ризици и компромиси на реформата
Другата страна на приказната
Секоја реформа има цена, па и оваа не е исклучок. Поголема единица значи подолги, покомплексни листи со десетици имиња, што може да го отежни информираниот избор и да бара поголеми ресурси за кампања, предност за оние кандидати кои веќе имаат финансиска моќ или медиумска видливост. Постои и ризик регионалните гласови да се разводнат во поголемо море кандидати, така што локалните проблеми на помалите средини потешко ќе стигнат до Собранието. Овие ризици заслужуваат сериозна дебата при дизајнирањето на системот, но тие се аргументи за внимателна имплементација, а не причина да се одбие реформа која, во својата суштина, го враќа гласот таму каде што треба да биде: кај граѓанинот.
Сепак, реформата не е „бесплатна“
Секоја промена на изборен систем носи компромиси, паи оваа не е исклучок. Листа со десетици или стотици кандидати за цела држава бара многу поголема информираност од гласачите, тешко е реално да се процени секое име кога изборот е меѓу стотина луѓе наместо десетина. Отворените листи, исто така, бараат од кандидатите да водат индивидуални кампањи, а тоа фаворизира оние кандидати со повеќе пари и медиумска видливост, што може да ги стави во понеповолна положба помалку познатите или помалку „финансиски способни“ кандидати. Постои и ризик регионалните гласови буквално да се изгубат во едно големо национално море, односно локалните проблеми на помалите средини можеби потешко ќе најдат застапник кога сите кандидати се натпреваруваат на исто, национално ниво.
Овие ризици не се аргумент против реформата сама по себе, туку аргумент длабока анализа и креирање на внимателен дизајн на изборен модел, можеби со комбинација на механизми (на пример, финансиски лимити на индивидуални кампањи или задолжителна регионална дистрибуција на кандидатите на листите) кои би ги ублажиле негативните ефекти без да се откаже од основната придобивка: враќање на гласот таму каде што му е местото, кај граѓанинот.
5. Заклучок
Една изборна единица, отворени листи: враќање на изгубениот глас
Секои избори го слушаме истиот приговор/коментар: “Гласав, ама сепак влезе оној што партијата сакаше.” Тој приговор не е случаен, тој е логична последица на систем во кој шест изборни единици и затворени листи го одделуваат гласачот од резултатот. Прашањето дали Македонија треба да премине кон една изборна единица со отворени листи не е техничко прашање за изборно инженерство. Тоа е прашање за тоа кому всушност припаѓа моќта да одлучува за тоа кој ќе седи во Собранието, на партиските централи или на граѓаните.
Комбинирано, овие две промени, една изборна единица плус отворени листи, го поместуваат центарот на гравитација: од партиските централи кон гласачите. Гласот повторно почнува да значит избор, а не потврда на туѓа одлука.
За крај
Дебатата за изборен систем лесно се сведува на технички детали, формули, прагови, распределба на мандати. Но во својата суштина, оваа реформа е за нешто поедноставно а тоа е дали гласачот е центарот на изборниот процес или само публика на веќе донесена партиска одлука.
Една изборна единица со отворени листи можеби не е совршено решение, но секако е огромен чекор напред кон систем во кој гласот навистина значи избор.







No comment yet, add your voice below!