На жените во Македонија не им треба лицемерие и мртво слово на хартија, туку вистинска и навремена заштита.
„Почитувани претставници на владејачкото мнозинство, доколку во прашање беше заштита на вашиот криминал или пак начин како да исцедите некој денар повеќе од граѓаните, итно ќе свикавте седница на Собранието и за 2 часа ќе ги поминевте комисиите и пленарната седница. Сега, кога треба итно да се заострат казните за насилниците и да се воведе електронска нараквица за спас на човечки живот, од вас слушаме едно празно ‘ЌЕ’. Еве, кажете ни го датумот на тоа ‘Ќе’. Евтините лаги ‘се спрема закон…’, ‘поднесен е предлог…’, ‘во следниот период…’, повеќе не ви поминуваат ниту во јасли групите во градинките. Изгледа нема да дочекаме додека вие сте на власт, затоа што заштитата на жените и строгите казни за насилниците вам ви се на последно место“, вели во изјава за медиумите Цветанка Геговска, правничка и членка на Извршниот одбор на Либерално-демократската партија (ЛДП).
Додека жртвите живеат во страв, приоритет на Владата им е коалициониот партнер да држи предавања на Воената академија дека на жените им треба “машки надзор”, а секој што бара строги санкции и превенција на насилство да го етикетираат како “багра”.
„Со ваквиот однос не е ни чудно што не можете да најдете жени за министерските позиции и менаџерки на институции. За вас, очигледно, жените се граѓани од втор ред“, додава Геговска.
ЛДП бара веднаш да се воведе посебно законско дефинирање на фемицидот со најригорозни казни и итно пуштање во употреба на електронските нараквици за 24- часовен надзор на насилникот, особено во случаите со висок ризик.
„Насилниците мора да знаат дека секое прекршување на изречените мерки носи санкција, а институциите мора да понесат одговорност за секој пропуст во преземањето на дејствија. Доволно беше изрекување условни отпусти за тепачи и насилници, со што дополнително се мотивираат да го повторат делото, додека жртвите едвај собираат храброст да го пријават настанот. Животите на жените не се ничија сопственост ниту пак насилството е приватна работа. Престанете да се криете зад празни ветувања додека жените секојдневно страдаат. Вашата ароганција и тотална негрижа многу брзо ќе ви се вратат како бумеранг“, заклучува Геговска во својата изјава.






No comment yet, add your voice below!