Колку и да се фалите на домашните прес-конференции, на крајот оценката секогаш доаѓа однадвор – и таа е јасна, а за нас и брутална! ЛДП од Брисел дознава дека ЕУ на Македонија ќе и додели дополнително 10% средства од Планот за раст за Западен Балкан, а за Црна Гора и Албанија процентот ќе биде поголем – 15%!

Како тоа „шампионот во реформите во Европа“, како што владата упорно се претставува пред јавноста, не ги добива најголемите дополнителни средства од Планот за раст на Европската Унија, туку пред нас се и Црна Гора и Албанија со зголемување од 15%, додека за Македонија остануваат 10%? Нели бевме први? Нели бевме неприкосновени лидери во регионот?

По неодамнешниот извештај на Европската комисија, ова е уште една официјална потврда од Брисел дека оваа влада е обичен „тројкаш“ – не само што не сме први, туку сме трети, неспособни да испорачаме ниту половина од ветените реформи.

Наместо вистинска работа, сведочиме на целосна институционална немоќ во која власта не е способна ниту еден закон сама да подготви без да чека сè да ѝ биде укажано од Брисел што и како треба, додека клучните реформи – како Изборниот законик, едната изборна единица и отворените листи – намерно ги кочи со бесмислени изговори само за да не се донесат. Затоа, наместо да ги повлечеме сите 770 милиони евра што ни стојат на располагање, граѓаните добиваат само дел поради неспособноста на власта, на која уште треба да ѝ бидеме благодарни што не ни пропаднале сите пари.

Оваа влада доби „седи три“ – не е кец, но граѓаните на Македонија за своето трпение и жртва заслужуваат чиста петка, а не просечност и неспособност!

И токму затоа, од денес па натаму – немате веќе ниту еден изговор! Со овие дополнителни средства што пристигнуваат од Европската Унија, никому од власта да не му паднало на памет утре повторно да излезе и да каже дека „нема пари“ за законското усогласување на студентскиот оброк, дека „нема пари“ за лекови и терапија на Онкологија, или дека „нема пари“ за итно воведување електронски нараквици за заштита на жените жртви на семејно насилство! Парите сега ги имате на сметка – престанете со лажни алибија и веднаш испорачајте го тоа што граѓаните со право го бараат и го заслужуваат!

ПС. И да, ЛДП потсетува дека ЕУ ни е вистински пријател кој и ни доделува средства и купува наши производи, за разлика од некои други.

Recommended Posts

No comment yet, add your voice below!


Add a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *