За антифеминизмот, машката доминација и политичката одговорност на власта
Најопасните општествени идеи не се изговараат секогаш со омраза. Понекогаш се изговараат мирно и самоуверено, во името на традицијата, моралот и семејството.
Токму затоа настапот на Петар Богојески заслужува повеќе од телевизиска полемика. Во емисијата „Под лупа“ на ТВ Алфа, посветена на распадот на македонското семејство, претседателот на Македонски концепт тврдеше дека феминизмот ги навел жените да се однесуваат неадекватно и да го отфрлат машкиот надзор. Кога адвокатката Катерина Котеска го праша кој треба да ја надгледува неа, одговори дека тоа е нејзиниот сопруг, чија задача и обврска е токму тоа. Феминизмот го нарече „смрт за жените“.
По реакциите не се повлече. Во видеообраќање порача дека останува на ставот „на секоја жена ѝ е потребна машка поддршка“, а жените што го критикуваа, според него, реагирале емотивно.
Ова не е само поинакво сфаќање на бракот. Во таквата слика мажот е авторитет, а жената личност над која треба да се воспостави контрола. Тоа има име: патријархат. И не станува поприфатлив кога ќе се нарече поддршка, грижа или традиција.
Бракот не е старателство
Од каде произлегува идејата дека еден возрасен човек има право да надгледува друг возрасен човек? Од полот? Од бракот? Или од претпоставката дека жената е помалку способна сама да одлучува?
Со бракот никој не ја пренесува својата автономија на другиот. Сопругот не станува старател, надреден или морален инспектор на сопругата. Во рамноправниот брак постојат одговорност, доверба, договори и граници. Надзор има само таму каде што едниот се смета за овластен да управува со другиот.
Што всушност брани антифеминизмот
Антифеминистичката реторика често ја прикажува женската еманципација како извор на општествените проблеми: жените се изгубени и несреќни, а семејството се распаѓа затоа што тие станале премногу независни. Решението секогаш е исто: враќање на традиционалните улоги и на машкиот авторитет.
Но зошто жената која заработува, избира партнер и сама одлучува дали ќе остане во брак се доживува како закана за семејството? Затоа што нејзината автономија ја менува распределбата на моќта.
Феминизмот не бара нова хиерархија, со жените на врвот. Бара хиерархија меѓу половите воопшто да нема.
Неверството не е оправдување за насилство
Најопасниот дел од настапот се однесува на брачното неверство. Богојески постави реторичко прашање дали е насилство изневерувањето од сопругата или реакцијата на сопругот, па одговори дека реакцијата на мажот не е насилство, туку „реакција на заштита на неговото достоинство“. Не прецизираше на каква реакција мисли, но категорично ја отфрли квалификацијата насилство.
Токму во тоа е проблемот. Кога реакцијата не е определена, а однапред е ослободена од името насилство, останува порака дека сè што следува по изневерата може да се брани со машкото достоинство.
Изневерениот човек има право да биде повреден, лут и понижен. Има право да го прекине бракот. Но нема право да удри, да заплашува или да казнува. Изневерата е одговорност на оној што изневерил, а насилството на оној што го извршил. Тоа важи еднакво за мажите и за жените.
Секое „но“ по осудата на насилството ја префрла одговорноста врз жртвата. Жената тогаш станува одговорна и за своето однесување и за реакцијата на мажот.
Тука не станува збор само за морално прашање. Истанбулската конвенција, која ја ратификуваше и нашата држава, забранува културата, обичаите, религијата, традицијата или таканаречената чест да се користат како оправдување во кривична постапка, вклучително и кога жртвата наводно прекршила некоја традиционална норма.
Кога „поддршката“ се претвора во контрола
Во истото видео во кое зборува за машка поддршка, Богојески им се обрати на мажите што го критикуваа и како пример им ги посочи „нашиве соседи Албанциве што имаат контрола врз жените“. Според него, Албанците не им дозволуваат на своите жени да се брукаат по скопските кафулиња и улици.
Со тоа сам го кажа она што зборот поддршка требаше да го прикрие. Поддршката не се мери со тоа каде жената смее да оди. Ако контролата е пример за пофалба, тогаш не зборуваме за грижа, туку за власт над туѓиот живот.
Но тука штетата не застанува. Цела етничка заедница е сведена на стереотип, а албанските жени на доказ во туѓа расправа. Никој не ги прашал дали живеат под контрола, дали ја сакаат и што мислат за мажот кој нивното наводно потчинување го нуди како модел на другите. Албанските жени не се аргумент за македонскиот патријархат, исто како што македонските жени не се негов имот. Секоја од нив има право на истата слобода.
Има и уште нешто. Албанците во оваа држава не се само соседи на Македонците. Тие се сограѓани, а нивните жени се граѓанки со исти права. Ако контролата врз жените е лоша за едните, лоша е и за другите. Правата на жените не може да зависат од тоа на која заедница ѝ припаѓаат.
Традицијата не е аргумент за доминација
И економската зависност на жените, и нееднаквите брачни права, и нивното исклучување од образованието и политиката некогаш биле традиција. Долгото траење на една практика не е доказ дека таа е праведна.
Може да се негуваат семејството, грижата, солидарноста и верноста без патријархат. Но не може да се бара машки надзор над жената и тоа да се нарекува рамноправност.
Господине Богојески, неколку прашања
Дали навистина верувате дека жената е помалку способна од мажот да носи морални одлуки и да одговара за сопствениот живот?
Дали Вие би прифатиле друг возрасен човек да ги контролира Вашето движење, Вашите одлуки и Вашите лични избори затоа што смета дека тоа му е обврска? Или автономијата е право што го признавате само за мажите?
Според кои критериуми ја мерите женската адекватност? Според послушноста? Според подготвеноста да се прифати надзор?
А кога велите дека жените што Ви се спротивставија реагирале емотивно, дали воопшто останува некој начин жената да Ви противречи, а Вие да ја сфатите сериозно?
Имате право да ги застапувате своите ставови. Јавноста има исто толкаво право да ги оспорува, особено кога се однесуваат на достоинството, слободата и безбедноста на жените.
Зборовите на политичарот не остануваат во студиото
Богојески не е граѓанин што во приватен разговор споделува мислење за бракот. Тој е претседател на партија од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и доцент на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“.
Неговите пораки стигнуваат до девојчињата што учат каков однос да очекуваат од идните партнери и до момчињата што учат што значи да се биде маж. Стигнуваат и до жените во контролирачки и насилни врски, кои можеби токму сега се прашуваат дали она што им се случува е нормално.
Некој не мора директно да повика на насилство за да придонесе контролата врз жените да изгледа нормална. Затоа ова не е само прашање на личен вкус или на слобода на говор. Прашање е и на политичка одговорност.
Осудата е важна, но дали е доволна?
Жените од ВМРО-ДПМНЕ реагираа јасно, и тоа заслужува почит. Марија Митева, портпаролка на Владата и претседателка на Унијата на жени, ги нарече ставовите „понижувачки, ретроградни и опасни сфаќања“.
Нивната осуда покажува дека овие ставови се оспорени и во самата партија. Но работата не смее да остане само на соопштенија, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ и понатаму е во коалиција со нивниот автор.
Лидерката на ЛДП, Моника Зајкова, веќе побара премиерот да одговори дали ова е став на Владата.
Прашањето до Христијан Мицкоски е едноставно:
Дали Македонски концепт и Петар Богојески и понатаму се прифатлив коалициски партнер? Ако се, врз основа на кои заеднички вредности? Ако не се, какви политички последици ќе следуваат?
Прашањето добива уште една тежина откако лидерот на коалициски партнер ги користи Албанците како пример за контрола врз жените, а тоа го прави во држава со чија власт управуваат и албански партии.
Никој не бара некого да исклучи од политичкиот живот поради поинакво мислење. Се бара власта да каже дали сака да биде поврзана со идеи што ја доведуваат во прашање автономијата на жените. Политичките вредности не се докажуваат само со соопштенија, туку и со изборот на партнери.
Сигурниот маж нема потреба од надзор
Мажот не губи ништо од своето достоинство ако неговата сопруга е независна, ако нема последен збор во семејството или ако одлуките ги носи заедно со неа.
Кој сака партнерка, не бара подредена личност. Кој сака доверба, не воспоставува надзор.
А кој го чувствува својот авторитет загрозен од женската слобода, треба да се запраша врз што го темели: врз сопствениот интегритет или врз тоа што се родил како маж?
Слободата не е спротивност на одговорноста
Прашањето не е дали мажите и жените имаат одговорности во бракот. Секако дека имаат. Прашањето е дали тие произлегуваат од слободно избрано партнерство или од однапред зададена хиерархија меѓу половите.
Не ми треба сопруг да ме надгледува за да бидам морална, верна и одговорна. Исто како што на мажот не му треба жена да го контролира за да биде чесен, верен и ненасилен. Тоа се човечки квалитети, а не полови функции.
Можеме да дебатираме за кризата на семејството, за родителството и за верноста. Но не можеме да ја нарекуваме рамноправност идејата дека едниот партнер има право на надзор над другиот.
Жените не се помалку одговорни затоа што се слободни. Мажите не се помалку вредни затоа што не се надредени. А семејството не е посилно кога жената е потчинета, туку кога двајца слободни и рамноправни луѓе доброволно избираат да го градат заедно.
Затоа прашањето не е кој треба да ја надгледува жената.
Прашањето е зошто сè уште мораме да го објаснуваме ова, и дали власта е подготвена овие вредности да ги брани и со своите политички избори, а не само со зборови.
Наталија Велковска






No comment yet, add your voice below!