Додека Народна банка итно поставува привремена администрација и бара нов сопственик за колабираната Алта банка, македонските граѓани и фирми остануваат заложници на една опасна економска хаварија чиј главен архитекта е актуелната власт. Ова не е само обичен банкарски колапс, туку суров епилог на политички асистирани зделки и увоз на сомнителен регионален капитал од режимите кои секојдневниот живот на обичниот човек го претворија во преживување.
Власта која со црвен тепих ги отвори вратите за странски олигарси и експоненти блиски до туѓи центри на моќ, сега се крие зад независните институции и се обидува да ја измие сопствената одговорност. Додека граѓаните се лимитирани со скандалозни неделни ограничувања за сопствените пари и гледаат како им се руши финансиската сигурност, премиерот и министрите молчат како скаменети, бегајќи од секаков отчет.
Народна банка може да бара нови газди и да организира аукции за спасување на пропаднати банкарски мрежи, но на Македонија ѝ е потребен длабок ресет за ослободување на државата од заробените економски политики. Нема да дозволиме туѓите политички авантури и партиски лобирања да се прекршуваат преку грбот на македонските граѓани, ниту пак некој ќе се амнестира од политичка одговорност за овој економски цунами.
Либерално-демократската партија (ЛДП) бара итна и целосна финансиска ревизија, транспарентност за секој денар што влегол во овој сомнителен бизнис-модел и оставки од сите оние кои свесно замижуваа пред банкротот. Државата не е приватна играчка за забава на политички елити, а народот повеќе нема намера да ги плаќа туѓите економски бламажи со сопствениот опстанок!






No comment yet, add your voice below!