Трибината на Либерално-Демократската партија во полниот Битолски театар, во која и јас  членувам, ги размрда политичките кругови  во градот, изненади многумина, наведе на размислувања зошто се случува токму сега, покажа одредени трендови и добро ја раздрма заспаната политичка сцена. Изненадени беа многумина, само ние знаевме дека само ги бериме плодовите од нашата макотрпна работа.

И покрај многуте сомнежи, потценувања и подбуцнувања во изминатиот период, како либерал-демократи докажавме дека во Битола сме убедливо третата најсилна политичка опција, дека имаме поддршка меѓу граѓаните и дека за нашите идеи имаме респектабилен број на гласачи.

Организацијата на целиот настан, идеите кои беа пласирани, разновидноста на дискутантите, храброста отворено да се зборува за проблемите кои ги имаме како власт и маните кои ги практикуваме, само го потврди нашиот либерализам, слободата, и нашата демократичност. Сакаме и знаеме да критикуваме, ама сме спремни да прифатиме критика и да се поправаме, и тоа секојдневно.

ВО МИНАТОТО
Знаевме жестоко да се спротивставиме на владеењето на Талески, иако можевме и многу „поубаво“ да си поминеме. Го препознавме лажниот локал патриотизам, популизмот, лошото владеење. Бевме против приватниот паркинг, против покачувањето на цената на водата и ѓубрето, не ги гласавме новите имиња на улиците, први ја отворивме темата за загадениот воздух и први предупредивме за неговата смртност, го спречивме да купи кола од  илјадници евра, а да потсетам дека и не го гласавме сегашниот грб на Битола, сметавме дека нема ништо заедничко со Битола.

При крајот на мандатот на екс градоначалникот се накотија многу „борци“ за слобода, ама тоа го направија, откако искористија се што можеше да се искористи од претходната власт, си преспаја 10 години во своите ,,пештери“, и се излактија да стигнат во првите редови на оваа власт. За жал, добија и високи функции, ама за тоа и не се виновни.

ДЕНЕС
Сме дел од локалната власт и нема бегање од одговорност. Меѓутоа, како и во минатото, така и сега, ЛДП докажува дека знае да раководи со институциите кои и се дадени. Можеби не се доволни за нашиот капацитет, меѓутоа чесност, храброст, достоинство, знаење е карактеристика на сите наши раководители. Производство на сопствена електрична енергија во Пазари, нови машини, нови уредени градинки, нов начин на греење, нов ентериер, ново осветлување.

Учествуваме во обновата на Офицерски, во изградбата на стадионот, на пречистителната станица на Пелистер, на изградбата во Касарната, во реконструкцијата на Пазарот, Обиколницата, Полигонот, Детскиот парк,  Спортската сала, патишта и многу други работи во градот.

ВО ИДНИНА
Никој нема да ја има бланко поддршката од ЛДП. На трибината отворено зборувавме за некои слабости, а и во иднина тоа ќе го правиме. Само тоа мислиме дека е вистинскиот пат кон демократијата и подобра власт. Отворени сме за помош ама и за критика секаде каде што грешиме. Имаме доблест да прифатиме секаква критика. Затоа и размислуваме различно.

П.С. Вториот дел од слоганот на трибината, Либерално кон Европа произлегува од нашите цврсти уверувања дека, само таму и никаде на друго место е патот на Македонија. И покрај проблемите кои ги имаме во овој момент, ЛДП заедно со своите европски пријатели од АЛДЕ групацијата која е сега трета политичка сила во Европскиот парламент и има неколку европски премиери, размислува за Европа, размислува за човекови права, за дискриминација, за либерален пазар, за рамни даноци, за рамноправност, за правата на маргинализираните групи.    

Пишува: Валентин Груевски, претседател на Советот на Општина Битола и член на Извршниот одбор на ЛДП

Recommended Posts