Почитувани ,

Либерално-демократската младина во 2018-та година до Владата достави разработена иницијатива, која предвидува можност за субвенционирање на здрав оброк на секој студент.

Утре нашата иницијатива во форма на Предлог – Закон ќе биде поднесена до Собранието на Република Северна Македонија, при што очекуваме истиот да биде ставен на дневен ред, а потоа и да добие поддршка од сите пратеници.
Согласно предлог –законот, студентите за значително пониска цена ќе можат да се хранат во рестораните кои што ќе потпишат договор со Министерството за образование и наука за субвенционирање на студентскиот оброк.
Субвенционирани ќе бидат само здравите оброци, а од пакетот ќе бидат исклучени газираните пијалаци и брзата храна.
Право на субвенциониран оброк ќе имаат редовните студенти на додипломски студии на државните и на приватните универзитети, државјани на Република Северна Македонија, кои се регистрирани во системот.
Регистрирањето би се вршело после периодот на запишување на секоја студиска година, преку пријавување на телефонскиот број што го користи студентот и негово внесување во системот.
Субвенционираниот износ во сума од 120 денари дневно, ќе биде на товар на државата и ќе се исплаќа на давателите на услуги кои што услужиле студент, на почеток на тековниот месец за претходниот месец, по изготвена фактура од нивна страна доставена до Министерството за образование и наука.
Оваа можност студентите ќе имаат право да ја користат од понеделник од петок од осум часот наутро до 20 часот навечер. А истата нема да важи за време на зимскиот и летниот распуст, во празнични и во неработни денови.

Студентите се иднината на нашата земја, и заслужуваат да ги имаат истите придобивки како нивните врсници во Европа. Сите студенти имаат право на квалитетен живот.

Recommended Posts