Најновиот скандалозен потег на Владата за формирање на т.н. „Национален комитет за заштита и безбедност на новинарите“ е за неверување и за осуда. Наместо да обезбедат од владата владеење на правото, независни судски институции и ефикасна полиција која ќе ги апси криминалците и напаѓачите согласно постоечките закони, тие измислуваат нови паралелни органи и политичко старателство. Ова не е никаква грижа за медиумите, туку потенцијален Франкештајн чија скриена и единствена цел е контрола, цензура и задушување на слободата на говорот!

Какви црни владини комитети ви се во главата кога во една нормална правна држава безбедноста на секој граѓанин и новинар ја гарантираат МВР и независното судство? Зарем новинарите се беспомошна категорија на која ѝ треба политички громобран од извршната власт која секојдневно е прва на удар на критиките?

„Пристапот на Владата е целосно неприфатлив. Безбедноста не се гарантира со нови бирократски комитети, туку со ефикасна полиција, независно правосудство, навремени истраги и одговорност за секој што се заканува или напаѓа, без разлика на неговата партиска и професионална припадност. Тоа го нема на повидок и наместо тоа, новинарите добиваат привидно владино ‘старателство’“, порачува Александар Цветкоски, просветен работник, професор и член на Извршниот одбор на ЛДП.

Владата не смее да биде заштитник, бидејќи добро знаеме дека токму центрите на моќ и политичарите се најголемите „непријатели“ на слободното новинарство – било преку физички притисоци, игнорирање на прашања или користење на медиумите како машини за перење на политички скандали.

„Децата ги учиме дека државата и институциите ги штитат граѓаните подеднакво. Наместо да отвораат измислени комитети и да купуваат медиумска послушност, нека ги натераат МВР и правосудството да работат за сите подеднакво, а не само за партиските елити! Кој ќе ги штити граѓаните од загадениот воздух, високите цени, урбаната мафија и партиското цицање на државниот буџет? На новинарите не им треба владин старател туку слобода. На државата ѝ требаат суштински реформи, а не нови бирократски паравани за контрола“, додава Цветкоски.

ЛДП предупредува дека овој опасен преседан ги отвора ширум вратите за нови шлаканици и сериозни забелешки од Европската Унија во однос на медиумските слободи и владеењето на правото. Наместо евтини политички театри и нови досетки за оцрнување на критичарите, власта нека престане со етикетирање и нека ги остави новинарите слободно да си ја работат својата работа. Државата има закони – само треба некој да ги применува, а не да ги гази!

Recommended Posts

No comment yet, add your voice below!


Add a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *