Либерално-демократската партија (ЛДП), во соработка со во соработка со Европскиот Либерален Форум (ЕЛФ), Алијансата на либерали и демократи на Европа (АЛДЕ) и Мрежата на либерали во Југоисточна Европа (ЛИБСЕЕН), на 28 и 29 ноември во Скопје ќе биде домаќин на меѓународната конференција „Quo Vadis Europa 2026“, посветена на иднината на европското проширување и етапната интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија.
Конференцијата ќе собере пратеници, европратеници, политички лидери, истражувачи и експерти од повеќе европски држави, со цел да се отворат конкретни прашања за забрзување на европската интеграција и приближување на придобивките од членството до граѓаните уште пред формалното пристапување.
Првиот ден, 28 ноември, ќе го отвори претседателката на ЛДП и ЛИБСЕЕН, пратеничката Моника Зајкова, заедно со Балинт Ѓеваи од ЕЛФ. Во рамки на панелот, ќе се одржи и презентација на резултатите од истражувањето на ЕЛФ и ЛИБСЕЕН – „Подготвеност наспроти прагматизам“, предводено од потпретседателот на Либералната Интернационала, Емил Кирјас, како водечки истражувач и висок политички консултант на проектот. Кирјас ќе ги презентира наодите за ставовите на регионалните либерални лидери во однос на пакетот на Европската комисија, етапната интеграција и реформите со конкретни временски рокови, а ќе биде и модератор на повеќе дискусии во рамки на конференцијата.
Ќе се дискутира и за конкретните можности за рано вклучување во SEPA, „Roam Like at Home“/„Роаминг како дома“, европските транспортни и енергетски мрежи, како и европските одбранбени инструменти, со учество на претставници од Северна Македонија, Косово, Црна Гора, Хрватска, Унгарија и Европската Унија.
Вториот ден, 29 ноември, ќе биде посветен на владеењето на правото, институционалните гаранции и финансиската подготвеност за проширувањето. Меѓу учесниците ќе бидат секретарот за меѓународна соработка на ЛДП, Емир Ќориќ, пратеничката Маријана Пуљак од Хрватска, поранешниот црногорски министер за надворешни работи Миодраг Влаховиќ, српската пратеничка Андреа Беседес и Дејвид Чалмерс од Обединетото Кралство.
Завршниот дел ќе биде посветен на усвојувањето на Скопската либерална декларација 2026, која ќе ги содржи регионалните либерални предлози за иднината на европската интеграција и ќе биде доставена до Европскиот совет во декември. Свои обраќања ќе имаат европратеничката Ирена Јовева и потпретседателот на АЛДЕ, Малик Азмани, преку видеообраќања, како и претседателката на ЛДП, Моника Зајкова.
За ЛДП, европската интеграција не смее да биде бесконечно ветување и процес без рокови. Потребен е прагматичен и праведен пристап во кој реформите ќе се вреднуваат, а граѓаните ќе ги почувствуваат конкретните придобивки од Европа уште пред полноправното членство.
Скопје треба да биде место од кое ќе се испрати јасна порака: Западен Балкан не бара кратенки до Европа, туку фер можност, јасни правила и конкретни придобивки за граѓаните. Европа мора да почне уште денес!
Програма – QVE2026 Programme FINAL






No comment yet, add your voice below!