Бидна уште еден 4-ти Ноември, Битола е постара за една година, ама се уште е убава, се уште одушевува со својот сјај, со својата гостопримливост, со својата жилавост да биди место во кое секој кој дошол сака да се врати, да помине уште еден ден во неа.
Неколку изложби, спортски натпревари во куглање и шах, промоции на книги, свечена седница на Советот на која беа доделени наградите на најуспешните, за првпат доделени признанија за млади ученици и прекрасниот вокал на Зарина Првасевда и фантастичниот кларинет на Благојче Трајковски, беа работите кои за повеќемина го одбележаа празникот, 75 години од ослободувањето на Битола од фашистите.
ДЕМОКРАТИЈА ! И тука е големата разлика помеѓу режимот и оваа власт.
Она што би сакал во оваа прилика да го искоментирам и темата за која сакам да пишувам е еден транспарент (Каков воздух дишете лицемери), кој го прочитав при влегувањето во театарот. Група на граѓани, поддржани од дваесетина активисти на опозицијата, решија своето незадоволство од состојбата со воздухот во Битола, кој е загаден и претставува огромен проблем, да го искаже со неколку транспаренти и свиркања на луѓето кои влегуваа во салата.
За да не бидам погрешно разбран, апсолутно поддржувам секаков протест, во секое време и на секое место за каква било причина. Една од причините, за мене основна, поради која се боревме и сакавме да го смениме режимот е токму тоа. ДЕМОКРАТИЈА ! И тука е големата разлика помеѓу режимот и оваа власт. Десет години требаше во време на претходната власт да се организира некаков протест против власта, а токму тука е разликата помеѓу едните и другите.
На дечките кои го носеа транспарентот, кои повторувам, имаат апсолутно право да го прават тоа, некој требаше да им ги објасни следните факти.
После првата прес-конференција на една политичка партија на темата загаден воздух, а тоа беше на советник од ЛДП во градскиот совет, а сега претседател на партијата, поминааа три години за тогашната власт да признае дека воздухот е загаден. Повторувам, три години само за признавање. Во време на модерна технологија ова лесно се проверува.
Секојдневни беа прес-конференциите на кои не тераа ако воздухот не ни чини да дуваме во маглата, да не шириме паника меѓу населението, дека не постојат докази за поврзаноста на загадениот воздух со подмолната болест, а врв на се беше изјавата на претходниот градоначалник дека се е тоа божја волја и дека тие не можат на тоа да се спротивстават.
За 12 години, само во последната година и никогаш порано дадоа шест милиони денари за субвенционирање на печки на пелети. И ништо друго, освен среднорочни и долгорочни планови, многу потрошена хартија, се формираа тела што не донесоа никаква одлука, а јавноста се убедуваше дека нема ништо страшно. Ќе заборавев да напишам и дека Обиколницата беше 11 месеци затворена и сите транспортни автомобили, камиони, автобуси, комбиња поминуваа низ центарот на градот.
Лицемерие до бескрај и назад.
За разлика од тоа време, оваа власт признава дека воздухот е смртоносно загаден. Оваа локална власт за две години, субвенционираше велосипеди, печки на пелети, клима уреди во вредност од 5,5 милиони денари а до крајот на годината уште 2,5 милиони денари. За две години повеќе од нивните дванаесет години.
Оваа власт ќе вложи уште 2,5 милиони евра за инвертери за Битола. 2.500 семејства ќе имаат можност да го сменат системот на греење. Оваа локална власт ќе набави и четири еколошки автобуси и четири еко комбиња кои ќе ги вклучи во градскиот превоз. Одвоени се и 20 милиони евра за филтри за РЕК, ама не разбирам како можат да бидат пресреќни луѓето кои се ,,грижат“ за воздухот, ама ги радува тоа што тендерот пропаднал. Лицемерие до бескрај и назад. А би требало да се загрижени. Добро е да спомнам дека главната цевка на Гасоводот е пред Битола, а наредната зима, а зошто не и за 4-ти Ноември, најверојатно ќе бидат гасифицирани првите објекти во Битола.
За крај, една порака до младите загрижени дечки. Дечки, добра Ви беше пораката, ама требаше да биди стотина метри подолу, кај лицемерите кои Ви го напишаа транспарентот, таму ќе ги добиевте вистинските одговори.
П.С. Никогаш не сум ги сакал поделбите. Предавници и патриоти, Црни и бели, Муслимани и православни, Ниски и високи, Богати и сиромашни. Последниот обид на едно политичко здружение на граѓани, ден или два пред празникот, да не дели на битолчани и останати, се надевам е само несреќен, лошо смислен, малограѓански обид кој брзо ќе биде поправен.
Сепак сите сме само граѓани, со големо Г.
Пишува: Валентин Груевски, претседател на Советот на Општина Битола